Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Контролата врз експлоатацијата на минерални суровини убедливо во интерес на концесионерите

Стории

Несоодветна и несериозна е контролата од институциите врз искористувањето на минералните суровите во Македонија, а надоместот е крајно скромен за државата и општините, се заклучува во извештајот на Државниот завод за ревизија. Во него се посочува дека одредени законски одредби и постапки и начинот како се спроведува контрола врз експлоатацијата на природните ресурси е убедливо во интерес на концесионерите.

Според извештајот, мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни да обезбедат ефективно управување со минералните суровини, во однос на нивната оптимална искористеност и ефикасна наплата на концесиските надоместоци. Во извештајот посебно се потенцира неисполнувањето на законските одредби од концесионерите, непрецизните рокови и ненавременото склучување на договорите.

„Концесионерите не се задолжени да доставуваат пресметки за продадените количини на минерални суровини, ниту се регулирани прашањата за надоместоците во однос на експлоатираните количини кои се користат за сопствени потреби и доколу на ист концесиски простор се искористува повеќе од една минерална суровина. Ваквата системска поставеност за наплата и евиденција на концесиските надоместоци не дава можност за проверка на пресметките, што претставува ограничување во извршувањето надзор и контрола на целоснoста и веродостојноста на приходите од концесиските надоместоци“, стои во ревизорскиот извештај.

Ревизорите воедно препорачуваат да не се укинува програмата за рекултивација на деградираните простори од рударските дејности, но и таа да се спроведе. Од таму велат дека од аспект на животната средина треба да се применуваат најновите европски директиви и процедури за ограничувањата на индустриски загадувања.

Законот е правен во интерес на бизнисите, а не во заштита на природата

Лилјана Поповска од Зелен институт вели дека ревизорскиот извештај ги потврдува забелешките на Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè”, која преку јавен притисок успеа Предлог-законот за минерални суровини да биде повлечен од собрансика процедура пред 6 месеци. Поповска укажува дека во предлог-законот има одредба каде што Владата има дискреционо право да даде позитивно мислење за концесија дури и во случај кога има негативни мислења од другите институции.

„Според мене тоа е апсолутен апсурд, за што Алијансата „Разбистри сè” многу жестоко се спротиставува и за што уште преговараме со Министерството за економија и немаме најдено усогласено мислење. Која би била логиката да се собираат стручни мислења од различни државни институции и дополнителни мислења од локалната самоуправа, од граѓаните, ако тие потоа не се важни. Ако сите речат не, а Владата потоа има дискреционо право да ја издаде концесијата“, вели Поповска.

Таа потенцира дека ревизорскиот извештај сепак е правен од економски и од аспект на спроведување на процедури, меѓутоа дека не е доволно посветено внимание на еколошките апсекти.

Според неа, не е земен предвид проблемот со хидројаловиштата кои што се едно од најголемите и најсериозните проблеми во рудниците, и за кој исто така сè уште нема усогласување со Министерството за економија и рударскиот сектор. Таа додава и дека најважно е присуството на локалното население и јавноста во сите постапки за доделување или одземање на концесии, независно дали се работи за геолошки истражувања или за експлоатација.

УЈП и Инспекторатот за техничка инспекција да направат контрола врз поголем број концесионери

Од Министерството за економија велат дека за подобрување на целиот систем на следење на доделените концесии, пред сè, треба да се донесат изработените измени на Законот за минерални суровини.

„Во последниве неколку месеци извршени се консултации како со невладините организации, така и со претставници од Македонската асоцијација за рударство и изработени се соодветни измени и дополнувања на Законот. Истовремено, по добивањето на Извештајот на Државниот завод за ревизија, Министерството за економија изврши измена и дополнувања на Законот во согласност со препораките дадени во Извештајот. Исто така, изработени се и се во постапка на донесување на 22 правилници кои произлегуваат од Законот за минерални суровини, со што значително ќе се подобрат условите во оваа област и ќе се зголемат критериумите при изработка на техничката документација по која треба да работат концесионерите, а со тоа и ќе се олесни постапката при вршење на надзорот и контролата”, велат од министерството.

Од таму додаваат дека побарале од Управата за јавни приходи и од Инспекторатот за техничка инспекција да извршат вонреден инспекциски надзор и контрола врз поголем број концесионери за да се увиди детално состојбата со доделените концесии. „По доставувањето на извештаите од извршените контроли, Министерството за економија ќе одржи и координативен состанок со надлежните инспекциски органи и ќе се превземат активности за подобрување на механизмите на надзор и контрола, како и меѓусебната соработка и редовна комуникација меѓу надлежните институции”, додаваат соопштуваат од Министерството за економија.

Новинарка: Ивана Рамаданова
Фото: Томислав Георгиев – архива на Институт за комуникациски студии

Датум

1 јули 2021