Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Геотермалните води – недоволно искористени и злоупотребени од диви корисници

Геотермални води – топли води од внатрешноста на земјата кои човекот научил да ги вади и употребува со векови. Обновлив и еколошки извор на енергија. Македонија е меѓу државите коишто се релативно богати со овој ресурс. Иако искористеноста е прилично слаба, геотермалните води честопати се користат и на диво.

„Ние слушаме таму Словенците за бањски туризам, они, таму и во Австрија најголемите извори се 36 степени. Тука вие во Кочанско поле, каде што бевте сега што кажувате, 83 степени. Кочанското поле се претпоставува дека има повеќе од илјада литри во секунда геотермална вода. Колку е искористено? Ништо, 10 посто нема ни искористеност“, вели Ѓорѓи Самандов, косопственик на „Еко оаза“.

Кочанскиот геотермален басен е меѓу најобемните на Балканот. Лежиштето Подлог – Бања е анализирано и од американски експерти од Сан Франциско, Калифорнија. Тие направија студија, според која резервите се проценети на 57 милиони кубни метри геотермална вода со температура од над 70 степени и 157 милиони кубика вода со температура над 50 степени.

Во кочанскиот регион има големи резерви на геотермална вода. Овој ресурс се користи за загревање на стаклениците, за оранжериите, но и за затоплување на јавни објекти. Ова само го потврдува големиот потенцијал што целосно не е искористен.

Водата од бунарите на „Геотерма“, којашто оперира во рамки на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Кочани, со пумпи се вади на површина со температура од 76 до 78 степени. Потоа, преку трите цевководи се дистрибуира до 18-те корисници. Откако ќе ја заврши својата мисија за затоплување на оранжерии, приватни компании, но и на јавни објекти како трите училишта, се филтрира и реинјектира, односно се враќа во системот со температура од околу 35 степени за повторно користење. Кругот е затворен, ресурсот целосно искористен.

„Искористената вода од потрошувачите стигнува со повратни цевководи, стигнува во овој резервоар. Тука имаме една пумпна станица и водата ја носиме до село Бање, каде што имаме две бушотини, реинјектирачки бушотини. Значи преку пумпната станица и преку цевководот кој е со должина од околу 3,5 километри ја враќаме водата во утробата на земјата. А, исто нешто специфично што го имаме само ние како систем е тоа што, на пример, имаме вградено пред водата да се врати во бушотините, имаме вградено и филтер станица. Филтер станица, тоа е еден современ систем кој ја филтрира самата вода за да не настануваат некои несакани запушувања на бушотините.

Тоа е затворен систем и мислам дека е единствен во државата. И тоа треба да биде препорака и до сите други корисници во државата коишто црпат геотермални или топли води за да ги зачуваме лежиштата. Ако само експлоатираме, со текот на времето ќе го изгубиме изворот на геотермална вода“, објаснува Сашко Иванов, раководител на „Геотерма“ при КЈП Водовод – Кочани.

Фирмата „Агро треф“ е еден од корисниците на термални води од „Геотерма“. Таму во текот на целата година се произведуваат различни култури на површина од 4 ипол хектари, во три стакленици. Иако затоплувањето на стаклениците со геотермална вода бара финансиски вложувања, сепак исплатливоста е поголема отколку загревање со мазут.

„Кај нас се бенефициите тоа што геотермалните води се многу блиску. Транспортот ни е многу мал и температурата максимално ја искористуваме. Штом имаме помал транспорт, раздалеченост, растојание помало, значи температурата на водата не се губи. Изворот е обично околу 78°С температурата на водата, овде доаѓа 72°С, 73°С. Доколку имаме екстремни ниски температури, во тој случај доаѓа до помало намалување на температурата на водата, меѓутоа си ја контролираме и затоа ја користиме геотермалната вода“, изјави Лидија Соколова, агроном во „Агро треф“, која вели дека поисплатливо ви е да користи геотермална вода отколку мазут.

