Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Алијанса „Разбистри сè“: Копањето песок и камен од реките станува нелегален бизнис

Стории


Дејан Андонов, координатор на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“:

„Од Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ сметаме дека вадењето на песок, чакал и камен од бреговите на реките и езерата треба да се изземе како дејност од АД „Водостопанство“, бидејќи сметаме дека со самото тоа што станува збор за акционерско друштво мотивот не е регулирање на речните корита туку продажба на ископаниот материјал како минерални ресурси и остварување на профит. Имено, кај АД „Водостопанство“ преку постапка за јавно наддавање се пријавуваат понудувачи за ископ на песок, чакал и камен. При тоа, некои од фирмите дури немаат ниту сопствена механизација и користат механизација на друга фирма, со тоа што ископаниот материјал го продаваат поскапо од цената којашто е понудена на АД „Водостопанство“ и на тој начин остваруваат профит. Оттука, сметаме дека ископот е исклучиво заради остварување на профит, па се копа песок, чакал, камен и надвор од дозволите односно и кога е постигната целта за регулирање на речното корито.

Нејасно e како АД „Водостпанство“ воопшто ископува чакал, песок и камен од речните корита и брегови кога нема програма, ниту пак оперативни планови за заштита од штетно влијание на водите, односно од поплави, порои или пак во ерозивни подрачја. Исто така, мал број општини имаат вакви планови и програми. Дури и нејасно е како Министерството за животна средина воопшто издава дозволи за ископ на песок, чакал и камен кога не постојат овие планови и оперативни програми за заштита од штетно влијание на водите.

Оттука, предлагаме заштитата и подобрувањето на водотеците, на водниот режим со ископ на чакал, песок и камен, да биде дејност од јавен интерес, а да не биде дадена на концесии или пак преку јавно приватно партнерство, и воопшто да биде забрането ископувањето на песок, чакал и камен од речните и езерските корита и брегови, освен и исклучиво во ситуации кога има потреба за заштита од штетното влијание на водите, односно, како што кажав, поплави, порои и во ерозивни подрачја. Дозволите треба да се доделуваат исклучиво врз основа на програми и планови за заштита од вакво штетно влијание на водите. Носителите на дозволите, фирмите треба да престанат да ископуваат кога ќе се исполни целта за регулирање на речните корита, иако можеби дозволите им дозволуваат сè уште да ископуваат материјал. Исто така, треба да прават геодетски мерења пред и после ископувањето како доказ за ископаниот материјал.

И на крајот, сметаме дека треба да се формира посебно јавно претпријатие од Владата кое што ќе ги регулира водотеците, односно ископаниот материјал ќе може да го распореди во истото водно тело, ќе може да се користи за заштитни водостопански објекти, како брани, ќе може да се користи при изградба на стратешки објекти за државата, но исто така ќе може да се продава на слободниот пазар преку јавно надавање. Во тој случај, јавното претпријатие треба да го депонира ископаниот материјал на регулирана депонија по претходно прецизирана постапка. Исто така, продажната цена на ископаниот материјал треба да ја дефинира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и таа не треба да биде пониска од пазарната продажна цена утврдена со прописите кои што се однесуваат на минералните суровини.“

Датум

6 јули 2021