„Азбестот исто така е канцероген. Водата не е важно колку е загадена. Дали малку или многу, таа е загадена! Но, луѓето мора некако да се снаоѓаат. Со текот на времето забележавме како расте бројот на смртни случаи покрај една од реките. Починаа и деца. На почетокот не може да се примети труењето, туку кога некој целосно ќе се разболи“, забележува Идризи.
Посочува, водата што течела од процесот при преработка од рудникот – на 100-200 метри од речното корито ништо не се произведувало на почвата. Тековно земјата почнале малку поразлично да ја преработуваат, но останува неизвесноста дали и колку ќе се затрујат од храната.
Досегашни истражувања го потврдуваат „Лојане“ како контаминирана зона
Локалитетот „Лојане“ влезе во групата на најжешките еколошки точки во Македонија преку разни испитувања. Физибилити студија во 2007 година, поддржана од чешката Влада и УНДП, покажа дека во дел од локалните реки има „екстремна“ или „средна“ загаденост.
Генерален заклучок за „високи еколошки и здравствени ризици“ за „Лојане“ стои и во документ од 2017 година, правен од група истражувачи и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и Институтот за минералогија и кристалографија од Виена.
„Некои води земени во мостри од бунари (и особено мострата број 19 од Ваксинце) имаат содржина на арсен и антимон кои се значително над границите на водата за пиење утврдени од различни регулаторни агенции“, се вели во студијата“.
Хемиска анализа на подземните води, извор: „Контаминација на почва и подзени води околу рудникот за арсен и хром Лојане“
Домашната границата за водата за пиење е 10 микрограми на литар арсен, останатите води се класифицирани од 30 нагоре. Пример, 30 се прва и втора класа, додека 50 се трета и четврта класа – умерено и силно атрофични загадени води. Најпоследна од 50 нагоре е петта класа, што во превод значи: не треба да се употребува за ниту една намена. Споредено, примероците за подземните води се движеле меѓу 16 до 402, со напомена дека освен влијанијата од рудникот, резултатите доаѓаат и од природната застапеност на арсенот.
Исто така, истражувачите откриле арсен и антимон над основните граници од мостри од почва и седимент. Многу примероци покажале ниво над „интервентните“ вредности.
„Проблемот е што Македонија нема закон за почви“, посочува Трајче Стафилов, долгододишен професор и истражувач од Институтот за хемија кој спроведува разни студии за жешките еколошки точки. Ваквата апсурдна ситуација, без регулатива, ги принудува истражувачите да користат вредности според холандски стандарди, општо прифатени.
„Исто така, користиме и Предлог-правилник што го изработивме како работна група за Министерството за животна средина, кој уште не е донесен. Според тој правилник, максимално дозволените граници на тешки метали и други супстанци во почви ги делиме во две групи. Првата, ‘целната’ вредност е од 29 милиграми на килограм и над неа се смета дека почвите се загадени. ‘Интервентната’ (акциска) вредност е над 50-60 mg/kg. Тоа значи, ако би биле во Холандија веднаш се активира контрола, инспекција, надзор и тоа мора да се исчисти. Мора да се направи ремедијација! Ако колегите нашле 10.000 mg/kg арсен, такво нешто не треба ни на памет да ни дојде, а не пак да го има во реалност“, потенцира Стафилов.
Објаснува, основната јаловина од половина милион тони – накаде е 1,5 до 2% арсен. Но, тоа црвено-портокаловото е 50% арсен, високо токсичен. Со тимот го истражувале и снимале арсенот кај железничката станица – водите го носат кон Табановска река, а Табановска река се слива во Пчиња.
„Концентририраниот арсен сулфид над селото, тој кога ќе се разнесе во воздухот оди во дишните патишта на селаните. Потоа и во крвототокот. Делува на многу органи. Тоа е општо познато. Арсенот е ставен меѓу првите на листата канцерогени супстанци на меѓународната Агенција за рак“, вели Стафилов.
До каде е чистењето на арсенот?
Досегашните физибилити студии утврдија најмалку 3-4 милиони евра за справување со критичните делови на „Лојане“. Претходно со УНДП и Кралството Холандија е извршена ремедијација, покриен дел од старото јаловиште близу училиштето поради итната потреба за здравјето на децата. Беше изготвен и Извештај за изводливи активности, како план Б.
„Посериозни зафати на локалитетот се предвидуваат со експлоатација на депонијата од концесионерот. Со експлоатација на депонијата треба да се решава и загадувањето“, велат од Министерството за животна средина.
Сепак, ова се активности што селаните рекоа дека не ги чувствуваат, а и професорот Трајче Стафилот ги карактеризира како „ситни и невидливи“. Особено што „Лојане“ веќе 15-ина години е регистрирана како жешка точка и треба да биде државен приоритет.
