Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Тешки метали ја разболуваат Црна Река

Црна Река е најголемата десна притока на Вардар. Извира од изворот Црна Дупка во близина на селото Железнец на надморска височина од 760 метри. Од изворот до селото Бучин тече низ Демирхисарско, а оттука до селото Скочивир низ најголемата котлина во земјата, Пелагонија.

Истражувањата на различни институции со години укажуваат на фактот дека во Црна Река постои висок степен на антропогено влијание. На интернет страницата на Управата за хидрометеоролошки работи за мерењето на квалитетот за води, стои дека Црна Река има две мерни места, на Паликура е со прифатлив, но во Скочивир со слаб општ физички хемиски статус.

Како изгледаат ваквите податоци надвор од табелата и категоризациите? Екипата на „Разбистри сѐ“ се упати на терен заедно со експертите на УХМР. Прва станица – Елешка Река, десната притока на Црна Река. Ќе се земат примероци за да се испитаат макроинвертебратите.

„Овие примероци се носат во лабораторија на детерминација, прво на чистење на пробите, детерминација, одредување на кои видови, родови, потоа резултатите се работат на софтвер и на крај со различни пресметки се добива еколошкиот статус на ова мерно место според одредени биолошки индекси“, вели Маја Алексовска од УХМР.

Макроинвертебратите се всушност организми кои живеат на дното од реките и потоците, немаат ‘рбет, а можат да се видат со голо око. Хидробиолозите ги собираат и ги идентификуваат и врз основа на нивниот диверзитет и чувствителност се доаѓа до подлабоко разбирање за квалитетот на водните тела.

Маја ќе ги фиксира примероците и ќе ги носи во лабораторија. Но хемискиот состав на водата ќе го испитува Неџо. Зема вода од реката што ќе покаже со што е загадена во хемиска смисла.

„Ние сме секоја година, повеќе од 10 години одиме и знаеме од прилика која река со што е загадена“, ни кажа Неџади Идризи од УХМР, кој вели дека ретко има изненадувања, но на полошо.

Поголемиот дел од работата, Неџо ќе го заврши на лице место, во својата мини лабораторија. Неџо за некое време ќе знае со каки хемиски супстанци течат речните води. Но процесот за одредување на статусот на реката го завршува Весна. Таа ќе ги бара речните алги.

„Значи сега ќе земаме примероци од фитобентос. Тие се биолошки индикатори за загаденост на водата бидејќи се многу сензитивни на загадувањата“, објаснува Весна Кочовска, УХМР.

Големите камења кои се подолго време покриени со речните води ги кријат примероците за Весна. Брзата и надојдена вода и е непријател, но не е прв пат и во вакви услови да се земат примероци.

„Ги собирам лигавите површини, кафени од камењата. Сега да видиме од мил што ќе најдам… Еве може да видите ѓубре. Значи најголем проблем по реките ни е и луѓето што фрлаат… не е најголем, но е еден од проблемите, сериозен проблем е. Насекаде фрлаат ѓубре. Предмети од домаќинства, значи дури имавме случаи кај Боротино, кај река Блато видовме човек како фрла смет во реката. Така што, не е убава оваа глетка секако“, раскажува Кочовска.

Доволно собрани примероци. Екипата подготвена. Продолжуваме кон Скочивир, мерната станица на Црна Река. Како се приближуваме кон местото мирисот е сè појак. Смрди! Можеби не прецизно како под микроскоп, но и носот е доволен за да измери дека водата токму тука не носи добри вести. Скочивир е место каде што се спојуваат загадувања од битолско, Драгор и Прилепска Река како едни од најзагадените реки, носат доза црнила на Црна Река.

Кочовски вели дека не може генерално да се каже статус само за Црна Река затоа што во различни делови од сливот различен е и квалитетот односно еколошкиот статус на водните тела.

„Најдобар е во горните делови од каде што е извориштето на реката, од село Железнец, па подолу Доленци, Бучин, тука е почиста. Штом навлезе во пелагонискиот (регион), прво во прилепска долина, значи штом навлезе после и во Битолско Поле, веќе статусот се влошува. Најлошо е кај Прилепска Река, каде што доаѓаат сите оние индустриски, отпадни води, комунални отпадни води од домаќинствата, фекална канализација, тука е најлоша. Имаме мерно место пред вливот на Прилепска Река во река Блато, која што се влева во река Црна. Тука реката личи на отпаден канал. Има мирис на фекалии, многу е лоша… значи многу е лоша реката. Еколошкиот статус е слаб. РЕК Битола е тука што загадува. Најдени се тука и поголеми концентрации на кадмиум во Скочивир од таа причина. И рудникот Суводол. Тоа се најголемите загадувачи“, смета Кочовска.

