Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Малите хидроцентрали и еколошките штети

Стории

Колку придобивките од електричната енергија што ја произведуваат преку таканаречена повластена или фидинг-тарифа е поголема од еколошките штети што тие ги прават во однос на природната средина, животинскиот свет и други аспекти – ова е главната дилема кога станува збор за изградбата и работата на стотина мали хидроцентрали во земјава.

Додека концесионерите и сопствениците на овие хидроцентрали тврдат дека придонесуваат за намалување на увозот на струја и со тоа кон зајакнување на енергетската стабилност, без притоа, според нив, да прават сериозни штети врз природната и животната средина, еколошките организации, од друга страна пак, сметаат овие хидроентрали предизвикуваат крупни еколошки проблеми.

Суша, сеча, ерозија, загадување…

Граѓанското здружение „Еко-свест“ е едно од ние што континуирано ја критикува изградбата на мали хидроцентрали. Директорката на оваа невладина организација, Ана Чоловиќ – Лешоска, таксативно наведува низа причини и аргументи какви проблеми предизвикуваат малите хидроцентрали. Според неа, овие објекти, покрај останатото, прават бариери и ги сушат реките.

За потребите на мала хидроцентрала, водата наместо во реката тече во цевките кои ја носат до техничката зграда каде се наоѓа турбината. Реката по зафатот е најчесто со минимално количество на вода, или сува.Ова придонесува кон појава на бактерии и алги несвојствени за екосистемот и уништување на поволниот еколошки статус на реката“, појаснува Чоловиќ-Лешоска.

Воедно, таа нагласува дека поради градежните активности при изградба, пределот се видоизменува и најчесто не се враќа во првобитната состојба, односно нема пошумување или мерки против ерозија, што пак може да доведе до свлечишта и дополнителни штети. Патем, како што образложува, при изградба се градат пристапни патишта и се расчистува теренот за идната брана, поради што се сечат шумите и крајречната вегетација.

Малите езерца кои се создаваат пред зафатите во себе акумулираат седименти. Наместо редовно чистење, истиот се испушта со поголема количина вода во реката, со што се загадуваат водните текови. Поради флуктуациите на водата во реката при работењето на хидроцентралата и честопати нискиот водостој во реката по зафатот, се губат значителни и ретки, загрозени и ендемични видови“, објаснува Чоловиќ-Лешоска.

Исто така, таа смета дека проблематично е и финансирањето, бидејќи најголем дел од субвенциите, според неа, завршуваат кај инвеститорите на мали хидроцентрали. Затоа, предлага субвенциите да се пренасочат на почистите извори на енергија, како сончевата и ветерната. Воедно, ја оспорува и важечката законска рамка.

– Во нашата држава нема соодветна законска рамка за еколошки проток на реките со која ќе се спречи пресушувањето на реките и уништување на екосистемите од функционирањето на малите хидроцентрали. Наместо елаборати за животна средина, државните органи треба да ги обврзат инвеститорите на овие проекти да изработат студии за оцена на влијанието врз животната средина со што ќе се предвидат соодветни мерки и ќе се обезбеди учество на јавноста, што не е случај во моментот – нагласува директорката на „Еко-свест“.

Влијание врз биодиверзитетот

Инаку, 6 проценти од сите сметките што граѓаните ги плаќаат за струја се наменети за субвенционирање обновливи извори на енергија. На тој начин, за десетгодишниот период од 2010 до ноември 2020 се одлеале над 90 милиони евра како трошоци за произведена електрична енергија од повластените производители, кои учествуваат со околу 6 проценти во произведената електрична енергија од домашни производители.

Досега, Регулаторната комисија за енергетика има издадено над 100 лиценци за производство на електрична енергија од мали хидроелектроцентрали, чија инсталирана моќност мора да биде помала од 10 мегавати. Од сите нив, 96 ја продаваат произведената струја по повластени тарифи, додека 11 ја продаваат на слободниот пазар на електрична енергија.

Како сопственици на мали хидроцентрали фигурираат повеќе субјекти, вклучително и „Фероинвест“, каде доминантен сопственик е бизнисменот и универзитетски професор Кочо Анѓушев, кој е и поранешен вицепремиер за економија. Поточно, оваа групација има претежно делумна сопственост во 23 мали хидроцентрали, чија вкупна инсталирана моќност е 22-23 мегавати. Како што нагласува тој, апсолутно е неоправдано критикувањето на малите хидроелектрани.

– Било што кога градите, да, има влијание во околината. Но кога ќе видите хидроелектрана 5-6 години стара, а тие се прават да работат во следните 50-100 години, вие ќе видите дека над земја остануваат само 2 објекти, еден зафат од 200 квадратни метри и една машинска куќа од исто 200 квадрати. Јас тврдам дека малите хидроцентрали немаат никакво влијание врз биодиверзитетот – рече Анѓушев во интервју за Фокус.