„Државата потфрлува со ‘Лојане’ бидејќи изостануваат активности за негово чистење, треба и притисок кон концесионерот кој има обврска за тоа. Проблемот со таа јаловина е кој ќе ти ја купи, кој ќе ти ја преработува? Треба еден куп дозволи за транспорт… Но, мора да се исполни обврската“, забележува професорот Стафилов.
Досегашните физибилити студии утврдија најмалку 3-4 милиони евра за справување со критичните делови на „Лојане“. Претходно со УНДП и Кралството Холандија е извршена ремедијација, покриен дел од старото јаловиште близу училиштето поради итната потреба за здравјето на децата. Беше изготвен и Извештај за изводливи активности, како план Б.
„Посериозни зафати на локалитетот се предвидуваат со експлоатација на депонијата од концесионерот. Со експлоатација на депонијата треба да се решава и загадувањето“, велат од Министерството за животна средина.
Сепак, ова се активности што селаните рекоа дека не ги чувствуваат, а и професорот Трајче Стафилот ги карактеризира како „ситни и невидливи“. Особено што „Лојане“ веќе 15-ина години е регистрирана како жешка точка и треба да биде државен приоритет.
„Државата потфрлува со ‘Лојане’ бидејќи изостануваат активности за негово чистење, треба и притисок кон концесионерот кој има обврска за тоа. Проблемот со таа јаловина е кој ќе ти ја купи, кој ќе ти ја преработува? Треба еден куп дозволи за транспорт… Но, мора да се исполни обврската“, забележува професорот Стафилов.
Снимка од „Google Earth“
Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), вели дека неодамна извршиле вонреден инспекциски надзор на „Лојане“. Потврдува и она што претходно го дозна Радио МОФ, дека Министерството за економија изминатите седум години доделило две концесии за локалитетот.
„Во моментот на надзорот немало активности, а концесионерите неформално информирале дека немаат намера да започнат со експлоатација“, посочува Петровска.
За концесиските работи
Според информациите до кои дојдовме, „Лојане“ е даден под концесија на две фирми со ист турски управител – Мерт Ајдин. Во Централниот регистар Ајдин се јавува како еден од сопствениците на „АЈМА МАДЕНЏИЛИК“ ДОО СКОПЈЕ и „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ ДОО СКОПЈЕ.
Првата, „АЈМА МАДЕНЏИЛИК“ со Министерството за економија на 16 март 2016 година склучила Договор за концесија за експлоатација на антимон. Законската постапка вели дека, за да може експлоатира металични минерални суровини, концесионерот во рок од 4 години треба да поднесе барање за Дозвола за експлоатација.
„Овој концесионер не достави барање за издавање на дозвола за експлоатација, со тоа не започна со вршење на експлоатацијата и нема пријавено експлоатирани ниту извесени количини на минерална суровина“, ни соопшти Министерството за економија.
„АЈМА МАДЕНЏИЛИК“ пред околу еден месец, на 4 јуни, до министерството доставило Барање за едностран раскин на Договорoт за концесија. Го платил надоместокот за користење на просторот, но не и доспеаните концесиски надоместоци за суровина, бидејќи не стартувал со експлоатација. Па сега, министерството предложило на Владата да го раскине договорот.
„Постапката за донесување на Одлука за едностран раскин на Договорот е во тек. Откако Одлуката ќе стане правосилна, Министерството ќе изврши проценка за повторно доделување на локалитетот под концесија“, посочуваат од ресорното министерство.
За другата сестра-фирма, „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“, склучен е посебен Договор за концесија за експлоатација на техногена суровина (отпадот од поранешниот рудник што содржи остатоци од минерални суровини). Тој е склучен уште порано, на 25 август 2014, годината кога „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ влегува со истражувања и во „Саса“. Договорот важи 10 години до 2024.
Министерството за економија не располага со информации дали „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ извезол нешто од суровината од „Лојане“, бидејќи не било предмет на Договорот за концесија. Дополнително, ни кажаа дека 2016 година му е издаден Елаборат за заштита на животна средина, за потоа во 2018 и Дозвола за експлоатација. Оваа Дозвола не ни ја доставија преку нашата е-мејл комуникација. Затоа ја чекаме со Барање за пристап до информации од јавен карактер за да видиме што и како е планирано.
Податоци откако е добиена Дозволата за експлоатација / извор: Министерство за економија
Во меѓувреме, разговаравме со управителот Мерт Ајдин. Раскин на договорот со едната фирма е побаран бидејќи при истражувањата на рудникот не наишле на позитивни резултати, вели тој, а втората концесија се однесува на отпадот од „Лојане“.
