Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси
Ministerstvo-za-ekonomija-ja-zloupotrebuva-skratenata-postapka-featured

Министерството за економија ја злоупотребува скратената собраниска постапка за да избегне јавна дебата

Стории

Измените на Законот за минерални суровини во понеделник по скратена постапка, без претходна јавна расправа и вклучување на јавноста влегува во собраниска процедура. Според експертите, носењето на закони по скратена постапка во Собранието не придонесува за развој на системот на креирање на политики во земјава. Скратената постапка не овозможува вклученост на јавноста и дискусија во парламентарниот дом, поради што со години сме критикувани од страна на Европската комисија.

Токму на скратената собраниска процедура за измените на Законот за минерални суровини се противат и 33 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции од граѓанската Алијанса за застапување и лобирање „Разбистри сè”. Тие испратија дописи до  Министерството за економија, како предлагач на измените, со барање  да го повлечат предлог-законот од собраниската седница закажана за понеделник и да го вратат во редовна процедура. Предложените измени велат дека содржат сериозни пропусти во заштитата на националните природни ресурси и затоа бараат широка експертска и граѓанска дебата.

Според Алијанса „Разбистри сè”, предлог-законот е обемен и сложен со дури 75 членови, што не одговара на деловничкиот услов на Собранието за скратена постапка за мали по обем и едноставни закони. Политикологот Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ вели дека скратената постапка е потребен инструмент на Собранието, но често пати се злоупотребува.

„Изигрувањето на скратената постапка е спорно, а не самата скратена постапка. Скратена постапка е потребна за мали измени. Проблемот е што често пати промената на закон се интрепретира дека е од мало значење и за да биде по скратена постапка, се протнува низ тоа решето. Во министерствата многу често се дозволува измена на еден закон да биде интерпретирана како да е по скратена постапка, а ако е по скратена постапка не требало да има јавна консултација“, објаснува Поповиќ.

Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска вели дека потребата од носење на закони по скратена постапка треба да биде оправдана и поткрепена во образложение на секој предлог закон.

„Минатата година имаме зголемување на користењето на скратената постапка, што е една од критиките во извештајот на Европската комисија. Сите законски решенија треба да се базираат на обид да се обезбеди што е можно поголем консензус каде треба да се интервенира законски. Таква форма на консензус не може да се обезбеди без соодветен и транспарентен процес на консултација и вклученост на сите засегнати страни. На ваков начин во општеството се гради доверба во системот за креирање на политики  која ние несомнено ја имаме изгубено во изминатите години“, вели Кацарска.

Од Министерството за економија уверуваат дека предложените измени и дополнувања нa Законот за минерални суровини се во фунција на усогласување на одредбите од овој закон со одредбите од Законот за прекршоците.

„Имајќи во предвид дека со Предлог-законот, пред сé, се врши усогласување со одредби од други закони, предложено е истиот да се донесе по скартена постапка. Заради тоа и не е објавен на ЕНЕР системот. Министерството за економија ценеше дека усогласувањето на Предлог-законот со системски закон, како што е Законот за прекршоците, е неодложно и очекуваше истиот да се донесе пред одржувањето на изборите во 2020 година. Но, бидејќи истиот не се донесе, Владата на 1.10.2020 година, со допис до Собранието на Република Северна Македонија го потврди истиот текст. Консултации се извршени со претставници од Македонската асоцијација за рударство“, велат во писмениот став од Министерството за економија.

Сепак, од Алијансата „Разбистри сé” тврдат дека предложените измени не се однесуваат само на усогласување со Законот за прекршоци и Законот за услуги, ниту со терминологијата за инспекторите, како што е наведено во воведот на предлог законот. Измените, според нив, се многу сериозни и навлегуваат длабоко во процедурите на добивање и одземање концесии за експлоатација на минерални суровини, се бришат постоечки обврски за барателите на дозволи со кои процедурата станува нетранспарентна и финансиски сомнителна и се овозможува и понатаму ефтина распродажба на националните природни богатства. Исто така, дека се проширува обемот на минерални суровини кои ќе бидат давани под концесија и се олеснуваат концесиите за ископување на песок и чакал.

„Се олеснуваат концесиите за ископување на песок и чакал, наместо да се ограничат поради досегашната злоупотреба, поради што се уништени многу речни корита и плодно земјиште. Само тој дел од законот бара посебно разгледување и изнаоѓање сосем поинакви, одржливи решенија, кои водат сметка за животната средина. Се отфрла финансиската гаранција да биде депонирана на самиот почеток. Не се влегува во зголемување на концесискиот додаток кој останува да биде 2%. Во афричките земји надоместокот е 50%, а кај нас е едвај 2%. Овој закон требаше да се преработи и да стане подлабок и покомплициран, а не да се упростува за рударскиот сектор и развивање на рударскиот бизнис“, вели Лилјана Поповска од Зелениот институт.

Законот за минерални суровини е еден од најчесто менуваните. Последната инстанца ќе биде Собранието кое треба да одлучи дали последните измени на законот ќе го врати на редовна постапка во собраниските комисии со претходна јавна дебата во која ќе биде вклучени експертската јавност и сите заинтересирани страни.

 

Изработи: Институт за комуникациски студии
Новинар: Светлана Божиновска

Датум

14 јануари 2021