Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Македонските шуми се пустошат – пуста е и надежта дека некој ќе ги заштити!

Стории

Јавна тајна е дека шумите во земјава не се поштедени од криминал, кој, за жал, освен економски реперкусии, има и непроценливи последици по нашето и здравјето на идните генерации. Експертите од областа избегнуваат да коментираат чија е одговорноста потенцирајќи дека проблемот е обемен, а надлежностите за негово решавање се испреплетени.

Неминовен факт е дека нелегалната сеча претставува сериозен и долгорочен проблем. Процените се дека обемот на нелегално исечено дрво во Македонија се движи од 25-30% од вкупно исечената дрвна маса во определена година. Во периодот од 2008-2017 година вкупната бесправно исечена дрвна маса изнесува 169.206,44 м3, велат податоците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според најновиот Извештај за состојбата на животната средина, во изминатата, 2020 година на ресорното министерство штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2019 година се зголемила 3,9 пати. Штетата во 2010 година била најмала и изнесувала 11.557 м3,а го достигнала пикот во 2019 година, со вкупна исечена дрвна маса од 45.795 м3.

Извор: Извештај на МЖСПП

Разгледувано по региони, во вкупната бесправна сеча на ниво на држава, најголем удел има Скопскиот регион, кој се движи помеѓу 28,4% (2011) и 80,8% (2016), по кој следува Пелагонискиот регион. Важно е да се напомене, дека во 2019 година, голем удел во вкупната бесправна сеча на ниво на држава, 54,1%, се забележува во Југозападниот регион, кој вообичаено во останатите години имал удел помеѓу 2,8% и 14,6%, се наведува во Извештајот.

Голем број истражувања, анализи, кампањи го потенцираат проблемот!

„Од 2001 година па наваму, државата е на удар на ‘шумската мафија’, чија криминална активност е проценета на приближно 60 милиони евра на годишно ниво“, се наведува во најновото истражување на Центарот за европски стратегии „Евротинг“, кое се фокусира на формите и моделите на организиран криминал во бесправната сеча во Македонија.

Од МЗШВ велат дека изминатата година Програмата за проширена репродукција на шумите за 2020 година била стопроцентно реализирана низ целата држава со средства во вкупен износ од 12.675.000,00 денари, или поконкретно биле пошумени 70 ха земјиште.

Но дали токму оваа програма на надлежните е доволна да се компензираат сите штети што дивата сеча ги предизвикува „без пардон“ кон животната средина? Дали пошумените површини ќе го смират револтот што го предизвикуваат голите брда на нашите планински убавици додека дрвокрадците поминуваат со ниски или без никакви санкции?

Се разбира дека не, бидејќи потребни се некогаш дури и 100 години за новозасадените дрвја да го дадат истиот ефект како дрвјата што безмилосно се сечат, потсетуваат експертите.

„Постојат неколку видови сеча, кои влијаат врз брзината на растење и влијанието на кореновиот систем врз почвата. Доколку шумата се обновува од изданоци од постојниот корен, тогаш таа побрзо расте и ги задржува позитивните влијанија на коренот врз заштитата на земјиштето од ерозија. Што се однесува на возраста, поголемо врзување на СО2 се случува кај млади шуми (со нивното растење задржуваат повеќе СО2) отколку кај повозрасните шуми. Ефектите, од естетски и туристички аспект, секако се поголеми кај возрасните шуми“, појаснува професорот д-р Љупчо Несторовски од Факултетот за шумарски науки.

А всушност дали знаеме со каков шумски фонд располагаме за да го штитиме?

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не води посебен катастар на шуми и шумско земјиште, туку во соработка со Агенцијата за катастар презема катастарска евиденција, која се користи за изработка на посебните планови за стопанисување со шумите, во кои се одвојува државната од приватната шума врз основа на сопственост, појаснуваат од МЗШВ.

Експертите потсетуваат дека државата нема направено попис на шумскиот фонд од 1979 година, поради што не се знае со колкави шумски пространства располага нашата земја.

„Пописот е статистичка операција со која се утврдува што поседуваме. Какви видови шуми, со какви дрвни видови, колкава е нивната површина и дрвна резерва, колку годишно прираснува шумата, колку и од кои видови се сече на годишно ниво итн. Ако не ги знаеме овие податоци, не можеме да планираме активности за заштита, пошумување, сечење, отворање патишта и сл. Согласно со Законот за шуми, се подготвуваат 10-годишни планови за стопанисување со шумите, и одредени податоци постојат, но методите на собирање на овие податоци не се во согласност со модерните технологии за далечинско (сателитско) детектирање, ГИС и нема заедничка база на податоци“, вели професор д-р Несторовски.

