Тетовецот Бошко Видоески своето слободно време често го поминува планинарејќи по недопрената природа на Шар Планина. Го исполнуваат величествените видици, ги чисти белите дробови од градскиот смог и пие бистра, чиста изворска вода која знае да врати во живот после напорна тура до некој од најубавите македонски врвови.
Но, последниве години на планината е сè потешко да се најде нешто недопрено. Дивата сеча е стар проблем, а во последно време се наметна и друг, можеби уште поголем – мали хидроелектрани кои како печурки никнуваат на буквално секоја рекичка на шарпланинскиот масив.
„Воопшто не е пријатно кога во претходно недопрена природа пред вас ќе се појави бетонско здание“, вели Видоески.
Беловишка, Вратничка, Лешочка, Љуботенска, Боговињска, Јеловјанска, Маздрача се само некои од реките каде се изградени, се градат или се планираат најмалку 25 мали хидроелектрани. Една од најстрашните глетки можат да се видат на најголемата – реката Пена, во месноста Лешница.
Видоески вели на оваа локација реката е „сардисана“ од неколку мали хидроелектрани. Кракот од Пена, кој поминувал под некогашната рибарска куќа, веќе не постои. Од подрачје пребогато со вода, во кое некогаш се ловеле риби, овој дел на Лешница, вели тој, буквално е оставен без река.
„Природата е практично силувана таму каде што се гради. Сликата е трагична: купишта бетон; реки заробени во цевки, а останатите кои биле опфатени со градежен зафат се речиси пресушени. Разбиени се нови патишта за пристап на механизација, исечени се шумски подрачја за нив – тоа повлекло и неброени нови ерозивни подрачја. Уништени се природни тревни површини кои сега се заменети со песок и камења, осакатен е биодиверзитетот – од живеалишта и ресурси за животните, па сè до пореметен баланс и за флората“, објаснува Видоески.
„Спас за Лешница“
Стотици локални жители, активисти и планинари на крајот на минатата година одржаа протест обединети под Иницијативата „Зелен фронт против мали хидроцентрали“. На една од локациите каде се гради мала хидроелектрана, меѓу купишта песок и цевки и со прекрасна шума зад нив, тие го истакнаа транспарент „Спас за Лешница“. Велат дека местата каде некогаш течеле бујни планински реки сега се суви камења бидејќи водите се напикани во километарски цевки.
„Не треба многу фантазија за да се заклучи како ваквите состојби влијаат на животот на планинските села кои грчевито се борат да опстанат во и онака сурови услови, а сега се оставении без вода за пиење и за наводнување или пак таа е недоволна и често заматена и не е за употреба“, објаснуваат од Зелениот фронт против мали хидроцентрали.
Тие стравуваат дека сите овие инфраструктурни узурпирања на природата во иднина можат да претставуваат опасност и за водата за пиење која ја користи Тетово и околните места.
„Впрочем, погледнете колкупати се случи само за последниве 4-5 месеци Тетово да има проблем со водоснабдувањето, кое, барем делумно е предизвикано од заматувањето на изворот на Лешница, која е на само 50 метри од градилиштето на мала ХЕЦ. Некој го дозволил тоа. Граѓаните, ако не сега, многу скоро ќе разберат кој и зошто ја узурпира нивната вода, а доколку има револт, ние секако ќе го поддржиме“, додаваат од Иницијативата.
Адвокатката и активистка Евгенија Крстевска од проектот „Water4changes“ смета дека Владата во најкус можен рок треба да ги раскине доделените концесии за неизградените мали хидроелектрани. За хидроцентралата бр.84 во Лешница, пак, бараат да се стопира изградбата, да се поништи дозволата за градба и да се раскине концесионерскиот договор. Во меѓувреме, додава таа, со одлука на Влада треба да се утврдат заштитени зони на изворите кои се користат за водоснабдување на Тетово и околните места во регионот на Шар Планина.
„Од големо значење за населението во тој регион е да се заштити правото на пристап до безбедна вода за пиење, кое што во ниту еден случај не смее да биде оневозможено поради изградба на мали хидроелектрани“, вели Крстевска.
