Граѓански организации, професори и експерти ги изнесоа целите и приоритетите во животната средина до 2030 година
Да се намали аерозагадувањето, да постои интегриран систем за управување со отпадот и ригорозна контрола врз индустријата, да се подоби квалитетот на водите, заштитата на шумите и биодиверзитетот, да се создадат одржливи системи за производство на храна и да се преземе поголема климатска акција.
Ова се некои од целите и приоритетите во животната средина до 2030 година кои претставници на граѓански организации, професори и експерти од Алијансата „Разбистри сè“ му ги пренесоа денеска на Претседателот Стево Пендаровски на јавната дискусија во врска со изработката на Рамката за развој #МКД2030.
Според нив, приоритетните области во кои треба засилено да се работи се климатските промени, циркуларната економија, квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и со водите, индустриското загадување, почвата и одржливите системи за храна, заштитата на природата, биолошката разновидност и шумарството.
Меѓу целите и приоритетите кои треба да се постигнат се намалувањето на загадувачките материи во воздухот во рамки на националните гранични вредности и воспоставувањето мониторинг станици кои постојано ќе работат. Потребно е сите јавни објекти да се греат на незагадувачки начин, за домаќинствата да има повеќе можности за енергетска независност и продажба на вишокот струја и да се зголеми обемот на урбаното зеленило.
До 2030 година, треба да се воведе интегриран систем за управување со отпадот низ целата држава. Да има можности за компостирање, селектирање, рециклирање и реупотреба на отпадот, како и негово искористување за добивање енергија.
Меѓу целите и приоритетите во животната средина се и оние за намалување на загаденоста на реките и езерата, укинување на повластените тарифи за енергија од малите хидроцентрали и подобрување на мониторинг мрежата за квантитет и квалитет на водите.
Познавачите на состојбите велат дека е потребна трансформација на индустријата за да се намалат емисиите на стакленички гасови и целосно да се третираат отпадните води пред да се испуштат, како и да се реши историското загадување на жешките еколошки точки во државата.
Треба да се запре губењето на биодиверзитетот и да се заштитат природните живеалишта и вредности, а 30 проценти од територијата да се прогласи за заштитени подрачја.
Одржливите системи за производство на храна треба да имаат особено фокус на малите семејни земјоделски стопанства, целосно да се применува добрата земјоделска пракса и да се зголеми органското производство и локалното вработување во рурален туризам и агро-бизниси.
Стручњаците сметаат дека е неопходно да се донесе Закон за климатска акција, фосилните горива да се заменат со обновливи извори на енергија, да се отвораат зелени работни места, да се воведе образование за климатски промени и да се спроведуваат кампањи за промена на свеста и навиките.
Членките на Алијансата „Разбистри сè“ ги изнесоа и проблемите кои се однесуваат за сите области во животната средина. Тука спаѓаат минорната распределба на пари од државниот буџет, неспроведувањето на легислативата, невладеењето на еколошкото право, неказнивоста на сторителите и корупцијата, нетранспарентноста при издавањето концесии за користење на природните ресурси и неефективниот инспекциски надзор на државно и општинско ниво.
Јавната дискусија ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамките на неговата кампања „Разбистри сè“, која е поддржана од Британската амбасада во Скопје.