Каде е коренот на бесправната сеча?

Истражувањето на „Еуротинг“ детектира два клучни фактори што се двигатели на бесправната сеча: сиромаштија и лошото стопанисување.

„Најзагрозените граѓани се во дополнителен ризик од судир со законот и запленување на дрвата купени од дрвокрадците, за релативно пониска цена. Од друга страна, пак, предизвикот со стопанисувањето со шумите е резултат на повеќе фактори како недостиг од човечки ресурси и соодветна опрема на шумочуварите, преклопување на институционалните ингеренции и несоодветен надзор“, стои во истражувањето.

Професорот Несторовски потенцира дека нелегалната сеча на шумите е рак рана на шумарството и, како што вели, ако продолжи со ова темпо, многу брзо ќе загубиме неповратно голем дел од шумите.

Како причини за тоа ги наведува:

-социјалната состојба на населението;

-лошата организациска поставеност на секторот шумарство;

-слабата организациска моќ на ЈП „Национални шуми“, поранешно „Македонски шуми“ (структура на вработени, недоволна опременост, недоволна стручна екипираност – околу 700 од околу 3.000 вработени се шумарски инженери и техничари, останатите се административци, во последните 20 години само 4 години генерален директор е шумарски инженер. Претпријатието има внатрешен конфликт на интереси, од една страна треба да ги штити и унапредува шумите, од друга страна оставено е на самофинансирање и служи како социјално претпријатие за вработување и обезбедување евтин енергенс во изборни години.

„Недостигот од суровина (поради претходно наброените) доведува до поголема побарувачка, која т.н. шумска мафија ја користи за нелегални сечи. Се работи, според непотврдени извори и процени, за суми од околу 15 милиони евра на годишно ниво“, појаснува Несторовски.

Во прилог на ова говори и планинарот Јоже Карловски од планинарското здружение „Трансверзалец“.

„Потребна е пред сѐ желба на надлежните, но и средства од државата за да се реши проблемот со пустошење на шумите. Според мене, главен проблем е недомаќинското работење на ЈП „Национални шуми“ во однос на пустошот на Шар Планина. Сметам дека немањето контрола од соодветните органи и самоволието на локалците, но и несоодветната казнена политика се мотиви ова да продолжува, но мора да нагласиме дека и државните служби не се соодветно опремени и платени да ги чуваат убавините што ни ги дала природата“, смета тој.

Законска рамка за бесправно сечење на дрвата постои, но колку во неа се провлекуваат кај нас одомаќинетите „дупки во законот“?

Очигледно многу, бидејќи за ова кривично дело бројот на покренатите постапки против сторителите е поразително низок, алармираат упатените во областа.

Истражувањето на „Евротинг“ покажува дека шумската полиција во периодот од 2010-2020 година има поднесено вкупно 43.120 извештаи за нелегална сеча и 7.734 пријави, а има запленето повеќе од 26.000 метри кубни дрвна маса во последните 10 години.

Државниот инспекторат за шумарство и ловство, пак, во текот на 2020 година има реализирано 2.222 инспекциски надзори (од кои 1.276 редовни инспекциски надзори, 747 вонредни и 199 контролни инспекциски надзори).

Од сите овие надзори изминатата година произлегла само една кривична пријава за пустошење на шумите во Кичево и шест прекршочни пријави, информираат од МЗШВ.

Во 2014 година МВР, во соработка со редица надлежни, ја почна оперативната акција „Гора“, чија цел е борба против криминалот поврзан со бесправна сеча, уништување на шумите и трговија со огревни дрва. Од почетокот на оперативната акција поднесени се вкупно 1.334 кривични пријави против 2.204 сторители, а вкупното количество дрвна маса од 97843 м3 е одземена. Материјалната штета се проценува на повеќе од 335 милиони денари.

Извор: Истражување на „Евротинг“

Сепак постои длабок диспаритет во бројот на поднесените кривични пријави и покренатите обвиненија, велат експертите.

Извор: Извештај на МЖСПП

Оние што директно или индиректно стојат зад нелегалната сеча очигледно се далеку од поимањето дека моќта на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот е и национално наследство. Затоа идејата е да се потенцира проблемот, кој за многумина е апсурден, затоа што шумата е „нешто што ќе порасне“. Но кој ќе ја плати цената додека да се развијат нови шумски пространства? Одговор треба да дадат конкретните акции и реакции на надлежните!

          Х.С.

(Со овој прилог, МКД.мк се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.)

 

Веста е оригинално објавена на МКД.мк.

Оригинално објавена на:

МКД.мк

Датум

24 јануари 2021