Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Мали хидроцентрали – користа од нив лесно може да се претвори во штета?

Стории

Малите хидроцентрали се чини како да се меч со две острици. Од една страна, ни под разно не смее да се градат во заштитени подрачја, а кога ќе се градат, потребно е да се запазат сите прописи и стандарди со цел да не ја загадуваат и оштетуваат животната средина неповратно. Од друга страна, служат за добивање енергија, со што ќе се намали уделот на електрична енергија добиена од фосилни горива, кои исто така се погубни за животната средина.

Мала хидроцентрала

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк несомнено внесе доза оптимизам дека не е сѐ загубено кога станува збор за одржливо управување со заштитените подрачја, а тоа, меѓу другото, значи дека на малите хидроцентрали местото најмалку им е во овие предели, каде што природата дарила раскош во секоја смисла.

Ана Чоловиќ-Лешоска, една од најгласните активистки за животна средина, е неуморна во напорите суштински да се сфатат и конечно да почне вистински да се валоризираат ендемските видови со кои располага нашата природа. Не е прв пат таа да алармира за ризикот што го носат малите хидроцентрали.

„Во подрачја со висок еколошки статус, каде што има голем број ретки и ендемични видови, штетата е многу поголема од подрачја со понизок степен на разновидност. Најочигледни на удар се рибите, кои се оневозможени да патуваат возводно поради физичките прегради од зафатите на малите хидроелектрани, а со тоа и не можат да се размножуваат. Понатаму, голем број водни животни, од видрата па сѐ до поточното ракче, и голем број инсекти и водоземци, се оневозможени да опстанат поради нискиот водостој што се јавува како резултат на зафаќањето на водата“, вели таа.

Кога во 2019 година Владата објави тендер за доделување концесии за изградба на мали хидроелектрани,тој од екоактивистите беше дочекан со негодување пред сè поради спорните локации на овие објекти.

Од „Еко-свест“велат дека по анализата на локациите, испратиле барање до Владата да не им доделува концесии на оние мали хидроцентрали планирани во заштитени подрачја.

„Како резултат Владата не додели три од планираните 20 концесии. Ова не е голем успех, но е чекор понапред кон подигнување на свесноста во високите политички кругови за проблематиката. Пред неколку месеци премиерот во рамките на прес-конференцијата за енергетската стратегија отворено ја даде својата поддршка за малите хидроцентрали, нарекувајќи ги најеколошки од сите еколошки проекти. По нашите реакции и присутноста на проблемот со малите хидроцентрали во јавноста и медиумите, Владата пред кратко време излезе со изјава дека концесиите ќе се раскинуваат и дека во заштитени подрачја нема да се доделуваат“, го споделува своето искуство Чоловиќ-Лешоска, која потенцира дека она што останува како проблем, околу кој допрва ќе се вкрстат копјата со Владата, се субвенциите за овие проекти.

Таа се надоврзува дека неодамнешното прогласување на Шар Планина за национален парк треба да го означи почетокот на „новата ера“ на одржливо управување со заштитените подрачја, што значи екотуризам, традиционални дејности и експертско спроведување мерки за заштита.

„Малите хидроцентрали не овозможуваат ниту еден од овие три елементи на одржливо управување и тие не се наменети да бидат градени во подрачја со ваква природна вредност и висок еколошки статус“, вели таа.

„Што се однесува до водата за пиење, честопати поради отсуството на учество на јавноста во планирањето на овие проекти, изведбата вклучува и зафаќање на дел од водата која се користи за пиење или наводнување од страна на локалното население. Загадувањето на водата и на реките е голем проблем кој мора да се елиминира, особено во период на пандемија кога хигиената е на прво место“, предупредува Чоловиќ-Лешоска.

За крај, активистите од „Екосвест“ велат дека со инвеститорите сакаат да остварат конструктивен дијалог.

„Мислам дека и тие се свесни дека поради недостиг од соодветно планирање и регулатива, нивните проекти причинуваат штета. Доколку постои план со зони каде изградбата на овие проекти не е дозволена, малите хидроцентрали не би биле изградени таму, а со тоа и би се избегнала штетата и би се зачувал екосистемот. Затоа сметам дека и во нивен интерес би било донесување на построга регулатива и планови за управување со речните сливови, за што се залагаме и ние“, заклучува Чоловиќ-Лешоска.

Дали е потребна генерализација – Не секоја мала хидроцентрала прави штета?

Проф. д-р Стевчо Митовски од Катедрата за хидротехнички објекти при Градежниот факултет во Скопје при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” споделува дека од вкупниот хидроенергетски потенцијал во земјава, проценет на околу 5.600 гигаватчаса, во моментот се искористени 1.470 гигаватчаса или околу 26%, што е релативно низок степен на искористеност.

