Жителите на Уланци, село во Градско, најсурово ги почувствувале последиците од копањето песок и чакал од водите на Вардар. Велат, наместо уредување на речното корито, на наш грб се прави бизнис што го загрози мостот над реката, а со тоа и околните куќи и имоти. Проблемите настанале откако се ангажирала фирма за отстранување на островот којшто со години се создавал во Вардар и предизвикал свртување на течението кон десниот брег.
Пред три месеци, во март месец, тука биле донесени машини кои што требале да го исчистат островот кој што бил на средина на реката Вардар. Но, наместо уредување на речното корито, која што требала да биде основна и примарна цел, при тоа санирање на десниот брег од реката Вардар и заштита на мостот, тука единствена активност била исцрпување на песокот, се жалат жителите на Уланци.
Жителите алармирале, но како што вели претседателот на месната заедница на Уланци, освен штета, ќар не виделе.
„Тука се случува фактички диво исцрпување. Има од милион до три милиони кубици, исцрпени се. Тоа е голем профит, дали за фирмата, за државата. Реагиравме тука од месната заедница. Добивме решение со кое што се забранува исцрпување на песок. Со ова решение требаше да се прекрати и да се заштити точно тоа, да се стави тука брана и овој брег да биде заштитен“, вели Цане Будимов, кој е претседател на месната заедница на село Уланци.
На фирмата ѝ е истечена дозволата. Од Инспекторатот за животна средина добила забрана да ископува песок, но камионите продолжуваат со активности на потегот. Работата не е завршена, но прашање е дали дозволата ќе биде продолжена.
„Јас како градоначалник многу не ги сакам тие фирми кои што вршат експлоатација на песокот затоа што се случуваат и злоупотреби. Има појава на дигање на прашина на тие земјоделски локални патишта, ги уништуваат патиштата. Тие секогаш ветуваат дека повторно ќе ја вратат во првобитна состојба претходната ситуација, меѓутоа после тешко одат работите за враќање“, ни изјави Роберт Бешовски, градоначалник на Општина Градско.
Одговори побаравме од фирмата-носител на дозволата за ископ „Машинокоп“ – Кавадарци, но оттаму решија да молчат. Стапивме во контакт со дел од компаниите кои „Машинокоп“ ги ангажирала заради механизацијата за копање. Од „Градба промет“ – Кавадарци ни рекоа дека биле ангажирани на само дел од островот, но поради високиот водостој на Вардар, работата останале недовршена.
Градоначалникот на Градско апелира при изготвување на проектите да се бара мислење и од општината.
„„Водостопанство“ знае да направи проектна документација и таа проектна документација да ја достави до Министерството за животна средина за да добие дозвола. И после си прават јавна набавка. Меѓутоа, во таа фаза општината не се јавува како фактор или консултација, за мислење дали бива, дали не бива, дали може, дали има услови, дали има последици за населението“, вели Бешовски.
Во Градско не се копало само кај мостот во Уланци, туку и во речното корито на три километри подалеку. Било пријавувано и во полиција, и во инспекција, но експлоатацијата продолжувала. Нашиот соговорник вели дека фирмата вадела песок од Вардар кога надлежните ќе си заминеле. Толку е ископано, што е сменет и речниот тек.
Овде имаме уште едно диво копање на песок. Исто така без дозвола, од сабајле од 6 часот до вечер до 7 имаше ископување година дена, година ипол. Не знам колку беше тука. Уништени се обработливи површини, на некои што вадеа парче леб, а за еден човек да става во џеб.
Од Инспекторатот за животна средина велат дека минатата година се извршени педесетина контроли на терен. Недостатоци биле утврдени на Црна Река, Вардар, Лепенец, Лакавица, Брегалница, Крива Река и Пчиња. Не само во активностите на терен, пропусти имало и во документацијата. Дозволите за ископување на песок и чакал од речните корита и брегови мора да е во согласност со оперативни планови за заштита од поплави. Сепак, фирмите добивале дозвола иако такви оперативни планови немало.
Од Министерството за животна средина, пак, само кусо соопштија дека според Законот за водите оперативни планови за заштита од поплави треба да изработуваат и општините и АД „Водостопанство“.
Видео прилогот е изработен од Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски, новинарка
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажер: Борче Крстевски