Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Мавровчани реагираат: Доста ни е без вода и затрупани со дивоградби, ќе протестираме!

Стории

Селаните од Леуново пред повеќе децении го изградиле селскиот водовод со самопридонес, од сопствен џеб, но Општината Маврово-Ростуше, без воопшто да ги праша, пред неколку години му го дала водоводот под концесија на сопственикот на „Радика“, голем хотелски комплекс со базени и спа-центри.

„Повеќе не можеме да издржиме, со протести и блокади ќе ја бараме правдата“. Со овие зборови група граѓани, кои се претставија како дел од иницијативниот одбор на здружение на жители на селата и сопствениците на викенд-куќите што се наоѓаат покрај Мавровското Езеро, ја пречекаа екипата на „Слободен печат“ викендов во Маврово.

– Причини за револт и незадоволство има многу, но кога ги немате најосновните услови за преживување, како што е водата и кога гледате дека надлежните ништо не преземаат, ситуацијата навистина станува неподнослива – вели Владо Лазаревски, жител на селото Леуново.

Проблемот со вода за пиење, која ја нема или е нечиста и загадена, е ист речиси во сите населби крај Мавровското Езеро, чиишто жители и постојани и повремени, како и туристите, се снабдуваат од локални водоводи и каптажи на мали притоки на реката Радика и потоци кои се влеваат во езерото.

– И кога ја имаме, за пиење на водата не станува збор, таа во мојата населба Крстови е загадена со фекални бактерии, не може да се користи ниту за готвење ниту за хигиенски потреби – вели Верица Илиќ, која има викенд-куќа. Правото на вода е основно човеково право и ќе се бориме за него, едногласни се нашите соговорници.

Намалените врнежи и немањето вода во изворите си го направиле своето, но на тоа се надоврзала и прекумерната урбанизација, како и самоволието на поединци и незаинтересираноста на власта да ги спроведува и почитува законите. Денес е доволна една обиколка околу езерото за да се види трескавичното темпо со кое се гради насекаде – викендички, вили, цели станбени комплекси од по неколку блокови згради со по седум осум ката. И сето тоа среде национален парк.

Селото Леуново пред повеќе децении изградило селски водовод со самопридонес, од сопствен џеб, зафаќајќи еден помал извор во близина на селото. Денес изворот повеќе не му припаѓа на селото. Без да ги праша леуновци, Општина Маврово-Ростуше пред неколку години му го дала под концесија на сопственикот на „Радика“, голем хотелски комплекс со базени и спа центри.

Она што останува во цевките од изворот, откако ќе се издвои вода за хотелот, ни оддалеку не ги задоволува потребите на околу 40 домаќинства кои постојано престојуваат во селото и тројно повеќе викенд-куќи. Кога ја посетивме каптажата, делумно затрупана во тиња и видливо неодржувана, водата речиси ја немаше под лисјата и гранките. Ја нема доволно ниту за луѓето, а не станува збор за никаков биолошки минимум, кој пак ќе овозможи опстанок на шумската вегетација и живиот свет на планината.

Државниот Инспекторат за животна средина неодамна утврдил дека хотелот „Радика“ не ставил мерач на проток, што значи дека не се знае колку вода зафаќа, а колку останува за другите, а воедно испушта загадена непречистена вода директно во Мавровското Езеро, а згора на тоа не плаќа ниту надоместок за вода!

Нашите домаќини ни покажаа и каде е испустот на канализацијата од хотел „Радика“.

„Ќе ја најдете лесно“, ни рекоа, „ужасната смрдеа надалеку се чувствува“. На самото место се уверивме и ние дека не претеруваат. Поради екстремно нискиот водостој на Мавровското Езеро, кој соголи досега неоткриени делови на брегот, се гледа како канализациската цевка се приклучува на планински поток и се влева во езерските води. Нашите куќи, велат нашите соговорници, сите имаат септички јами, но, освен еден или два помали хотелски објекти, сите хотели во Маврово својата канализација ја исфрлаат непречистена во Мавровското Езеро.

– Чашата се прелеа кога сопственикот на хотел „Радика“ почна да ги гради вилите на земјиштето што некогаш му припаѓаше на селото, односно беше државно, а Општина Маврово-Ростуше му го продаде и кога дознавме дека дури 87 големи куќи ќе бидат изградени на таа локација, ќе бидат приклучени на истата водоводна цевка со која ние и сега мака мачиме. Сега немаме вода, а замислете кога уште едно цело село ќе се приклучи – вели Лазаревски.

Вилите кои се градат во комплексот немаат дозволи за градба, но сепак се градат. Леуновци од медиумите дознале дека неодамна Општина Маврово-Ростуше донесла решение за уривање на девет вили од овој комплекс кои се во фаза на градба, но кога нашата екипа викендов го посети Леуново, видливо беше дека објектите се градат, а не се уриваат. Жителите на селото велат дека ја изгубиле вербата во институциите, на кои неколкупати писмено им се обраќале, барајќи помош, но ниту помош ниту некаков абер, не дошле.

Во меѓувреме, сајтот на комплексот – „Радика Вилиџ“ и натаму ги нуди на продажба луксузните објекти на брегот на Мавровското Езеро. Со раководните луѓе на хотелот не успеавме да стапиме во контакт, и покрај обидите.

Во меѓувреме, Иницијативниот одбор на мавровчани подготвува протест, на 10 октомври ќе го блокираат регионалниот пат кон Дебар. Нивна надеж е дека надлежните, сепак, ќе го слушнат нивниот повик за помош.

Пречистителната станица сè уште „нераспакувана“

Минатата година Државниот инспекторат за животна средина му наложи на хотел „Радика“, како и на другите хотели, да изработат елаборати за влијание врз животна средина и да инвестираат во технички решенија кои ќе значат прочистување на водите кои ги испуштаат.

Тогашната директорка на Инспекторатот Ана Петровска, најави дека резултатите би требало да бидат видливи веќе за шест месеци. Една ипол година подоцна на терен нема никакви резултати освен што во дворот на хотел „Радика“ стојат цевки и спакувани делови од машинска опрема. Неофицијално, тоа е опрема за новата пречистителна станица за хотелот.

 

Со оваа сторија, Слободен Печат се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Сторијата е оригинално објавена на Слободен печат.

Оригинално објавено на:

Слободен печат

Датум

28 септември 2021