Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Се мери ли влијанието на климатските промени врз водните ресурси во Македонијa?

Стории

Општ впечаток е дека климатските промени колку се поочигледни толку стануваат посериозен предизвик за денешниот светски поредок. Ниту водните ресурси не се исклучок од осцилациите на климатските параметри. Но дали некој конкретно, континуирано и прецизно го мери влијанието на климатските промени врз водите во земјава и зошто е потребен таков мониторинг?

Иако сме земја со изобилство од водни ресурси, ние сѐ уште лошо ги управуваме и дозволуваме да им се намали квалитетот или целосно да ги загубиме, посочуваат еко-активистите. Водите се први на удар на глобалните климатски промени, а дополнителен проблем при дејствувањето за нивна заштита е фактот што не постои соодветен мониторинг на климатските промени конкретно врз нив. Како и во повеќето сфери од заштитата на животната средина, така и тука, проблем се финансиите!

Мораме брзо да ги алармираме сите институции за лошата состојба на водите во земјата и да почнеме интерсекторски пристап кон управување со водните ресурси, кој ќе значи долгорочен план со јасни чекори и мерки, посочуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Проблем е што нема прецизен и континуиран мониторинг на влијанието на климатските промени врз водните површини во земјава, велат упатените во темата.

Имено, надлежното министерство прави процени, но експертите предупредуваат дека само процени не се доволни, туку потребни се квалитетни научни истражувања и експертизи. Друг проблем е што резултатите од процените како формални насоки на лист хартија не секогаш се дел од практиката, односно од стратегиите и конкретните акции за заштита на водите од климатските промени.

„Како дел од известувањето кон Рамковната конвенција за климатски промени на ООН, нашата држава, преку секторот клима во Министерството за животна средина, прави процена на сите сектори ранливи на климатски промени во земјата и активности што треба да се преземат за приспособување на овие сектори кон новонастанатите климатски услови. Секторот води е секогаш прв на листата како најранлив, со оглед на тоа што последните сценарија велат дека доколку ништо не се промени може да очекуваме опустинување до 2050 година. Проблемот е што овие мерења и препораки никогаш не се земаат во предвид при изработка на релевантни национални и локални стратегии и планови“, вели Елена Николовска од „Еко-свест“.

Професор Иван Радевски, доцент на Институтот за географија, вели дека нема јасен критериум при избор на експерти што би работеле на научни студии со кои се мери влијанието на климатските промени врз водите, но не се одвојуваат и доволно средства за ваквиот тип мерења.

„Веќе 30 години се моли на донатори. Директно мерење на климатските промени врз водните ресурси нема, туку потребни се научни студии, каде што парите за проекти ќе бидат употребени во нивна изработка, а потоа надлежните да постапуваат според заклучоците во тие студии. Секако, за тоа се потребни големи финансии. Кај нас, за жал дополнителен проблем е тоа дека сѐуште нема јасен критериум при избор на експерти, туку секој полуупатен се евидентира како ‘експерт’. Од таквите експертизи нема никаков ефект“, смета Радевски.

Тој заедно со уште неколку колеги од регионот се потпишува на трудот под наслов „Промената на климата го менува времето на поплавување во Европа“(Changing climate shifts timing of European floods),објавен во престижното списание Саенс. Во ова истражување е опфатена и земјава, како дел од анализата на климатските промени врз водите на Балканот.

Во него се наведуваат причините за промена на магнитудата на големите води, трендовите и времето на појавување во годината, потоа се наведуваат конкретни истражувања на климатските фактори што ги предизвикуваат промените кај поплавите, а дополнително се анализирани врнежите во Европа, заситеноста на почвата со влага и влијанието на северноатлантската осцилација на воздушните маси.

Климатските промени генерално во Европа, не предизвикале зголемување на јачината на поплавите, туку има значајни поместувања на нивното појавување, се алармира во истражувањето.

Сериозноста на проблемот што го предизвикуваат климатските промени врз водите треба да биде разгледан сериозно од надлежните, велат од невладиниот сектор.

„Доволно е влијанието на климатските услови врз водните ресурси да почне да се гледа како сериозен проблем од страна на сите надлежни институции на централно, но и на локално ниво. Потребна е и итна изработка на национален план за приспособување на сите сектори кон климатските промени, кој треба да даде институционална и правна рамка со конкретни мерки и временска рамка. Ние немаме повеќе време за губење и доколку сега не почнеме, ќе останеме без вода за пиење“, нагласува Николовска од „Еко-свест“.

М-р Васко Стојов, раководител на одделение во секторот за хидрологија при УХМР, смета дека за, меѓу другото, да се изврши и правилна процена на влијанието на климатските промени врз водите и водните рсурси, потребно е да се анализираат податоци од последните години и да се споредат со податоци од подолга низа на години. За жал во УХМР постојат податоци само од 1947 па навака, но поголем проблем е фактот што од 2010 навака, поради недостиг од стручен кадар (дипломирани градежни инженери – хидролози), не се овозможува редовна контрола на податоци и изработка на протеци, кои се основни за да се направи една анализа.

„Во последните 20 години имаме намалување на трендот на нововработени хидроинжинери. Ако во 80-тите години имало 35 хидролози од кои 10 биле хидролози инженери, денес имаме само 12 хидролози од кои само двајца се дипломирани хидроинженери. Токму поради недостиг од кадар што би ги обработувал податоците добиени од терен и би креирал нови податоци за протекувања на водите не може да се направи правилна анализаза тоа каква била состојбата со водите под влијание на климатските параметри во минатото, а каква е сега, сѐсо цел да се направи добра процена за во иднина“, вели Стојов.

Дополнува дека од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање повремено се подготвуваат национални планови за влијанието на климатските промени, сепак токму поради недостигот од стручни лица што работат секојдневно на оваа проблематика станува збор за непотполни информации што би помогнале во процената на влијанието од климатските варијации врз водните ресурси, со оглед дека во последната деценија има период кога не биле извршувани доволен број мерења и набљудувања, контрола на податоци и изработка на протекувања.

„Податоците од терен се прибираат, но за да се утврди процената на влијанието на климата врз водните ресурси и хидрологијата во целост, односно нејзиното влијание врз водното количество на територијата на Македонија потребно е податоците да се проверат, обработат и да се креираат финални податоци за протекувања, и како такви да се објават во годишни хидролошки публикации – хидролошки годишници достапни до јавноста“, појаснува Стојов.

Сѐ на сѐ, постојат многу „природни“ и „антропогени“ фактори што придонесуваат за климатските промени врз водите, поконкретно за нивното разорно дејство врз екосистемите. Животната средина хармонично може да функционира единствено доколку климатските промени како неминовни ги ставиме во сериозна рамка со која прецизно и доследно навремено ќе се нотираат сите потенцијални последици со цел тие да се санираат во границите на можното. Појавата на суши, поплави и други екстреми хидролошки појави никому не му оди во прилог!

   Х.Н. 

Оригинално објавена на:

МКД.мк

Датум

7 февруари 2021