Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Како да се спрeчи загадувањето од рудниците?

Стории

Македонија се смета за земја која е релативно богата со руди и минерали. Геолошките истражувања покажале дека во почвата има присуство на повеќе видови природни суровини, вклучително скапоцени минерали како злато, железна руда, сребро, бакар, манган и олово. Ваквото богатство од пред неколку години го сврте вниманието кон концесиите поради високата цена на светските берзи, а чие технолошко производство е ризик по животната средина.

Токму прашањето како да се спречи загадувањето од рудниците, беше главната тема на отвореното онлајн предавање што го организираше Mладинскиот образовен форум, во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сѐ“.

Фотографија: архива на doma.edu.mk

Јаков Тушевски, студент по биологија истакна дека ние како држава сме многу зависни од рударството и затоа не е разумна опција да го прекинеме истото се дури не се потрошат тие ресурси, но според него, тоа треба да се прави многу разумно и од аспект на животната средина. Според него, последиците кои можат да произлезат од рударството се ерозија, менување на воден режим, загадување на водата и почвата, влијанието врз животните и растенијата, како и човековото здравје.

„Потребно е да се подобри некоординираниот инспекциски надзор, односно потребно е Министерството за економија да има инспекциски надзор, државните инспекторати за техничка инспекција и за животна средина и на крај МВР. Воедно, потребно е да се крене свеста за рудниците за да може самото локално население да процени дали сака или не сака такво нешто”, истакна Тушевски.

Загадувањето на животната средина и загубата на останатите ресурси зависи од материјалите што се вадат, нивната понатамошна обработка и методите на нивната екстракција, смета студентот по географија Дарио Стојановски во врска со распространетоста на минералните суровини во Македонија.

„Некој од честите влијанија кои што може да ги имаме се хемиско загадување на површинските и подземните води и почвата, појава на бучава, вибрации на прав, влијание на хидролошкиот режим на водните тела, пренамена на земјиштето и неговото трајно уништување, закана за биолошката разновидност итн”, истакна Стојановски.

Фотографија: Архива на razbistri.se

Најавата за изградба на рудници во југоисточна Македонија, пред неколку години ги натера граѓаните преку референдуми да се борат против отворање на нови рудници. Беа распишани шест референдуми против „рудниците на смртта“. Успешни беа во Гевгелија, Дојран и Богданци, а неуспешни во Валандово, Босилово и Ново Село. Еколозите тогаш предупредија дека отворање на рудници во овој дел на Македонија ќе значи загадување на воздугот со прашина од арсен, талиум и сулфурни киселини, загадување на водите и на почвата, а целиот овој регион живее главно од земјоделство.

Проблемот со концесиите за можно отворање на рудници во овој регион е начинот на експлоатацијата на земјиштето – отворен ископ и вадење на металите со постапка на лужење, кое подразбира употреба на цијанид или сулфурна киселина. Тоа значи уништување на огромни шумски површини и потенцијална опасност за сериозно загадување на воздухот, водите и земјиштето.

 

Новинарка: Ивана Рамаданова
Архива: doma.edu.mk и razbistri.se

Датум

19 март 2021