Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Голема неинформираност и незадоволство кај граѓаните за заштита на водата и инспекцискиот надзор врз природните ресурси

Постои голема неинформираност и незадоволство кај граѓаните во Македонија во однос на заштитата на водата и инспекцискиот надзор врз искористувањето на природните ресурси, покажува анкетата на Институтот за комуникациски студии спроведена на крајот од минатата година во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“.

Дури 72% од испитаниците сметаат дека не се информирани за инспекциските надзори во животната средина, а 63% дека не се задоволни од работата на инспекциските служби. Во однос на начинот на управување со водата, 64% од анкетираните изјавија дека не се информирани од јавните институции, а речиси половината (46%) рекоа дека не се задоволни од работата на институциите кои управуваат со водните ресурси.

Повеќе од половина од испитанците (57%) не се информирани за квалитетот на водата во општината во која живеат и висок процент (94%) сметаат дека е важно да се врши постојано следење на површинските и подземните води. И покрај тоа, 60% од анкетираните ја оценуваат водата за пиење во општината во која живеат како квалитетна, а 53% од оние кои живеат во рурални области како квалитетна ја оценуваат и водата за наводнување.

Според испитаниците, најголем загадувач на водите во Македонија се граѓаните (42%), преработувачката индустрија (33%) и рударските капацитети (10%). 10% од анкетираните сметаат дека и граѓаните и индустријата се најголеми загадувачи. Поголем дел од испитанците (79%) смета дека загадувачите на водите не се казнуваат и многу висок процент (92%) сметаат дека е важно да се направи катастар (регистар, датабаза) на корисници и загадувачи на води. Повеќето анкетирани (62%) сметаат дека не се казнуваат ниту оние кои без дозвола или прекумерно ископуваат песок, чакал и камен од речните корита и крајбрежјата. Околу половина од испитаниците (45%) изјавија дека постапките за издавање дозволи за ископ на песок, чакал и камен не се јавни, а како негативни последици од нелегалното и прекумерното ископување ги наведуваат поплавите (63%), ерозијата на земјиштето (50%) и појавата на подземни води (35%). Сепак, најголемиот дел од анкетираните (89%) рекоа дека досега воопшто не биле вклучени во одлуките за управување со водата. Само 4% биле вклучени во јавни трибини и исто толку учествувале во работни групи во врска со водните ресурси.

Речиси половина од анкетираните (48%) се изјаснија дека би користеле онлајн апликација за пријавување на загадување на животна средина. Голем дел од испитаниците (82%) досега се немаат вклучено во некоја иницијатива во врска со квалитетот на водата или против загадување на водотеците и ископот на песок, камен и чакал од водните корита и крајбрежјата. Оние кои се вклучиле во некоја иницијатива, пак, тоа го сториле бидејќи лично забележале проблем (38%), имало поднесување барање или петиција до јавна институција (27%) или повик за теренска акција на граѓани (18%).

Анкетата беше спроведена од 30 ноември до 6 декември 2020 година на 1100 испитаници на возраст над 18 години. Целта на анкетата беше да се испитаат ставовите на граѓаните за проблемите на кои се фокусира кампањата „Разбистри сè“ – за користењето и заштитата на водата и за ефикасноста на инспекцискиот надзор врз искористувањето со природните ресурси. Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

 

Целиот извештај од анкетата погледнете го ТУКА.

 

Лице за контакт: м-р Дејан Андонов, координатор на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ – ; 071 317 661

Сподели