„Се работи за различни концесии. Отпадот е веќе истражен. Пробавме да продадеме колку што можеме, но земји како Кина и Виетнам ги затворија своите граници за ваков тип материјал. Пробуваме да најдеме и други пазари. Прво треба да се справиме со отпадот што постои таму, па потоа ќе се прави ремедијација на земјата“, рече Ајдин при нашиот разговор на „Вибер“ додека е во Турција.
Според концесионерот, првичните проценки по добивање на дозволата биле дека експортот ќе оди брзо. Но, посочува „сега е тешко да се излезе од ситуацијата, особено поради пандемијата со КОВИД-19“.
На прашањето дали ќе завршат со обврските кон „Лојане“ до 2024 година, додека им трае договорот, тој кратко одговара: „Да, мислиме така“.
Трчање еколошки маратон со законски пречки
Еколошките организации досега реагираа дека за жешките точки, меѓу кои и „Лојане“, недостасува системски механизам за да се санираат. Чистењето побарува големи средства, но штетите од нивното нерешавање се далеку поголеми. Физибилити студиите правени најчесто преку странски донации покажуваат милионски суми за ремедијација, додека проблематиката се преплетува низ повеќе закони. Оние што не се донесени како законот за почви, но и оние за кои лобира Алијансата „Разбистри се’“ – Законот за минерални суровини и Законот за животна средина.
Измените од последниов не се поминати во Собрание. Тие за прв пат би дефинирале што е индустриска жешка точка.
Локацијата на арсен над селото
„Измените даваат обврска операторот или државата, кога станува збор за историско жариште како Лојане, да изработат и спроведат план за ремедијација. Ваков план неодамна изработи ‘Полиеко’ – компанијата што ќе го отстранува линданот од ОХИС. Во Лојане имало активности за ремедијација, но тие не се завршени. Потребно е да се изработи План за ремедијација и да се обезбедат финансиски средства за имплементација“, објаснува директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.
Плановите за ремедијација би оделе преку членот 28 б од Законот за животна средина, преку т.н. „План за управување на контаминирано подрачје“:
„Кога одредено земјиште на контаминирано подрачје се планира да се продаде, сопственикот на локалитетот или потенцијалниот купувач е должен како дел од документацијата да обезбеди и План за управување со контаминирано подрачје. Планот е составен дел на договорот за купопродажба и без негово приложување не може да се изврши заверка на договорот“
Лилјана Поповска од Зелен институт се осврнува на Законот за минерални суровини. Државата треба сериозно да го сфати проблемот со индустрискиот отпад, дека се работи за дежурен трујач, вели таа, со што ќе почне да издвојува 4% од концесискиот додаток собиран на национално ниво.
„Тоа е за да се направи програма за рекултивација, а спрема неа државата да даде дел свои буџетски средства, да бара донатори и едно по едно паралелно да ги решава сите историски жаришта. Загадувањето од разните рудници, фабрики, металургијата… нема да ‘испари’. Треба средства, напор, ангажман на стручни луѓе“, посочува Поповска.
Истовремено, прашува зошто државата да чека закони што ќе ја натера да ги решава жешките точки, туку мотивот да биде здравјето на луѓето и биодиверзитетот.
„Уште колку години ќе се одложува носење закон за почви? Или регулирање како обврска преку разни закони за животна средина? Така што, овде доаѓаме до обврска од Законот за минерални суровини која веќе постои, а не се применува. Од кога е донесен законот од 2012, според мои сознанија, досега ниту еднаш не е направена годишна Програма за рекултивација. Во однос на ‘Лојане’, концесионерот е задолжен да го исчисти отпадот, но, државата треба и да го контролира. Државата треба да работи плански, организирано и одговорно“, потенцира Поповска од Зелениот институт.
Кон влезот на втората критична локација
Додека се чекаат подобри закони и странски донатори, децата од Лојане и Ваксинце чекаат по летниот распуст да се вратат во училишните клупи. Нивните родители и воопшто граѓаните од липковските села се очајни во обидите да живеат во чиста животна средина, гарантирана според Уставот.
„Значи, толку е загадено, што можеби отпадот треба некаде да се закопа – во некоја голема јама во буриња?! Проблемот со јаловината од арсен е скап, но треба некој да го преземе, државата треба да го преземе. Во минатото државата го екплоатираше и земаше пари од тоа, па сега може да даде повеќе. Ние немаме време за чекање!“, констатира Сулејман Идризи од Лојане.
Бојан Шашевски
Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Сторијата е оригинално објавена на РадиоМОФ.