Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Екологистите бараат сериозен третман на хидројаловиштата во Законот за минерални суровини

Стории

Image by enriquelopezgarre from Pixabay

Останати се многу недоречености во Законот за минерални суровини, чии измени се повлечени од собраниска процедура. Течат консултации меѓу надлежните од Министерство за економија со Алијансата „Разбистри се“ за дополнително менување на законските содржини. Тие посебно се однесуваат на делот на процедурите во сите фази за издавање на концесии во согласност со Архуската конвенција, на регулацијата на хидројаловиштата, на рекултивација на деградираните простори и нивна усогласеност со Законот за води. Иако се веќе прифатени низа предлози од Алијансата, како што беше посочено на денешниот брифинг, сѐ уште остануваат да се вградат уште значајни забелешки, кои доколку ги нема во законот, постојат значителни ризици за животната средина.

Според Лилјана Поповска од „Зелен институт“, останати се уште многу работи за регулирање, а од она што е прифатено, тоа е вградувањето на обврската за концесионерите, пред почетокот на инвестицијата, да достават техничко технолошки елаборат за користењето на хемикалиите во браните во хидројаловиштата (место каде се складира течниот отпад од рудникот и се меша со цијанид и сулфурна киселина), како и тие да депонираат финансиска гаранција за евентуалните штети по животната средина. Во делот на копањето на песок и чакал од речните корита, побарано е и договорено, тоа да се ограничи на површина од 1 квадратен километар, наместо на два квадратни километри, што е поврзано со Законот за води, како и да се зголемат казните за оние кои предизвикуваат штети по животната средина.

„Бараме концесионерите за минерални суровини да имаат програми и мерки за животна средина и оперативен план за заштита од поплави, за што треба да имаат одобрение од локалниот општински совет. Хидројаловиштата, течниот отпад од рудниците, не се доволно обработени во Законот за минерални суровини, а тие се најголемата опасност при работењето на рудниците и можат да предизвикаат еколошка катастрофа од невидени размери, затоа што постојат вечно и никогаш не исчезнуваат. Затоа бараме, во изградбата на браните за хидројаловишта да се вклучат повеќе експерти и стручни лица, како и да има забрана за експлоатација на минерални суровини во заштитени подрачја, во близина на населени места и туристички локации“, посочи Поповска, која додаде дека во законските измени треба да се вгради и обврската на концесионерот, во случај на хаварија, во рок од 1 час да го извести Државниот инспекторат за животна средина, ЦУК и Дирекцијата за спасување за опасноста за средината и населението.

Татјана Чакулев од О2 Иницијативата рече дека во земјава има над 360 концесии за минерални суровини што е огромен број според големината на земјата и што кажува за несовесниот однос кон природните ресурси и природното богатство.

„Фрапантен е податокот дека во ниту еден случај на издавање на концесии, нема учество на јавноста и граѓаните дознаваат за тоа откако ќе се заврши процедурата. Тоа е така, иако РСМ е потписничка на Архуската конвенција според која граѓаните имаат право на учество во одлуки кои се значајни за животната средина и нивното здравје. Токму затоа се и нашите забелешки, во Законот за минерални суровини да се вгради транспарентност на постапките за концесии, локалното население да се вклучи со јавни расправи и да има консензус од сите засегнати страни, а тоа да трае 30 денови пред одобрување на концесијата“, рече Чакулев.

Според Костадин Ристоманов од „Еко долина“, материјата во хидројаловиштата е исклучително опасна и затоа градењето на овие заштитни брани мора да биде според највисоки стандарди. Во спротивно, последиците се несогледиви. Ристоманов го посочи примерот од една симулација, што би се случило кога би дошло до излевање на хидројаловиште во струмичко.

„Симулацијата покажа катастрофално сценарио. Ќе се затрупаат со отровна каша цели села во котлината, а потоа по реката Струма таа би се излила во Егејското Море. Би угинал целиот жив свет во водите и почвата, а за ревитализција на средината би биле потребни 2000 до 3000 години“, изјави Ристоманов, кој нагласи дека поради овие факти е неопходно Министерството за економија да има слух за ставовите и барањата на екологистите и во Законот да му даде поголем простор на обврските на концесионерот.

Новите измени во Законот се очекува да бидат наскоро вградени и пуштени во собраниска процедура.

 

Текстот е оригинално објавен на Мета.мк.

Оригинално објавено на:

Мета.мк

Датум

16 април 2021