„Овие цевки функционираат со геотермална вода. Ние геотермалната вода ја бараме од „Геотерма“, од каде што ќе ни пуштаат топла вода. Ние одовде си располагаме со неа во сите хали, како сакаме и колку сакаме вода, колку имаме потреба. Според надворешната температура ние пуштаме вода, да речеме колку литри вода ни требаат според надворешната температура. Е, сега, откако ќе се јавиме, тие ќе ни ја пуштат водата. Овие црвените цевки се доводот. Ова е главниот вентил на којшто ќе дојде топлата вода. Од тука ја регулираме во сите хали. Значи, имаме за секоја хала посебни вентили. За која хала сакаме да ја топлиме, таа хала ќе ги отвориме вентилите и таму оди.

Од тука, кога ќе ја примиме водата ние мораме да го отвориме, како што ќе го отвориме доводот, мораме да го отвориме и повратниот вентил. Еве, тоа е повратен вентил од каде ја враќаме водата повторно за да оди да се затоплува и да дојде пак кај нас. Тоа е еден круг којшто нонстоп циркулира, значи нонстоп се врти истата вода, така што немаме загуби“, објаснува Душко Стојанов, вработен во „Агро треф“.

Според Министерството за економија, во моментов се дадени 16 концесии за експлоатација на термоминерална вода. Седум од нив ја користат водата за пластеници, оранжерии и за загревање, другите за балнеолошки туризам и за полнење вода за пиење. Според важечкиот Закон за минерални суровини, концесиите се доделуваат за период од 30 години.

„Еко оаза“ е една од фирмите која има концесија за експлоатација на геотермална вода.  Ја користи за загревање на 36 хектари сопствени оранжерии и не ја продава. И од таму велат дека во делови од земјава има диви приклучоци коишто ја намалуваат издашноста и го загрозуваат системот за експлоатација на геотермалните води. Проблемот е најизразен во Банско.

„Знаеме, познато ни е, имаме таму многу пријатели, они имаат и дури поголема мака. Таму како во каубојските филмови – секој сака да загрева, а капацитетот не е толку голем колку што има корисници“, вели Самандов од „Еко оаза“.

И од Државниот инспекторат за техничка инспекција признаваат дека добиваат претставки за проблемот со дивото користење на геотермалните води и предупредуваат дека според нашите закони, тоа е кривично дело.

„Најчесто околу незаконска експлоатација пријави имаме во село Банско, во наоѓалиштето кое е во село Банско, и досега имаме поднесено некои кривични пријави за незаконска експлоатација на тоа подрачје. Реков претходно дека таму е можна незаконска експлоатација затоа што водата се јавува на многу мала длабочина до 20 метри. Доколку не работат пумпите на концесионерот, водата излива на површина. Според методологијата за процена на ризик при инспекциски надзор, кај геотермалните води конкретно се врши инспекциски надзор најмалку еднаш во три години. Кај нас случајот е дека ние вршиме инспекциски надзор секоја година кај секој концесионер поединечно. Не се држиме на тоа еднаш во три години. Незаконска експлоатација на минерални суровини воопшто, вклучувајќи ги тука и геотермалните и термалните води е групирано во Кривичниот законик со член 225а како кривично дело, за кое е одредено казна затвор од 3 до 8 години“, вели Драган Димитровски, инспектор од Државен инспекторат за техничка инспекција.

Освен незаконската експлоатација на геотермалните води, проблем претставува и нивното реинјектирање односно враќањето на водата во утробата на земјата. Малку фирми можат да го прават тоа и термалните води едноставно истекуваат по браздите.

„Ние имаме реинјектирање. Сега ретко кој, мислам во Македонија не знам други дали имаат реинјектирање. Значи одма доаѓа до поголем пад на статичкото ниво на лежиштето. Значи, ние со реинјектирањето успеваме да го сочуваме нивото, меѓутоа доаѓа до пад на статичкото ниво. Тоа повлекува, значи, ако експлоатационите пумпи во бунарите ни се на 100 метри отприлика, значи слева нивото, ние ќе треба бунарите да ги спуштаме на поголема длабочина, а сето тоа изискува и повеќе трошоци. Значи не е исто дали водата ќе ја вадите од 100 метри, дали од 120, дали од 50, сето тоа се додатни трошоци за електрична енергија. Ова е природно богатство, треба да се користи во согласност со законите и да гледаме да го оставиме на идните генерации. Ова е еден природен ресурс, еколошки, што не ја загадува средината“, кажа Радица Николовска – Давитковска, геолог во „Геотерма“.

