Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Губиме половина од водата за наводнување поради стари хидросистеми и незнаење

Стории

Милиони и милиони кубни метри вода секоја година нерационално се трошат при наводнувањето земјоделски површини во Северна Македонија. Ако се знае дека повеќе од 60% од целокупната вода во државава се троши токму за оваа намена, а повеќе од половина од неа завршува во загуба, тоа доволно говори за негрижата кон најважниот ресурс од кој буквално зависи животот и храната на македонското население.

Неправилното користење на водата во наводнувањето, со климатските промени, во иднина ќе станува сè посериозен проблем, па експертите апелираат дека се потребни сериозни инвестиции за да се подобрат состојбите.

Ордан Чукалиев

Ордан Чукалиев / Фото: ФЗНХ

„Ние не можеме да кажеме ниту колку вода за наводнување користиме, а камо ли колку губиме. Верувајте, многу е неблагодарно да се каже. Ако ја вклучиме загубата од транспорт, до загубата на нива, би рекол дека 50% од водата за наводнување ја губиме“, објаснува професорот Ордан Чукалиев, кој предава наводнување на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.

Загубите на вода главно се случуваат од две причини – старите и несоодветни системи за наводнување низ земјата и неефикасното наводнување на самите ниви.

Во хидромелиоративните системи (ХМС), кои во најголем дел се градени пред повеќе од половина век, значаен дел од водата испарува поради отворената каналска мрежа. Дополнителни загуби има и кога водата стига до нивите дополнително поради видот на наводнувањето. Загубите просечно се движат од околу 50% кај наводнувањето со бразди, до 30% загуба кај наводнувањето со вештачки дожд. Водата најрационално се троши преку наводнувањето „капка по капка“, каде загубата изнесува околу 10%.

Чукалиев признава дека водата не се користи рационално, иако се прават напори за подобрувања. Тој посочува дека голем дел од земјоделците се веќе префрлени на системот „капка по капка“, но застареноста на ХМС и загубите на вода во каналската мрежа и понатаму е проблем кој никој не го решава. Преку реконструкција и замена на каналите од отворен тип со цевки, може значајно да се подобри рационалноста во користењето на водата.

„Под итно треба рехабилитација на системите за наводнување. Што побрзо почнеме, тоа побрзо ќе завршиме. Ќе се прилагодиме кон очекуваните климатски промени, кога ќе ни треба многу повеќе вода за наводнување. Рехабилитација според барањата на земјоделците. Тие треба да бидат во центарот. На тој начин ќе го зголемиме наводнувањето и производството на храна. Потребно е и промена на начинот на наводнување на нива, кон најсовремените начини на наводнување кои имаат најмали загуби. Ако ја намалиме загубата во каналската мрежа, и во нива, ние ќе имаме многу поефикасно наводнување. Ќе трошиме помалку вода, што ќе ни овозможи или да ги прошириме површините под наводнување, или таа заштедена вода да се понуди на другите сектори кои ќе бидат засегнати од климатските промени и ќе им биде зголемена побарувачката на вода“, вели Чукалиев.

Се плаќа по хектар, а не по реално потрошена вода

Дополнителен проблем во нерационалното користење на водата за наводнување е и начинот на кој се пресметува цената за оваа услуга. Водата се плаќа по единица површина и земјоделската култура која се одгледува, а не по потрошена количина. Па, така, без разлика колку вода ќе биде потрошена на одредено земјиште, трошокот кој се плаќа е фиксен.

Дел од ценовниците за наводнување во земјоделието на македонските водостопански претпријатија кои се објавени на нивните веб-сајтови

Дел од ценовниците за наводнување во земјоделието на македонските водостопански претпријатија кои се објавени на нивните веб-сајтови

Тоа е еден проблематичен сегмент до доаѓањето на цената. Нормално, кога не знаете точно колку вода се троши сето тоа влегува во некаква апроксимација. Цените се различни бидејќи секоја култура троши различно вода низ текот на годината, а цените пак се направени врз некое искуство и претходни истражувања, меѓутоа далеку од тоа дека се точни и сигурни и дека цената која ја плаќаме е соодветна на трошокот кој е направен за складирање на водата, нејзина дистрибуција и одржување на системите“, објаснува тој.

Водостопанските претпријатија за наводнување наплаќаат далеку од планираните приходи, а последниве години парите кои се добиваат по овој основ се во пад.

Според кварталните извештаи на АД Водостопанство на РСМ во 2019 година од наводнување оствариле приходи од 178 милиони денари, а минатата година заработиле 116 милиони денари. Според Буџетот за оваа година Друштвото планира 233 милиони денари приходи од наводнување.

АД Водостопанство на Северна Македонија не одговори на прашањата на Радио МОФ до објава на текстот.

Во моментов во земјава се прават неколку инвестиции за подобрување на системите за наводнување. Во завршна фаза е системот за наводнување „Јужна вардарска долина“ за наводнување нови 2.150 хектари земјоделско земјиште. Се работи и на втората фаза од Хидросистемот „Злетовица“, со која треба да се обезбеди вода за наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште во општините Пробиштип и Кратово. Планирана е и изградба на хидросистемот „Лисиче 2“ кој треба да обезбеди наводнување на околу 5.000 хектари земјоделска површина во велешкиот регион.

Нерегистрираното наводнување повисоко од регистрираното

Според Државниот завод за статистика во 2013 година наводнувани биле скоро 74.000 хектари, додека во 2016 година оваа бројка пораснала на 84.000 хектари. Според податоците, пак, од Годишниот земјоделски извештај за 2019 година од АД Водостопанство на РСМ, и Јавните претпријатија „Стрежево“, „Лисиче“ и „Злетовица“ наводнувани биле нешто над 24.000 хектари во рамки на системите за наводнување.

