Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Радика ја губи битката со загадувачите

Маврово – репрезент на раскошната македонска природа, отсликана со планини коишто се издигнуваат околу средишниот дел на националниот парк што го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Немирната вода си игра во есенското утро, итајќи по патот низ кањонот стар милиони години.

Радика е најважната притока на Црн Дрим. Реката е со должина од 64,7 километри, извира на надморска висина од 2.200 метри под Враца и е единствената која дава вода на два слива – Јадранскиот и Егејскиот слив. Радика низ милиони години го градела еден од највпечатливите кањони во земјава, пробивајќи се низ планинските страни на Бистра и Стогово на исток и Кораб и Дешат на запад. Радика има смарагдна боја, како резултат на присуството на калциум карбонат во водите на реката.

Но, уникатната Радика изминативе години се соочува со сериозен проблем – загадувањето. Иако на прв поглед се добива впечаток дека е кристално чиста, сепак реалноста е далеку од розова. Ова е карстен предел, водата брзо тече, па загадувањето нема време да се таложи, но и покрај овие „олеснителни“ фактори, мониторингот што го врши Управата за хидрометеоролошки работи покажува дека се случуваат промени.

„Оваа година првпат забележав дека во месец април кога бевме на терен, забележав дека имаше црни наслаги по камењата, односно имаше кафеави алги како конци, како галертни наслаги. И тоа многу беше застапено што првпат го сретнуваме со колегите. Дефинитивно има некое загадување. Особено забележуваме загадување, што е и вообичаено, во есенскиот период кога има намален водостој и има развој на кончести алги. Загадувањето е обично од сточарски активности, значи сме затекнувале стада како ги носат тука да пијат од реката. Исто така блиску до мерното место, ние земаме мостри од Бошков мост пред влив на река Радика во Дебарско Езеро, значи во близина се наоѓа, се влева од левата страна Мала Река којашто носи комунални отпадни води од локалното население. Во селото Скудриње има неколку погони коишто директно ја испуштале отпадната вода во река Радика“, посочува Весна Кечовска, биолог во УХМР.

Купишта отпад завршуваат во Радика

Жировница се наоѓа во Националниот парк „Маврово“, во западниот дел од општината, распослана на падините меѓу Кораб и Дешат. Селото е убаво, големо, богато со вода. Низ него минуваат Валавичарска и Таировска Река коишто се влеваат во Жировничка Река која, пак, потоа завршува во Радика од нејзината десна страна. Низ Жировница нè водеше нашиот домаќин, претседателот на месната заедница, Аднан Салиу. Тој ни раскажа дека се трудат да го едуцираат месното население за поголема грижа за животната средина, но и покрај тоа, купишта отпад завршуваат во Радика, а потоа и во Дебарско Езеро. Проблемот е особено изразен напролет, кога надојдената вода од топењето на снегот собира сè пред себе.

„За жал, тешко дека ќе се успее целосно да се заштити Радика и Дебарско Езеро. Сепак, се работи за големи проекти. Ние имавме и програма и проект во 2019 година доставено. Баравме целосно оградување на дивите депонии. Чистење, оградување на диви депонии и одржување на тие диви депонии. Знаеме дека дивите депонии се исто една нечистотија каде што дел, кога доаѓа напролет реката, целосно го зема тој материјал и го носи во Дебарско Езеро, пред сè во Радика, па Радика се влева во Дебарско Езеро. Така што, е голем проблем, сериозно. Се надевам дека ќе успееме во наредните години нешто од нешто да спасиме од Радика и од Дебарско езеро“, вели Аднан Салиу, претседател на МЗ Жировница.

Загадувањето на Радика со цврст отпад е сериозен проблем. Тоа го видовме и со сопствени очи. Во минатото, постоел обид да се направи и пречистителна станица за Радика. Биле започнати и активности, но целиот проект работен со италијанска помош на крајот се изјаловил.

„Реално е демолирана. За жал, таа пречистителна станица не профункционира. Да беше функционална, сигурно дека Радика ќе беше многу почиста. Ама за жал, дозволија да се демолира, да се испокраде тоа сè“, раскажува Салиу.

„За жал, овој проект делумно се изведе на теренот, меѓутоа не профункционира. Не профункционира. Стојат објектите. И искрено да ви кажам, не знам од која причина не се реализира овој проект, за жал. Значи и овој дел на водотекот на Радика ќе беше, да речеме можеби не идеално чист, ама во секој случај ќе беше во подобра состојба од сегашната. Овде сериозно го нарушува и амбиентот и визуелниот ефект, посебно со нерешените прашања од депониите за цврстиот отпад“, додава Томе Ѓорѓевски, НП „Маврово“.

