Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

И во 21 век во државата има населени места кои немаат пристап до чиста вода за пиење

Стории

Околу 1.000 жители во битолското  село Бистрица, пијат вода од селскиот водовод која е загадена со фекални бактерии. Иако е само на 5 километри од Битола, ова населено место нема пристaп до чиста вода. Жителите за пиење се снабдуваат од околните извори.

Не е чиста, некојпат тече како кафе, како машината што пушта кафе. Таа не е за пиење, не е ни за капење. Алиштата ги ставаш во машина за перење бели,  излегуваат жолти, вели жител на село Бистрица.

Локалниот водовод во селото е изграден пред половина век, резервоарот е стар и неодржуван, исто како и  водоводната мрежа, што е причина за загадување на водата која доаѓа до домаќинствата.

Ова е битолското село Бистрица, но нема бистра вода за пиење. За да се разбистри потребно е да се приклучи на градскиот водовод. Но, не само овде, туку во повеќето рурални средини, жителите одбиваат селските водоводи да се приклучат на градските водоводни мрежи.

За јавното водоводно претпријатие да стопанистува со селските водоснабдителни обејкти, потребна е согласност од мнозинството жители.

Водовод ќе постави водомери, нормално дека ќе треба да плати. Постојано ако тече водата во бавчата ќе треба да плати по 10 -11 илјади сметка за вода, вели жител на Бистрица. 

Ризична вода од сопствени водоводи пијат 13.000 жители од педесетина населени места во општините Битола, Новаци и Могила. Меѓу нив се речиси сите села во Потпелистерието, каде водата е загадена

За пиење не е, не доаѓа во обзир. Не пиеме, дури и не готвиме со таа, вода. За пиење имаме еден извор тука во реката, дури од градот идат полнат, вели жител на потпелистерско Трново.

Центарот за јавно здравје од Битола, редовно ги контролира и селските водоводи. Од 115 примероци земени лани, кај 94 водата била бактериолошки неисправна. Од таму велат дека решение е или селата да се приклучат на јавниот водовод или претпријатијата да ги одржуваат селските водоснабдителни објекти.

Кај овие бактериолошки неисправни мостри во најголем процент доминираат индикаторите на фекално загадување, како ешерихија коли и  колиформните термотолерантни бактерии кои согласно правилникот за вода за пиење не смеат да бидат во водата. Тоа укажува дека небезбедната вода за пиење е ризик по нивното здравје, вели Емилија Богоевска, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје во Битола.

Од битолски Водовод велат дека водоводната мрежа има доволно капцитет, преговараат со жителите во руарлните средини, но не секаде брзо можат да се договрат за преземање на селските водоводи.

Има заинтерсираност од многу други месни зедници или корисници на сопствени водоводни системи, за кои што сме во напредна фаза, изработени се проекти, па лесно можат  да бидат приклучени на градскиот водовод. За некаде разгледуваме можности за поставување на филтерски контејнери во повисоките делови на Потпелистерието каде можеме да испорачаме вода, вели Горан Козров, директор на ЈКП Водовод-Битола.  

Општина Новаци е пример за добро менаџирање со водоснабдителните објекти. 8 села се приклучени на градскиот водовод, а 11 имаат сопствени водоводи кои ги одржува општинското комунално претпријатие. Аналзиите покажуваат дека квалитетот на водата се подобрува.

За водоводите што се под локлано ниво  општината деноноќно се грижи. Секој дефект го отстарнуваме, водата редовно се хлорира, вели градоначалникот на Новаци, Љубе Кузамновски.

87 проценти од вкупното население од трите општини, заедно со градот Битола, со вода за пиење се снабдува од градскиот водовод, која е бактериолошки и хемиски исправна. За останатите 13 проценти од жителите во руралните средини, надлежните неопходно е да најдат начини и им да овозможат пристап до чиста вода за пиење, што е основно човеково право.

Емилија Мисирлиевска

 

Сторијата е оригинално објавена на ТВ Телма.

Оригинално објавена на:

ТВ Телма

Датум

30 јануари 2021