Скопје, 15.01.2021 година Министерството за економија донесе одлука да и предложи на Владата да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини поднесен до Собранието по скратена постапка.
По барање на Алијанса на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри се“ кое што беше доставено до Министерството за економија, Министерството одлучи да го повлече Предлог- законот со цел за негово доработување и усогласување со забелешките изнесени во барањето и потоа повторно да го достави за донесување по редовна постапка.
Сепак, Министерството за економија во текстот на барањето увиде дека дел од забелешките за одредби од Законот за минерални суровини се погрешно толкувани или нецелосно разбрани за што сакаме точно да ја информираме јавноста за истите.
Со Предлог-законот не е изземена документацијата која треба да се достави кон барањето за експлоатација, а која беше дополнета со Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини од 2019 година, а истата е ставена како задолжителна документација кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација и кон членот со кој е уредена финансиската гаранција.
Поточно, техничко-технолошкиот елаборат за постапката за експлоатација на минерални суровини со техниките и супстанциите што ќе се применат е префрлен во делот кој ја уредува дозволата за експлоатација, бидејќи начинот на вршењето на експлоатацијата се уредува во главнниот рударски проект, кој пак се доставува кон барањето за дозвола за експлоатација. Предходното решение за доставување на овој елаборат со поднесувањето на барањето за доделување на концесијата за експлоатација беше преурането.
Исто така, процената за деградирање на земјиштето, рекултивацијата и ремедијата на земјиштето, како и планот за управување со отпад се уредени во документацијата која се доставува кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација (главен рударски проект, решението по студијата/елаборатот за животна средина, план за управување со отпад) и за таа цел и финансиската гаранција е предвидена да се достави непосредно пред издавањето на дозволата за експлоатација.
Постапката за доделување на концесија за експлоатација на песок и чакал не е изменета, а се дополнува и со одредби за донесување на одлука за одбивање на барањето за доделување на концесија за експлоатација во случај кога е добиено негативно мислење од некоја од институциите кои согласно Законот се задолжени да дадат мислење.
Исто така, Министерството за економија оваа година ќе започне постапка за изработка на проектна документација за изработка на Стратегија за за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини со која ќе се процени потребата и динамиката за издавање на концесии за минерални суровини на конкретни региони.
Ова е обемен проект кој ќе треба да го изработи стручно-научна институција, но ќе даде одговор за тоа каде има услови за издавање на концесии во даден период, а следејќи ги условите на пазарот и секако согласно стандардите за заштита на животната средина.
Согласно постојниот закон општините на чија територија се врши концесиската дејност добиваат 78% од надоместокот, а само 22% оди во државниот буџет, но со овој предлог-закон општините ќе бидат обврзани овие средства да ги користат исклучиво за општествени или комунални дејности.
Постапката за пренос на концесија и пренос на удел не се менува, туку само се доуредува, така што надоместокот од 7%, како и потребната согласност од Владата останува.
Со оглед на сето горенаведено, Министерството за економија смета дека треба да се донесе Предлог-законот, бидејќи покрај усогласувањето со другите закони, технички се подобрува текстот на постојниот закон, а со тоа се подобрува уредувањето на оваа материја.
Веста е оригинално објавена на страната на Министерство за економија.