Оние фирми кои не можат да ја реинјектираат водата имаат поголеми давачки кон Министерството за животна средина.

„Тоа што го кажуваме, најтешкото, најболното и најнеоправданото е за Министерството за животна средина да се плаќа 7 денари ако немаш реинјектирање, а ако имаш, 4 денари. Тоа е апсурд. Значи Министерството за животна средина треба да ни даде на нас премија, награда затоа што со таа топла вода не ја загадуваме човековата околина, произведуваме производство, не емитуваме CO2 во озонот и Македонија е потписник на тие спогодби.

Таму на изворите вика ќе ја однесете и ќе ја вратите. Па таму ако ја ставиш, нема пумпа, треба со 60 атмосфери да ја потисне оваа од изворите и да ја враќаш. Науката нема во светот, ни „Плогер“, ни „Гринфус“, ни „Олимпија“ нема произведено пумпа со 60 атмосфери“, резгира Самандов од „Еко оаза“.

Но, за експертите нема дилеми – реинјектирањето е единствениот начин да ги заштитиме термалните води.

„Со прекумерното искористување или со лоша хидролошка ситуација може да се случи да овие води со тек на времето бидат искористени максимално и издашноста на овие постојните бунари и извори да се намали. Значи, за да се зачува таа издашност потребно е повторно враќање на оваа, на искористената вода во подземјето. Би требало тие води пред да се вратат повторно во подземјето, правилото е да бидат, да кажеме, со истиот квалитет какви што дошле на површината на земјата. Значи за таа цел, во зависност за каков процес се искористуваат, тие треба претходно да се води сметка да бидат чисти, значи преку анализа или преку филтер станици“, објаснува Војо Мирчовски, професор по хидрогеологија.

Земјава има потенцијал за поголема експлоатација на геотермални води. Особено, тоа е случај со источна Македонија, кратовско-злетовската област, каде што пред илјадници години постоела вулканска активност, па се смета дека тоа резултирало со создавање голем број термоминерални води во длабочината на земјата. Тука се и кочанската област, Банско во струмичкиот регион и во гевгелиско. Проценката е дека во Македонија има над 25 природни термални извори, кои заедно со експлоатационите бунари нè носат до бројка од 50-ина извори на топла вода. Водата се вади со пумпи од бушотини на 500 до 600 метри и се користи за загревање оранжерии, бањи, училишта, станбени и деловни објекти. Науката дава можност геотермалните води да се користат и за добивање електрична енергија, но потребни се длабоки бушотини до 1.500 метри, а тоа кај нас засега го нема.

„На просторот на Македонија, најтопли води се водите од кочанската котлина, од локалитетот Подлог каде што температурата е некаде околу 80 до 83 степени. Понатаму, имаме овде бањата Банско во Струмица каде што температурата е некаде околу 74 степени, и другите бањи во Македонија се некаде околу 60, до 40, до 50 (степени) итн. Тоа е интересно, бидејќи овие температури коишто ги имаме во кочанската котлина, па и во струмичката котлина, значи се интересни од аспект на искористување на овие води за електрична енергија“, додава професорот Мирчовски.

Професорот вели дека секако треба да се направат дополнителни истражувања со кои ќе се добијат поголеми количини на геотермални води.

Искористувањето на геотермалната енергија е вин-вин сценарио за земјава. Од една страна се намалува енергетската зависност, од друга страна се намалува влијанието врз животната средина, споредено со енергијата добиена од согорување. Едноставно, системот генерира заштеди, и економски и енергетски, со дополнителна еколошка вредност.

Сподели