Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Климатските промени укажуваат на потребата за заштита на водните ресурси

Стории

Последиците од климатските промени се чувствуваат во Македонија. Забележливи се спуштање на нивото на Охридско Езеро, исчезнување на Преспанско Езеро, чија состојба е крајно алармантна, како и пресушување на изворите и на реките, што се должи на намалените врнежи на дожд и снег, во комбинација со топлите и сушни лета. Според забележаните податоци, минатата година се карактеризира како топла до екстремно топла во јужниот дел на Македонија, односно сушна во западниот и во источниот регион, кога станува збор за врнежите. Од Управата за хидрометеоролошки работи посочуваат дека во Македонија се забележува тренд на намалување на бројот на денови со врнежи, а друга разлика е и засилувањето на интензитетот на врнежите, на што сѐ почесто сме сведоци. Токму затоа екологистите сметаат дека е потребно подобро управување со водните ресурси, односно максимални напори за нивно зачувување.

Крани, Преспанско Езеро

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во климатскиот индекс за 2016 година, Македонија беше на осмото место во светот според степенот на загрозеност од климатските промени. Одредени региони и држави се под различен степен на загрозеност поради различните географски карактеристики, степенот на економски развој, едукацијата на населението, како и можностите за примена на мерки за адаптација. Од невладината организација „Екосвест“ велат дека, според националните комуникации кон Рамковната конвенција за клима, водните ресурси се најранливи на климатските промени.

– Во рамките на третата комуникација е направена процена на ранливоста кон климатските промени на водните ресурси во југоисточниот дел на Македонија. Официјалниот заклучок е дека земјата се соочува со проблем со недостиг од вода. Меѓутоа, недостигаат детални теренски податоци за состојбата – вели Елена Николовска од центарот за истражување и информирање на животната средина „Екосвест“.

Се проценува дека Македонија забрзано се движи кон опустинување, односно продолжени периоди на суша и топлотни бранови, кои сериозно ќе влијаат на намалување на водните ресурси. Како што е споменато во многубројните анализи на секторите ранливи на климатски промени, сите водни површини се во опасност. Ситуацијата е алармантна и потребно е преземање итни мерки за заштита на драгоцениот ресурс.

– Процените за нашата територија се дека забрзано се движиме кон опустинување, односно продолжени периоди на суша и топлотни бранови, и ова сериозно ќе влијае на намалување на водните ресурси во земјава. Потребно е подобро управување со водните ресурси, односно максимални напори за зачувување на водата во климата што забрзано се менува – додава Николовска.

Таа нагласува и дека е недозволиво водните ресурси да се користат за производство на електрична енергија.
– Во услови кога земјата се соочува со недостиг од вода во блиска иднина, недозволиво е водните ресурси да се користат за производство на електрична енергија, особено преку малите хидроцентрали – смета Николовска.

Климатските промени и недостигот од врнежи ќе влијаат и врз земјоделството. Според извештај на Организацијата за храна и земјоделство при ООН од 2019 година, намалувањето на обемот на врнежите и, воопшто, на водата достапна за наводнување на земјоделските површини, ќе влијае на способноста на светот да произведува храна, но исто така ќе влијае и врз намалување на хранливите состојки во произведените плодови, што би можело да биде штетно и за здравјето на луѓето.

– Оваа година беше објавено истражување во научниот журнал „Биолошка конзервација“, според кој ендемските видови најмногу ќе страдаат од климатските промени. На 20 отсто од копнените ендемски видови им се заканува уништување доколку дојде до глобално затоплување од над три Целзиусови степени – посочува Николовска.

Метеорологот и експерт за климатологија Пеце Ристевски смета дека вината, сепак, е кај нас самите, бидејќи доколку продолжи трендот на користењето фосилни горива, ќе продолжат и ефектите на стаклената градина, кои ќе имаат последици врз водените ресурси.

– И во Македонија ги чувствуваме ефектите од стаклената градина. Според одредени емисиски сценарија, кои се предвидуваат во четвртиот извештај за климатските промени, направен како одговор на Конвенцијата за климатски промени, водните ресурси ќе се намалат поради намалувањето на врнежите, а ќе се зголемуваат температурите на глобално ниво, а со тоа и кај нас – истакна Ристевски, додавајќи дека Медитеранот, вклучувајќи ја и Македонија, е чувствително подрачје, поради што е потребно следење на ефектите од климатските промени.

Редно време е да се запрашаме дали ќе можеме да го издржиме тестот што ни го подготвува природата во блиска иднина, бидејќи идните генерации веројатно ќе се соочат со посурови услови како резултат на сегашните одлуки. Затоа, сега е моментот за дејствување.

Со оваа сторија, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Сторијата е оригинално објавена во Нова Македонија.

Оригинално објавено на:

Нова Македонија

Датум

10 јули 2021