Инвеститорите тријат раце
Интересот за градба на малите хидроелектрани главно лежи во повластените тарифи кои ги добиваат за производство на струја. Малите хидроцентрали придонесуваат во националниот енергетски систем само со околу 4,6% од вкупното производство, а годишно се субвенционирани со над 13 милиони евра. Средства кои директно се наплаќаат од сметките за електрична енергија на граѓаните.
„Без овие субвенции, тие се економски неодржливи и во никој случај не придонесуваат кон енергетската сигурност во државата. Решенијата предвидени во Законот за води и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство овозможуваат јавноста да биде исклучена или ”заобиколена” во овие постапки што овозможуваат „полесен“ пат на инвеститорите до концесиите и потребните дозволи за изградба на мали хидроелектрани“, вели Крстевска.
Таа додава дека доколку продолжи експанзијата на малите хидроелектрани властите не само што не го заштитуваат интересот на граѓаните, туку се и соучесници во богатењето на индивидуи преку директно уништување на природните богатства.
И од Иницијативата Зелен фронт против мали хидроцентрали се сомневаат дека зад целата оваа експанзија на оваа инфраструктура лежи желбата за профит.
„Во целиот процес, тежок често и во милиони евра, има пари и за инвеститорите, и за банкарите и за градежните компании кои ги градат, како и за операторите кои добиваат најповолни повластени тарифи од државата, поточно од нас, граѓаните, преку нашите сметки за струја. Колку во таа спрега има и корупција во делот на државните органи кои ги издаваат дозволите и ги даваат одобренијата, тоа е на надлежните истражни органи да утврдат“, посочуваат.
Тие лани и преку онлајн петиција побараа од Владата да се стопира градбата на проблематичните хидроелектрани на Пена во Лешница, но и да ги преиспитаат политиките на фаворизирање мали хидроелектрани како главен фокус на обновливите извори на енергија.
Засега велат дека уште немаат добиено формален одговор од власта. Но, ги држат за збор. Владата во својата Програма има изречно наведено дека „воведуваат забрана за градба на хидроелектрани во Национални паркови и заштитени подрачја“.
За влијанијата на малите хидроелектрани врз водите нема научна студија
Според Студијата за валоризација на Шар Планина, објавена минатата година, со која се предлага формирање Национален парк, досега на целата Шара има околу 70 локации каде се изградени, се градат или се планира градба на мали хидроелектрани.
Во предложеното подрачје на она што ќе биде идниот Национален Парк, според информации кои ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање, вкупно се предвидени 25 хидроелектрани. Досега се изградени и работат 11 вакви објекти, за дополнителни 9 мали хидроелектрани има одобрение за градба, а уште 5 имаат добиено концесии од Владата.
Во документот експертите посочуваат дека досега не е направена студија за влијанијата на малите хидроелектрани врз водниот потенцијал во сливното подрачје на планината, но предупредуваат дека тие можат да се очекуваат заради големата оптовареност и зачестеност на овие централи во просторот, особено оној на Реката Пена.
„Пред сè тука се мисли на кумулативни влијанија во намален проток низводно од зафатите и машинските згради, што ќе влијае на биолошката разновидност во тие површински води, како и крајбрежните заедници, а исто така ќе го засегне и месното население заради можен недостаток од доволно количини вода за нивните секојдневни потреби, како водоснабдување, напојување на добиток или полевање на земјоделските површини“, се наведува во Студијата.
Експертите велат дека ваквото намалување на земјоделското производство ќе го промени начинот на живот во населените места на Шар Планина. Најзасегнати села се Вешала, Бозовце, Вејце, Јелошник, Селце, Ѓермо и Једоарце. Но, доколку се пуштат во употреба и малите хидроелектрани за кои има доделено концесии, загрозени ќе бидат уште девет други шарпланински села.