Тој посочува дека за изградба на стоте мали хидроцентрали во земјава инвестирани се најмалку 150-200 милиони евра. Дополнително, како што додава, платени се и 20 милиони евра по основ на еднократен концесиски надоместок за овие хидроцентрали кон државата. Од што ние треба да правиме струја во државата, прашува Анѓушев, потенцирајќи дека не постои стабилна држава во светот која е енергетски зависна.

Многу често слушам дека фотоволтаиците или ветерните електрани се подобри од хидроелектраните. Сите тие се добри и треба да се прават, но сите тие се поштетни од хидроелектраните. Зашто фотоволтаикот останува на површина. За еден мегават треба да ангажирате 15.000 квадратни метри, што значи дека за фотоволтаик од 10 мегавати е потребен цел рид, цело Водно. И сега што е подобро, да се ангажираат 400 квадрати за 4 мегавати или за 4 мегавати земјиште до 700-800 илјади квадрати ? – прашува тој.

СТРУЈА ОД СОНЦЕ И ВЕТЕР НАМЕСТО ОД ВОДА

Поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која по повлекувањето од политичкиот живот се вклучи во невладиниот сектор преку „Зелена Агенда“, се спротивставува на изградбата на мали хидроцентрали. Според неа, еколошките штети што тие ги прават ги надминуваат бенефитите.

Овие хидроцентрали даваат минимална енергија, а воедно прават огрома шета врз животната средина и биодиверзитетот. Не е јасно дефинирано како да се обезбеди билошкиот минимум на реката за животнинскиот свет да живее спокојно. Во светот веќе се говори и за еколошки минимум, што претставува уште построг критериум – вели Поповска.

Таа додава дека малите хидроцентрали ја заробуваат водата во цевки, поради што не тече природно за да ја имаат на располагање луѓето и животните. Како што објаснува Поповска, водотеците се поврзани и надземно и подземно и преку хидроцентралите се уништува хидролошкиот систем, а истовремено се редуцира и водата за пиење. Згора на тоа, како што потенцира, се сечат шуми за да се донесе градежен материјал и опрема.

Севкупно земено, зијанот е многу поголем од ќарот и кога ќе се направи една кост-бенефит анализа има поголеми штети отколу придобивки. Јас сум за обновливи извори на енергија, но да се избегнува хидроенергијата. Иако водата е обновлив извор на енергија и во ЕУ така се третира со европската директива, сепак во Европа веќе почна процес на критика на хидроцентрали, а многу од нив се урнати – вели Поповска.

Според неа, изградбата на мали хидроцентрали во суштина е неисплатливо и како бизнис, доколку моделот на финансирање не ги вклучува граѓаните преку буџетските субвенции, како и ЕУ преку кредитирањето. Затоа, Поповска препорачува, кога се во прашање обновливите извори на енергија, да се следи трендот да се форсираат сонцето и ветерот.

Најбитно е да ги чуваме природните ресурси. Природната средина во случајот со централите, плодната земја во случајот со фотоволтаицте. Фотоволтаици може слободно да се поставуваат, ама на неплодна јалова земја. Во случајот со ветерници, треба да се внимава на правецот на лет на птиците, како и на слични елементи – вели таа.

И други невладини организации контиунирани се спротивставуваат на изградбата на мали хидроцентрали. Една од нив е „Фронт 21/42“, која се приклучи кон манифестот потпишан од над 150 европски невладини организации, со кој се бара од Европската Унија, Европската инвестициска банка и од Европскиот парламент да запрат со поддршката и финансирањето нови хидроцентрали, бидејќи, според нив, тоа е во спротивност со целите за биодиверзитет на новиот европски зелен договор.

Одземање концесии

Според извештајот насловен како „Притисокот на хидроцентралите врз европските реки“, финансиран од Европската унија, во земјите од ЕУ има изградено над 22.000 мали хидроелектрани, од кои дури 20 проценти се во заштитени подрачја. Истражувањата на мрежата „Бенквоч“, пак, покажаа дека само од 2009 до 2018 година се изградени 380 мали хидроцентрали во овој регион, а ваквиот тренд продолжува и во следните години се до денес, бидејќи Западниот Балкан е мапиран како подрачје со неискористен хидропотенцијал.

Што се однесува до Македонија, во новата Стратегија за развој на енергетиката се наведува дека изградбата на нови мали хидроцентрали треба внимателно да се процени во однос на влијанијата врз животната средина наспроти придобивките од произведената струја. Врз основа на тоа, Владата во Програмата за работа до 2024 пропишува забрана за мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови, а паралелно најави и приспитување на дел од поделените концесии, особено на Шар Планина, која веќе влезе во границите на новиот национален парк.

Автор: Влатко Стојановски

„Со оваа сторија, ПИНА се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

 

Сторијата е оригинално објавена на pina.mk

Оригинално објавено на:

pina.mk

Датум

13 јули 2021