Ова значи дека околу 60.000 хектари земјоделска површина се наводнува на друг начин. Земјоделците често се принудени да копаат бунари поради запуштените ХМС. За овие објекти не постојат податоци ниту колку е нивниот број, ниту колку вода користат, а голем број од бунарите никогаш не се пријавени за да се избегнат давачки.

Според Чукалиев земјоделците ги граделе овие бунари од неопходност, за да обезбедат производство. Според одредени претпоставки има преку 6.000 бунари за наводнување само во ресенскиот и преку 10.000 во струмичкиот регион. Но бидејќи не постои регистар на бунарите, никој со сигурност не може да каже каде се наоѓаат или пак дали се изградени на места каде што не смеат да се градат, како на пример на локации каде што веќе постојат ХМС.

„Дека [бунарите] постојат – постојат, дека треба да бидат легализирани – треба. Согласен сум и дека можеби земјоделците треба да плаќаат и за таа вода која ја користат. Но, не се согласувам да ги обвиниме земјоделците дека криминално се однесувале кога го правеле тоа, бидејќи тие се борат за својот опстанок, а во крајна линија и целото население на Македонија кое е засегнато дали ќе има или ќе нема храна. Не поддржувам, но не ни обвинувам, затоа што никој не би инвестирал толкави пари доколку не бил во зорт“, посочува Чукалиев.

Системот за наводнување „Јужна вардарска долина“ кој според властите е во завршна фаза / Фото: АД Водостопанство

Системот за наводнување „Јужна вардарска долина“ кој според властите е во завршна фаза / Фото: АД Водостопанство

Иако вели дека сумата која се собира од давачките за наводнување е недоволна, тој вели дека решението не треба да се бара во покачување на цената, која според него и сега е висока за земјоделеците. Решението, потенцира, треба да се бара во намалување на загубите на водата при преносот и на нивите и зголемување на опфатот на ХМС.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање ни одговорија дека од 2011 до денес имаат регистрирано околу 400 бунари за кои има остварено водно право на територијата на Северна Македонија. Бунарите припаѓаат на четири речни слива: Вардарски, Црнодримски, Струмички и Јужно Моравски.

„Бунарите се регистрирани за различни потреби а не исклучиво за навооднување на земјоделско земјиште. За издвојување на посебен податок кој што го барате потребно е малку повеќе време за да се сумира од нашата база на податоци, но би сакале да напомене дека тој податок се менува и варира бидејќи имаме и достаточен број на издадени дозволи за водно право кои во одредени периоди не се користат, а постојат и бунари во домаќинствата кои не надминуват капацитет од 10 м3 и за кои не треба дозвола“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат и дека со поддршка на Владата на Швајцарија започнале со имплементација на проект за изработка на национален регистар на подземни води со кој велат дека ќе се обезбеди одржливо управување, вклучително и идентификација, употреба, заштита и следење на подземните води на национално ниво на целата територија на државата.

Фејсбук за земјоделци

Уште едно решение за порационалното користење на вода во земјоделството се и едукацијата и дигитализацијата.

Потребен е систем преку кој може брзо и лесно да се стигне до голем број земјоделци за нивна обука за современите техники за наводнување: кога да се наводнува, колку вода е потребно, здравјето на почвата, заштита од салинизација на земјиштето, намалување на ерозијата…

Според Чукалиев сегашниот систем за поддршка на земјоделците не е доволно ефикасен и потребно е да се направи нешто поиновативно. Еден од предлозите кои ги споменува се „дигитални советници“ во земјоделството, кои преку прашања-одговор можат да го дијагностицираат проблемот и да понудат решение.

„Можеме да направиме и систем за пренос на знаење во земјоделството – нешто како Фејсбук за земјоделци, каде тие ќе можат да комуницираат меѓу себе, да разменуваат знаења, да пренесат искуства, а експертите да се вклучат во оние проблеми кои се покомплексни, понерешливи, каде другите луѓе немаат искуство да пренесат. Постојат начини како да се стигне до голема група на луѓе и да се покачи нивото на нивно знаење“, објаснува професорот додавајќи дека паралелно не смее да бидат заборавени и традиционалните техники, како фармерски училишта, посети, експериментални фарми за тестирања и слично.

Неодамна Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) имаше повик за стартапи на тема „Дигитализација на земјоделството“. Финансирани ќе бидат четири проекти меѓу кои и „FIELLDTEQ“ – дигитална земјоделска мултијазична платформа и мобилна апликација, потоа конструкција на дрон за набљудување, мерење и аналитика и „Центар за дигитално земјоделство“ кој ќе нуди едукација, консалтинг и агротехнички услуги за извршување на прецизни операции со користење на беспилотно летало.

„Дигиталното земјоделство идеално води кон економски раст со тоа што им овозможува на земјоделците да извлечат максимално производство од својата земја. Навремените и точни информации придонесуваат кон донесување на правилни и навремени одлуки што резултира со успех во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи“, стоеше во повикот на ФИТР.

Минатата година беше доделен и иновациски ваучер на компанијата „СИМТ ДООЕЛ“ за развој и калибрација на “low -cost” сензори за определување на времето и количината на вода за наводнување на почвата.

Даниел Евросимоски

*Со овој прилог, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Сторијата е оригинално објавена на РадиоМОФ.
Оригинално објавено на:

РадиоМОФ

Датум

16 јули 2021