Непречистени отпадни води се испуштаат во Мавровско Езеро

Во Националниот парк „Маврово“ има уште еден голем проблем, кој не е толку лесно забележлив како овој со физичкиот отпад, но е подеднакво сериозен. И во Радика и во Мавровско Езеро се испуштаат непречистени отпадни води, директно во реката и во акумулацијата. За Радика проблем се индустриските капацитети, за езерото – околните хотели и другите угостителско-сместувачки капацитети, коишто го развиваат туризмот, но во исто време ја загадуваат животната средина. Речиси никој нема пречистителна станица.

„Во Долнореканскиот регион имаме делови каде што има мала индустријализација и веќе имаме објекти коишто имаат индустриско производство. Општината им дала одобренија за градба, изготвени се студии, меѓутоа ние во тој дел заради институционална некомуникација веројатно затајуваме во тој дел и не можеме да му се посветиме максимално на оној којшто е инвеститор или во моментов производител, да му дадеме до знаење дека потребно е да спроведе мерки заради заштита и неиспуштање на такви загадувачки материи од производствениот ток. Овде во Мавровскиот регион и околу акумулацијата, за којашто во други држави веројатно луѓето, паркот, државата, сите сериозно би се грижеле како еден воден ресурс којшто во иднина би можел да има сериозна потреба за водоснабдување, заради тоа што урбанизацијата во мавровскиот туристички регион во последниве години е во сериозна експанзија, така што ме плаши вистината дека утре може да се соочиме со недостаток за вода за пиење. И затоа зборувам дека треба да го заштитиме Мавровско Езеро, посебно овие хотелско-угостителски објекти коишто го развиваат туризмот, нудат туристички услуги, а всушност од друга страна правиме загадување на водите“, предупредува Ѓорѓевски.

Силниот ветер што дуваше додека разговарав со главниот инспектор во општината го носеше мирисот на мавровската природа, која сè повеќе е под притисок на масовната урбанизација и на градежно дивеење. Новите градби само ќе го продлабочат проблемот. Обиди да се изгради пречистителна станица имало, но сите завршиле без успех.

„Колекторскиот систем прво е многу скапа инвестиција да се прави таа околу цело езеро. Друго е исто многу скапо за тековно одржување, така што веројатно тие цените за одржување, односно месечниот надоместок би бил сигурно многу висок. Така што, најдобро е, од досегашни некакви разговори, да се тоа направи парцијално. Значи да се реши таму каде што е најгорлив проблемов, еве како што викаме сега „Маврови анови“, па делов околу ски-центарот каде што се сконцентрирани хотелите, ски-центарот, значи тие коишто би испуштале најмногу фекални отпадни води. А викенд населбиве што се од Брана до село Маврово, тоа да биде во некакви индивидуални рамки“, вели Ќирко Џукоски, раководител на Одделението за инспекциски надзор во Општина Маврово и Ростуше.

Голем дел од хотелите во Маврово немаат елаборат за заштита на животната средина

Загадувањето на водите продолжува, а Маврово и Ростуше како и други помали општини низ државава нема капацитет и доволен број инспектори поревносно да постапува.

„Одделението за инспекциски надзор во општината не располага, односно нема вработено инспектори комунални и за животна средина. Во постапка е за прием, меѓутоа сега засега сите предмети, односно пријави коишто пристигаат се препраќаат до Државниот инспекторат. Е, сега, колку Државниот инспекторат е ефикасен во решавање на тие проблеми немаме повратен одговор. Меѓутоа, знам така од некакви контакти дека им се даваат некакви рокови до кога треба да го решат одредено прашање. Меѓутоа, мислам дека треба да се заостри малку таа политика за што побрзо да се натераат, особено големите да го решат проблемот со испуштањето на фекалните отпади води во Мавровско Езеро“, препорачува Џукоски.

Државниот инспекторат во март, по добиена претставка од граѓани изврши контроли, по што се доби јасна слика за тоа како работите стојат на терен. Се потврди дека голем дел од хотелите во Маврово немаат елаборат за заштита на животната средина и отпадните води ги испуштаат директно во езерото или во Радика.

