Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси
razbistri-se-mof-pocetok-featured

„Разбистри сé“ – нова кампања ќе покрене прашања за управувањето со природните ресурси и инспекцискиот надзор

Стории

Неконтролираното и прекумерно искористување на природните ресурси, како и (не)ефикасноста на инспекцискиот надзор кој треба да ги казнува загадувачите, ќе бидат под лупа на новата кампања „Разбистри сé“, во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Вкупно 42 членки на новоформираната Алијанса за застапување и лобирање се вклучија во спроведување на кампањата. Ова значи дека од денес, па во текот на целата наредна година, граѓански организации, иницијативи, медиуми, факултети и општини ќе соработуваат за да ги посочат проблемите од овие аспекти на заштитата на животната средина и да ги поттикнат државните власти да креираат одржливи јавни политики и да се подигне свеста на граѓаните.

Како дел од кампањата беа изработени и два документа за јавни политики – „Како да ја користиме и заштитиме водата“ и „Со ефективен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси“. Тие содржат податоци и увид во тековните проблеми со управувањето со водите и инспекцискиот надзор врз природните ресурси и нудат конкретни решенија.

Според Билјана Пулеска, една од авторите на студијата за водните ресурси, македонските закони се усогласени со оние на Европската Унија, но главен проблем е нивното неспроведување. Таа забележува дека причината за тоа најчесто се буџетските ограничувања.

Главните наоди до кои дошле во однос на управувањето со водните ресурси се отсуство на јасна стратешка основа за одржливо управување, отсуство на подзаконски акти кои како што посочи, се од суштинско значење за да се обезбеди имплементација на законите. Потоа, недостасува плански документ кој би бил основа за издавање дозволи, кој треба да ги утврди целите на животната средина за секое водно тело, како и програма на мерки за постигнување на тие цели. Покрај ова, надополни таа, недостасува и систематски, континуиран мониторинг на квалитетот и квантитетот на водите.

„Оној постојан мониторинг не е соодветен за да даде реална слика за состојбата со водните ресурси за потребите на креаирање политика која значи одржливо управување“, смета Пулеска.

Во нивната студија посочуваат и на отсуство на евиденција на притисоците и влијанијата врз водните тела од страна на човекот, што според Пулеска, доведува до толерирање на нелегални испуштања, нелегални користења на водите, несоодветно одржување и регулирање на површинските води и нелегален ископ на материјал од коритата и бреговите на површинските води.

Во документот има и конкретни предлог мерки за надминување на состојбата, а најважно според Пулеска е ревидирање на постоечката Национална стратегија за води.

Слични забелешки има и во студијата за инспекцискиот надзор против искористување на природни ресурси, за кој се осврна Кристина Најдовска Илиевска, како еден од авторите.

„За жал, непланските и нерегулираните ископи и експлоатација на минералните суровини доведуваат до трајни штети во животната средина и здравјето на луѓето“, гласи една од забелешките на Најдовска Илиевска.

Според неа, постоечките законски решенија не влијаат добро врз животната средина, бидејќи како што истакна, тие им даваат на концесионерите простор за да ги избегнуваат своите обврски кон државата.

Нелегалната сеча и соголувањето на шумски површини е еден од најчестите проблеми кои го согледале. Во однос на почвите, забележуваат дека се уште нема закон и катастар за почви, што остава простор на чинителите несовесно да ги користат без контрола и заштита. Подземните води, пак, иако со 80 отсто учествуваат во вкупното водоснабдување во државата, не им се посветува внимание за нивно рационално користење и заштита од загадување.

Кога станува збор за инспекцискиот надзор, има голем степен на неказнивост и е недоволно ефикасен. Па, како решенија нудат негова модерницазија во секоја смисла на зборот.

За Најдовска Илиевска, проблемите на инспекторите не се новост. Според неа, со години се провлекува дефицитот на инспектори, немање современи услови за работа, недостаток на опрема и технички средства.

„Сето ова мора да се поправи затоа што ако продолжиме како што е сега, нема да имаме никаква ефикасност“, забележа таа.

Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Британската амбасада во Скопје.

„Информациите за заштитата на животната средина се исклучителен важен фактор за воспоставување квалитетен живот за сите нас, но и отчетност и транспарентност на институциите. Сакаме да живееме во зелена држава и затоа ги повикувам сите кои сакаат да придонесат во наредната година да ни се приклучат и заедно да ги направиме оние промени кои ќе ни донесат и почиста вода и почисти природни убавини“, изјави директорката на ИКС Жанета Трајкоска на денешното претставување на кампањата.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј, пак, вели дека за повторно да ја воспостави својата доверба, Владата мора да се посвети на прашања кои најмногу ги засегаат граѓаните.

„Еколошките проблеми со кои се соочува Македонија се комплексни, што вклучува правосудна, социјална, политичка димензија. Справувањето со овие димензии мора да вклучува ангажираност, одговорност и придонес од сите релевантни засегнати страни и потоа заеднички ние ќе можеме да направиме промена“, изјави Галовеј.

Од ИКС информираат дека Алијансата и понатаму е отворена и за други членки кои сакаат да се вклучат и да придонесат во спречување на уништувањето на природните ресурси.

Оригинално објавена на:

Радио МОФ

Датум

17 декември 2020