За сите мали хидролектрани каде сè уште не е започната градбата, експертите во Студијата препорачуваат да бидат стопирани постапките, додека за една од хидроелектраните на Река Пена, која се наоѓа на околу 2.300 метри надморска височина, строго се препорачува да се запрат сите планирани активности поради исклучителните природни вредности и геолошки карактеристики на теренот.
Последната концесија за користење на вода е спроведена на 14 мај 2019 и биле избрани концесионери за градба на мали хидроелектрани на три локации на Шар планина.
Користењето на водата има хиерархија
Босна и Херцеговина со почетокот на 2021 година ги укина сите субвенции за изградба на малите хидроелектрани поради нивното штетно влијание врз природата, а средствата да ги пренасочи кон други видови обновливи извори на енергија.
Екологистите ова го посочуваат како добар пример кој треба да го преземе и македонската Влада.
Од Македонското еколошко друштво (МЕД) потсетуваат дека водата се користи по одредена хиерархија – прво како вода за живите организми и вода за пиење, наводнување и хигиена, а дури потоа како извор на енергија и други намени.
„Дел од селата под Шар Планина, како Теарце, Доброште и други, се принудени често да користат флаширана вода заради намалениот квалитет на водата за пиење по изградбата на малите хидроелектрани. Државниот инспекторат за животна средина за малата хидроцентрала во Лешница утврди дека се наоѓа во близина на каптажата за водоснабдување на Тетово, но дека околината е незаштитена. Постои опасност машините да ја загадат водата која ја пијат тетовци. Најстрашното на што експертите предупредуваат е опасноста од дестабилизација на земјиштето и појава на лизгалишта и интензивни порои. Ваквите појави веќе однесоа човечки животи на Шар Планина и нанесоа огромна материјална штета“, велат од МЕД.
Тие заедно со Екосвест во декември минатата година испратија отворено писмо до премиерот Зоран Заев со две главни барања – раскинување на договорите за доделени концесии за мали хидроелектрани чија изградба сè уште не е започната на територијата на Шар Планина и укинување на субвенциите за повластени производители на електрична енергија од мали хидроелектрани. Од Владата ги известиле дека барањата се препратени до Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму, веќе скоро еден месец, немаат добиено никаква информација.
Од МЕД спасот за дополнителна градба на мали хидроцентрали го гледаат во Законот за заштита на природата, кој дава можност за воспоставување одреден мораториум за градење.
„Членот 97 од Законот за заштита на природата предвидува привремена заштита за подрачја за кои се води постапка за прогласување. Тоа значи дека за времетраењето на постапката за заштита на Шар Планина, не смее да се гради инфраструктура, вклучително и да не се издаваат концесии за мали хидроцентрали“, велат од МЕД.
Во Законот стои и дека решението за ваква заштита го носи министерот за животна средина и дека таквата одлука важи една година од носење на решението, или најдоцна до донесување на актот за прогласување на заштитеното подрачје.
Две контроли за пет години
Последниве пет години Државниот инспекторат за животна средина извршил само две контроли на малите хидроелектрани на Шар Планина. Двата надзори биле извршени во ноември минатата година врз хидроелектраниите кои се градат во Лешница. Инспекторатот утвдил дека во непосредна близина на градилиштето на хидроелектраната што е лоцирана највисоко на планината, лоцирани се две каптажи за водоснабдување на Тетово.
„Вршен е увид во ЈКП Тетово и утврдено е дека за овие две каптажи не се донесени Одлуки за утврдување на заштитните зони. Заради заштита на квалитетот на водата за водоснабдување, општина Тетово / ЈКП од Тетово се задолжени да изработат соодветна документација и да се донесе Одлука за утврдување на заштитните зони. Доколку по истекот на рокот не биде донесена Одлука за утврдување на заштитните зони, ќе се изрече соодветна санкција. Во меѓувреме е добиена документацијата за градба на МХЕЦ на Лешница и ќе се утврдува дали има неправилности“, објаснува за Радио МОФ директорката на Инспекторатот, Ана Петровска.