Црна Река не смее да се потценува. Речиси на секој поголем дожд, таа се заканува со излевање. Свежи се сеќавањата од 2015 година кога со денови цела Пелагонија беше под вода.

Климатските промени се жестоки, а човекот нема можност за ефикасно справување. Црна Река е вода која што многу пати се покажала со голем ризик од поплави. Она што најмалку можеме да го направиме е постојано да го чистиме речното корито. Тоа ретко се случува, а Пелагонија е важна затоа што нѐ храни.

Дождливата есен на момент го зголеми водостојот на Црна Река, но засега, тоа не е од загрижувачки рамки.

„Треба да се истакне дека освен природниот режим на течење, во сливот на река Црна е присутно и вештачко влијание. Тоа е пред сѐ преку хидросистемот Стрежево кој што е на нејзината десна притока, река Шемница, кој што е извонредно значаен за тој регион, особено во поглед на наводнувањето. Исто така и во крајниот дел на сливот, во крајниот долен дел преку вештачката акумулација и хидроцентралата Тиквеш, која што после Вруток е најголемиот производител на електрична енергија во земјата од хидроцентралите, значи хидропотенцијалот. И овде треба да се потенцира дека со тоа не е целосно искористен водниот потенцијал на река Црна. Изминатите години на големо се зборува за изградба на реверзибилната акумулација Чебрен, односно за проектот Чебрен кој што треба да биде пред акумулацијата Тиквеш, кој што исто така е особено значаен, пред сѐ во поглед на снабдувањето со електрична енергија. Она што уште нешто сакам да дополнам е дека сливот на река Црна претставува меѓудржавен слив, затоа што преку дел од сливот на река Елешка, која што се наоѓа во Република Грција и се влива во река Црна, како и дел од вкупниот слив на река Вардар, односно Егејскиот морски слив. Така што сметам дека за посеопфатно анализирање на протечните количини и управување со водите во сливот на река Црна потребни се меѓудржавни активности и меѓудржавна координација“, вели Атанас Угрински од УХМР.

Што ја разболува Црна Река? Што сѐ тече заедно со речните води во оваа река? Весна Маја и Неџо се во лабораторија со примероците од терен.

„Драгор е со лош статус, од река Црна. Меѓутоа, не може ништо официјално да се каже затоа што само еднаш сме земале примероци. Мислам дека ќе се потврди, бидејќи реката е бела, со фекалии внатре, со многу лоша миризба и верувам дека истото ќе се повтори и сега со октомвриските примероци“, вели Кочовска.

Во соседната хемиската лабораторија се испитува присуството на тешки метали во реката, како и целиот нејзин хемиски состав. Според процедурата се испитуваат еден по еден елемент. За бакарот имаат добри вести.

„Според резултатот добиен за бакар, овој метал за Црна Река е со концентрација во прва класа, значи одличен статус. Само за овој метал, за бакарот“, вели Шерибан Рамани од УХМР.

Двајцата колеги продолжуваат со анализа. За жал, за другите метали не можат да се пофалат. Велат, резултатите се слични како и во последното мерење, а тоа значи присуство на тешки метали. Работно е и во лабораторијата каде што се испитуваат макроинвертебратите. Присуството на вакви организми го обојува еколошкиот статус. За Црна, во Скочивир е слаб.

Генерално, најголем проблем за македонските реки се нитритите и нитратите, и според нивното присуство повеќето речни води биле во трета и во четврта класа, додека според кислородните показатели и според тешките метали се задржувале во првата и во втората класа. Но има и исклучоци. Според мерењата, Елешка Река има зголемено присуство на манган, а Црна Река на железо, манган и на кадмиум. Редовните мерења на УХМР и понатаму ќе се запишуваат на интернет страницата, со надеж дека токму тие податоци ќе ја подигнат свеста дека со реките мора нешто да се направи.

Сподели