Тој вели дека потребен е повеќедисциплинарен пристап при разгледување на прашањето за штетата и користа од малите хидроцентрали и при донесување на одлуката, треба да се разгледаат сите аспекти, т.е. позитивните и негативните страни, со цел да се добие оптимално решение.

„Она што е исклучително важно и воедно облигаторно е малите ХЕЦ да бидат изградени според соодветната легислатива и пропишаните нормативи и стандарди, вклучително и со запазување на строгите барања во однос на еколошките аспекти и влијанието врз животната средина (пред сè обезбедување еколошки загарантирано протекување, изведба на рибји патеки…). Потребно е рационално да се користат потенцијалните обновливи извори на енергија на сметка на необновливите извори (пред сѐ на фосилните горива), т.е. да се придонесе кон намалување на уделот на термоелектраните (кои се во група на необновливи ресурси и притоа предизвикуваат значително загадување на воздухот и животната средина) во вкупното производство на електрична енергијаво РМ, како и на намален увоз на електрична енергија во текот на годината“, појаснува Митовски.

Нашиот соговорник нагласува дека изградбата на малите хидроцентрали не треба да се гледа само преку призмата на профитот на инвеститорите, иако и самата потребна инвестиција за изградба на малите ХЕЦ и профитот всушност, како што вели, ја подобруваат економијата на државата.

„Познат е фактот дека екологијата, т.е. животната средина, е најмногу загрозена и подложна на уништување во неразвиените земји бидејќи не е приоритет во однос на другите потреби и проблеми, така што развојот на економијата е значаен фактор што значително влијае во насока на подобрување на степенот на заштита на животната средина. Секако, тука е важно и да се покрене свеста за заштитата на животната средина и еден од начините е преку организирање и спроведување на кампањи за таа намена“, вели Митовски, кој потенцира дека не треба „а приори“ да се отфрла можноста за градба на мали ХЕЦ бидејќи секој проект за мала ХЕЦ треба да се разгледува посебно без да се прави генерализација дека секоја мала ХЕЦ предизвикува огромни штети во однос на животната средина.

“Потреба за ажурирање на постоечка проектна документација”

„Студијата за можни мини и мали хидроцентрали во СР Македонија” е изработена во 1982 година и според неа проценето е дека уделот на предвидените мали ХЕЦ во производството на електрична енергија би изнесувал околу 10%, што е значителен процент за произведена електрична енергија како обновлив извор на енергија  од мали хидроцентрали. Ова (секако, доколку се реализира) е и во насока на барањето според кое Македонија треба да ја оствари целта од обновливи извори на енергија и да обезбеди соодветен процент на производство на електрична енергија (до 2020 година беа пропишани 23% во бруто-финалната потрошувачка на енергија, додека дополнително треба да се утврди колкав ќе биде тој процент до 2030 година)“, смета професорот, кој додава дека сепак, потребно е иновирање на наведената проектна документација, имајќи предвид дека е изработена пред скоро 40 години, од аспект на промени во просторното уредување и актуелна изграденост со објекти, промена на побарувачкатаза електрична енергија, ажурирање на влезните податоци(пред сѐ од хидролошки аспект), како и земање предвид на влијанието врз животната средина.

Какви стандарди треба да се исполнат при градбата на малите хидроцентрали?

„Малите хидроцентрали, како и останатите градежни објекти, треба да исполнат неколку степени на сигурност и тоа сигурност на објектите во рамки на системот на малата ХЕЦ (хидролошка, хидрауличка и конструкциска сигурност, кој вклучува статичка и динамичка сигурност), функционална(степен на исполнување на поставените цели) и економска сигурност (потврда за оправданост за градба и рентабилност на објектот).Наведените степени на сигурност детално се анализираат и потврдуваат во рамки на проектната документација, која подлежи на ревизија. Дополнително, потребно е да се оцени влијанието на објектот врз животната средина и да се предвидат мерки за намалување на негативните влијанија“, вели проф. Митовски.

Потребен е реален мониторинг од надлежнитеи се разбира стопирање на постапката за добивање на одобрение за градба на малите хидроцентрали, доколку во Студијата се утврди дека се прави ненадоместлива штета во однос на животната средина.

„Клучно е објектот да се изведе согласно сите законски акти и стандарди, а потоа во тек на експлоатација да се врши мониторинг и редовни инспекциски контроли за да се овозможи правилно функционирање на објектот и зачувување на животната средина. Доколку се утврди дека законската легислатива не е соодветна, треба да се пристапи и кон нејзини измени и дополнувања (тука спаѓаат Закон за животна средина, Закон за води, Закон за градење и др)“, заклучува проф. Митовски.

Х.Н.

(Со оваа сторија, МКД.мк се приклучува кон кампањата „Разбистри се'”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.)

 

Сторијата е оригинално објавена на МКД.мк.

Оригинално објавено на:

МКД.мк

Датум

18 јули 2021