Таа додава дека досега увид на овие објекти вршеле водостопански и инспектор за животна средина, а во иднина увид ќе врши и инспектор за природа за да може да се даде оцена како малите хидроелектрани влијаат на природната средина.
Петровска објаснува и дека Инспекторатот врши надзор за тоа дали градбата се совпаѓа со проектната документација, како и за тоа дали се спроведени мерките утврдени со елаборатот за заштита на животната средина. За оперативните мали хидроелектрани, пак, се врши надзор за почитување на биолошкиот минимум што е утврден со Дозволата за користење. Таа додава дека праксата на надзор врз испуштањето на биолошки минимум треба да се подобри и дека веќе работат на нова процедура.
„Државниот инспекторат за животна средина не може да се произнесува за договори и дозволи што се издадени од надлежни органи, освен ако при надзорот се утврдат неправилности. Лично сметам дека изградбата и работата на мали хидроцентрали има штетно влијание врз животната средина и затоа треба да запре нивната изградба, како и издавањето нови концесии“, додава Петровска.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Радио МОФ велат дека во тек е ревизија на Студијата за валоризација од страна на експертите ангажирани од Меѓународната Унија за конзервација на природата за вградување на забелешките на јавноста во предлогот. Потоа ќе биде изработен финалниот предлог на Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, во кој ќе биде преточена повторната експертска проценка за зонирање на идниот парк.
„Притоа, за оние мали хидроелектрани кои не се изградени, а локациски се наоѓаат во предложените зони за строга заштита во идниот национален парк, Министерството ќе предложи до Владата да се разгледаат можностите за постигнување на договор со инвеститорите за повлекување, земајќи ги предвид можните фискални импликации и штети“, ни изјавија од Министерството.
За недостатокотот на кумулативна студија за влијанијата на хидроенергетските проекти, од Министерството посочуваат дека тие за првпат, на ниво на држава, се разгледуваат во новата Стратегија за развој на енергетиката, а за сомнежите на експертите од Студијата за валоризација, кои предупредуваат од можни недостатоци на вода за месното население, од Министерството одговараат дека тоа за нив значи обврска за зајакната контрола над објектите кои ќе продолжат да функционираат во идниот национален парк.
Објаснуваат дека сите доделени концесии се реализирани по спроведени постапки за оценка на влијанието на животната средина, како и техничка документација со пресметки за влијанието врз режимот на водите. Во предвид се земаат и постојните водоснабдителни системи и потребите за водоснабдување на населението, а се вклучуваат и комуналните претпријатија.
„Водоснабдувањето на населението е приоритет, и нема да се дозволи на ниту еден начин истото да биде загрозено“, потенцираат тие од Министерството.
Шар Планина ќе опстои… на еден или друг начин
Видоески потсетува дека во меѓувреме природата опоменува. Особено таа на Шар Планина. Секоја поплава или ерозија е опомена до луѓето дека луѓето премногу ѝ го нарушиле балансот. Дека премногу зеле за себеси, а премалку ѝ оставиле од тоа што и припаѓа на планината – нејзините ресурси, пространства, шуми, води.
Тој е песимист дека институциите сериозно ќе се посветат на решавањето на проблемот со градежниот „бум“ на Шар Планина. Според него покрај законска регулација и ревизија на сите дозволи потребна е и сериозна контрола на терен и чистење на надлежните институции од корумпирани и инкриминирани службеници. Најпосле, целиот овој процес треба да заврши со рушење на изградените објекти, чистење на градежниот шут и пошумување на оштетените шуми со што ќе се остави оставање можност природата самата да си се излечи.
„Шар Планина опстоила милениуми, ќе го преброди и ова. Ќе се излечи, сигурно. Прашањето е само дали ќе ѝ дозволиме да се излечи во нашиот животен век, дали тоа ќе го направат нашите деца или внуци, или тоа ќе се случи во подалечна иднина. Од нас зависи дали сакаме да ја уживаме планината во нејзината природна убавина или не“, вели Видоески.
Даниел Евросимоски
*Со овој прилог, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје
Сторијата е оригинално објавена на РадиоМОФ.