Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Концесии за минерални суровини се одземаат, ама тешко оди наплатата на парите

Стории

Повеќе одземени отколку доделени концесии за експлоатација минатата година. Од Министерството за економија уверуваат дека ставаат ред во бизнисот со минерални суровини. По притисокот од граѓанската алијанса „Разбистри сè“ и сериозните забелешки од Државниот завод за ревизија, зајакнаа контролните надзори дали се почитуваат преземените обврски. Лани се одземени 12 концесии, од кои 10 заради непочитување на договорот и 2 заради истек на важноста. Во исто време се доделени 8 концесии за експлоатација, како и дополнителни 7 за детални геолошки истражувања.

„Од тие 10 што се одземени, има поради неплаќање на концесиските надоместоци, поради непочнување во законски рок со работа, недоставување на геодетски елаборати, разни вакви причини за одземање на концесиите. Ако дозволата е земена поради неплаќање концесиски надоместок, тогаш се одзема и потоа ние по службена должност бараме – тие сепак ќе ги плаќаат надоместоците, дали преку Правобранителство, дали преку суд, извршител, но плаќањето ќе се изврши, а концесијата му се одзема“, вели Јетон Кучи, раководител на Секторот за минерални суровини во Министерството за економија.

Во моментов, во земјава се активни околу 350 концесии за минерални суровини. Токму неплаќањето на надоместоците, што резултира со помалку пари во буџетот, беше главната забелешка на државниот ревизор. Од 2016 до 2020 година, наплатата била пониска за цели 33 милиони денари, додека 695 милиони денари биле инкасирани со задоцнување и без да се наплати камата. Откако ревизорите нотирале дека нема ниту долгорочно стратешко планирање и институционална соработка, биле зајакнати и вонредните инспекциски надзори.

„Од страна на Министерството за економија побарано е од Државниот инспекторат за техничка инспекција да се извршат 22 вонредни инспекциски надзори, каде што ги имаат направено тие инспекциски надзори и каде што е констатирано недостатоци, со решение ги задолжиле да ги тргнат тие недостатоци при работењето. Од страна на УЈП се побарани 43 вонредни инспекциски надзори, од кои на 25 е констатирано неплаќање на концесиски надоместок или помалку платен концесиски надоместок и се задолжени да го платат истиот, заедно со затезната камата“, објаснува Кучи.

Министерството за економија досега завршило половина од предвидените 22 правилници кои што треба да ги допрецизираат правилата на игра и да ги подобрат состојбите во оваа сфера. Правилниците треба да ги опфатат сите аспекти – и за работењето на концесионерот и за заштита на животната средина. Но, тоа е само врвот на сантата мраз. Поради недостаток на пари и опрема, нема ефикасен контролен механизам. А, и кога ќе се утврдат неправилности во некои надзори, не се прават секогаш контроли дали се тие отстранети.

„Тоа е само со екипирање и со зголемување на вработеноста кај инспекторите, бидејќи имаме многубројни концесии, а мал е бројот на инспекторите, но тоа е за екипирање и нови вработувања за да бидат покриени сите концесии“, смета Кучи.

Во однос на одобрените концесии, Кучи вели дека за секое барање се прави теренски увид и се бара мислење од сите надлежни органи. Потоа се формира владина комисија и се објавува јавен повик. Пред да добие дозвола, концесионерот мора да има одобрена студија или елаборат за оценка на влијанието врз животната средина, во зависност од капацитетот на просторот и концесијата. Но, она што е напишано во законот тешко се спроведува во пракса поради слабиот капацитет за надзор. Министерството за економија лани одржало координативен состанок со Инспекторатот за техничка инспекција и со УЈП за како да се подобри контролата, но застанато е само на меморандум за соработка и засега нема никакви конкретни активности.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажер: Борче Крстевски

Датум

17 февруари 2022