Кочанчани бараат на референдум да се изјаснат против изградбата на мала хидроцентрала на Мала река во непосредна близина на атрактивната туристичка дестинација, вештачкото езеро на брана „Гратче“. Стравуваат дека ќе биде целосно уништена постојната флора и фауна на излетничкото место, кое е вистински туристички бисер во регионот.
„Ендемските типови, како малите ракчиња кои живеат сега во Мала река ќе ги снема, тоа е сигурно. Второ, при доток на водата ќе имаме промени во самата акумулација, брана „Гратче“, а тоа пак ќе влијае и врз рибниот фонд и врз таложењето на талогот, што ќе го намали капацитетот на самата брана“, изјави Зоран Тодоров, Одбор за здрав живот.
Парадоксално е тоа што првиот човек на општината со проектот бил запознаен пред една година од љубител на природата, кој алармирал дека нешто ќе се гради во коритото на реката. Градоначалникот Николчо Илијев започнал своја истрага и побарал информации од службите на локалната самоуправа.
„Се работи за документ кој најпрво е издаден кон крајот на декември 2015-та година, со што тогашното раководство на општина Кочани има издадено позитивно мислење за изградба на мала хидроцентрала, во месноста „Мала река“. Истото такво мислење е издадено уште еднаш, мислам дека на 21 јули, 2017-та година“, изјави Николчо Илијев, градоначалник на општина Кочани
По добивање на концесијата, инвеститорот ја прибира соодветната документација за почеток со градба од Министерството за економија и Министерството за животна средина. Сепак од локалната самоуправа се сомневале дека се е позитивно во делот на изградбата и испратиле барања до сите надлежни институции да им одговорат дали е можно запирање на целата постапка.
„Од сите надлежни министерства, односно, институции добивме одговор. На пример, Министерството за финансии се изјасни дека не е надлежно да дава такво мислење и дека се оградува од евентуално настанатите штети доколку се блокира понатамошното издавање на документацијата за почеток на градба на малата хидроцентрала. Единствено од каде добивме сигнал дека се можни негативни влијание беше од Агенцијата за туризам, кои рекоа дека ќе бидат во делот на туризмот“, додаде Илијев.
„Иако сложни и инситуциите и народот и политичките дејци во градот Кочани се против, сепак продолжува и оди кон завршување на овој проект, кој не знам кој, како и кога го одобрил и дали размислувал кои се последиците и кој е бенефитот на општина, на Македонија или на поединецот кој тоа ќе го инвестира. Ние сме против и треба да се најде едно решение во кое нема да имаме губитници, сите да бидеме задоволни, а ние да го зачуваме ова што го имаме за идните генерации“, изјави Тодоров.
Во меѓувреме инвеститорот започнал со расчистување на теренот, односно со сеча на дрвјата долж коритото.
„Можеби 3 км ќе биде пресечена шумата овде, како што имам слушнато. Ќе имаме поголема ерозија на земјиштето, ќе имаме соголување на просторот, ќе имаме намалување на природните живеалишта на животните кои живеат овде“ додаде Тодоровски.
И градоначалникот веднаш реагирал кога добил дојава за масовна сеча на шумската маса, но за жал повторно останал немоќен да ја спречи.
„Интервениравме во нашата полициска станица. По извршениот увид констатиравме дека инвеститорот ја имаше обезбедено дозволата, односно одобрението за сеча и тука бевме навистина затечени, т.е. се извинивме зашто луѓето постапуваат согласно законите и одобренијата кои што веќе ги имаат добиено“, изјави градоначалникот Илијев.
Постои и реална опасност од уништување на патната инфраструктура, поточно од неодамна реконструираниот единствен асфалтиран пат кој води до туристичката локација и кој е забранет за транзитирање на камиони и тешка механизација.
„Доколку мислат да започнат по тој пат да возат, ние ќе ги повикаме граѓаните да го блокираме патот и да го зачуваме тоа што е наше, зашто не само што ќе немаме профит од таа хидроцентрала како општина и како држава, туку ќе имаме и оштетување на патот, па потоа нашите даночни обврзници пак ќе треба да го обновуваат кој знае кога и кој знае како“, изјави Тодоров.
За проблемот со градба на мини хидроцентрали, кој не е локален, туку засега повеќе општини во земјата одговор побаравме и од премиерот.
„Најверојатно реакцијата е и оправдана затоа што не се градело секој пат по прописи, односно, природата не се вратила во првобитната состојба и еден дел од мали хидроцентрали ја немале предвидено „рибна патека“ која што треба да го одржува биодиверзитетот. Одиме по европски прописи, таму каде што треба да се поништи, ќе се поништи, но државата ќе мора да плати големи штети“, изјави Зоран Заев, премиер.
Кочанчани за сега остануваат на ставот дека решението ќе го бараат преку изјаснување на референдум, за што веќе е поднесено барање до општината од страна на Здружението за заштита на животна средина ГРИН.ОРГ.
Прилогот е оригинално објавен на ТВ Ирис.