Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Издадените дозволи за вода достапни на една платформа

Стории

Евиденцијата на издадените дозволи, концесии и согласности за води од Министерството за животна средина се достапни на една дигитална платформа. Водната книга ќе овозможи граѓаните да откриваат фирми кои незаконски користат или испуштаат во вода или пак ископуваат песок, чакал и камен од реките и езерата. Податоците треба да помогнат и за носење одржливи политики и мерки за заштита на водните тела.

„Ќе придонесе за транспарентност и учество на јавноста во донесувањето на одлуките во областа на водите и ќе се овозможи сите релативни податоци од Водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни. За да имаме сеопфатен преглед на статусот на водите, Законот за водите утврдува дека треба да има и систематско следење на површинските и на подземните води. За таа цел министерството ќе го донесе Правилникот за мeтодологијата за мониторинг на површинските водни тела“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Од академската фела велат дека со Правилниот за методологијата се пропишува начинот на мониторингот и оценката за еколошкиот и хемискиот статус и квантитетот на водите, но потребен е човечки капацитет за континуирано следење на состојбата.

„Треба да се зголеми човечкиот капацитет, односно да се вработат повеќе луѓе кои би биле обучени од нас и истите континуирано да ја следат состојбата. Се надевам дека ќе продолжиме со истото темпо и по завршувањето на кампањата. Во минатото голем број од истражувањата се направени за различни намени, резултатите од студиите не се систематски собрани и ажурирани. Следењето на водите треба да биде систематско, редовно и организирано“, посочи професорката Рената Ќуштеревска од Институтот за биологија при ПМФ – Скопје.

За подобро управување со водите е потребен кадар и во Секторот за води во Министерството, но и повеќе обуки.

„Сè ќе биде успешно ако имаме навистина поголем број луѓе, ако бидеме ние позиционирани како структура која го заслужува тоа согласно Законот за води. Значи постоење на агенција, постоење на некоја институција која ќе треба да ги задоволи рамките на имплементација на законот е неопходна“, смета Љупка Димоска Зајков, Сектор за води при МЖСПП.

Дигиталната водна книга и стандардизираниот мониторинг треба да бидат база на ресорното министерство за водење одржлива политика за водите.

„Евиденцијата на водните дозволи и податоците од постојан мониторинг, треба да помогнат да се утврдат притисоците врз водните тела, да се утврди потеклото на загадувањето и да се креираат соодветни управни мерки во однос на квалитетот на водите“, кажа Дејан Андонов, координатор на кампањата „Разбистри сè“.

Дигиталната водна книга и методологијата за мониторинг на водните тела се изработени во рамките на кампањата „Разбистри сè“.

Изработи: Институт за комуникациски студии

Новинарка: Сунчица Николовска
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажер: Ристо Душковски

Датум

25 март 2022