„Во елаборатите се препорачува да се направат и пречистителна станица за предиспуштање на отпадните води во реципиентот да се направи, да се внесат во елаборатот и изработка и поставување на пречистителна станица. А по поставување на пречистителна станица треба да се направат мерења од акредитирана лабораторија со цел да се видат граничните вредности, со цел да се задоволат граничните вредности за емисии на отпадни води во реципиентот. Казните во однос на елаборат, дали имаат или немаат и ако не ги исполнат се некаде околу 6 илјади евра, со тоа што сите овие хотели кои се контролирале и коишто работат во тој момент, кој што работеле, си поднеле барање, изработиле елаборат и поднеле барање за одобрување на елаборатот. Ние се надеваме дека нема да бидеме доведени во состојба да ги санкционираме и издадеме забрана за работа, бидејќи доаѓа зимска сезона каде што истите треба да работат нели и да функционираат“, вели Сретен Стојковски, в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Откако им беа дадени задолженија, дел од хотелите ја почнаа процедурата за да добијат елаборат, а дополнително треба да поседуваат и дозволи за зафаќање и испуштање отпадни води во езерото и да плаќаат соодветен надоместок. Нејасно е зошто државата досега воопшто и ги толерирала да работат на ваков начин.

„Ме чуди фактот што досега не е побарано од хотелите, согласно активностите и дејностите за коишто е потребно да се издава, да се изработи и да се одобри елаборат, зошто не е направено. Еве оваа година тоа е покрената иницијатива од Државниот инспекторат за животна средина и се во фаза на изработка и очекуваме дека целата работа ќе заврши како што треба и ние ќе бидеме задоволни, нема да се загадува животната средина, така што и хотелите ќе имаат бенефит со тоа што ќе покажат дека се залагаат, покрај бизнисот што го прават, и за заштита на животната средина“, изјави Стојковски.

Пред да се изработи елаборат, потребно е да има Оценка на влијанието врз животната средина и тоа се прави пред проектот воопшто да се реализира. Но, во пракса некој си изгради објект, па дури потоа доставува елаборат.

„Постапката за оценка на влијание е всушност да се направи анализа на влијанијата пред да се изгради објектот. Ние имаме случаи и постапки каде што се доставуваат барања за одобрување на елаборат за веќе постоечки објект. Во Законот за животна средина беше предвидено период на прилагодување на постоечките дејности, активности да се прилагодат во рок од пет години на законската регулатива. Меѓутоа, во пракса може да се случи некои, се случува некој објект да го изградат и отпосле да се достави елаборат за животна средина. Истиот нема период на прилагодување и мора веднаш да ги почитува барањата за заштита на животната средина“, објаснува Билјана Петковска од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Казните се од 9.000 до 98.000 евра

Дел од проблемите коишто се јавуваат во праксата се и поради неусогласеноста на Законот за животна средина со Законот за прекршоци. Надлежните очекуваат тоа наскоро да се промени, па и казните за несовесните ќе бидат „посолени“.

„Во елаборатите за заштита на животна средина, особено во хотелите коишто се наоѓаат на територијата на Маврово мора да има одредби коишто се однесуваат на испуштање на водата во реципиент, односно согласно елаборатот повеќето од нив се задолжени да прибават од Министерството за животна средина дозвола за испуштање на вода. Ова е доста битна работа со оглед на тоа што се испушта отпадна вода. Согласно Законот за води е пропишана постапката и начинот на издавањето на дозволата за испуштање на води. Законот за водите е веќе усогласен со Законот за прекршоци, со новиот Закон за прекршоци и доколку не се постапи по одредбите од елаборатот, односно непостапување по добиената дозвола за испуштање на води, казните се доста поголеми – се движат од 9 илјади евра до 98 илјади евра во зависност од тоа дали се работи за мало, средно, големо, микро претпријатие“, вели Тања Пауновска од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Повисоки казни, поажурно постапување на инспекторите, едукација на локалното население, инвестиции во пречистителни станици – ова е единствениот начин водите во Националниот парк „Маврово“ да ги заштитиме од уништување.

Кристално чистата вода и живописната природата со години го одземаат здивот на посетителите на Реканскиот крај. Но, Радика се загадува. Тоа го покажуваат и извештаите од направените мерења, но и Државниот инспекторат за животна средина предупреди дека неколку хотели немаат елаборати за заштита на животната средина и отпадните води директно ги испуштаат во Радика и во Мавровско Езеро. Како и многупати претходно се покажа дека она што природата го создала, човекот се заканува да го уништи.

Сподели