На 20 километри одалечено од Скопје, поточно во село Мојанци , општина Арачиново се наоѓа оваа чешма. Голем број на граѓани доаѓаат тука за да полнат вода затоа што е прочуена помеѓу селаните како лековита вода. И дедото кој го затекнавме на чешмата вели дека со испиени 10 шишиња вода може да исчезнат камењата во бубрегот. Тој секоја недела доаѓа да полни вода којашто потоа и ја продава , 20 денари едно шише.
„Кого го болат бубрезите и кој има камења му ги стопува“.
80 годишниот Сали вели дека водата е прочуена и низ Европа и соседството. Додава дека не е само мит туку водата навистина помага во отстранување на каменот во бубрегот.
„Дали ја купуваат луѓето водата?
-Да купуваат во Германија, Бугарија насекаде. Во Косово, Гостивар, Тетово.
Дали се задоволни луѓето дали им помага водата?
-Да задоволни се затоа што оздравуваат, им ги снемува камењата“.
Едно од најраспространетите заболувања е камен во бубрег, кој најчесто се јавува кај луѓе на возраст помеѓу 20 и 55 години. Според уролозите еден од најчестите фактори за појавување на камен во бубрезите е водата.
„Кај секој заболен причината е различна, но климата, водата и земјата се основни причинители за појава на камен во бубрегот. Човечката урина е сложена биолошка течност. И кај здрав човек често е презаситена со раствори на различни соли. Ако нормалниот состав на урината се промени или нагло се зголеми киселоста, тоа може да доведе до појава на камен“, вели уролог.
Според лекарите лекувањето може да биде конзервативно или хируршко. За да се изведе правилно лекување, потребно е да се утврди хемискиот состав на бубрежниот камен и причините кои влијаеле за негово создавање со анализа на урината, која е собрана за 24 часа. Лекарите најчесто ги советуваат пациентите да ја пијат што повеќе вода, со висока бактериолошка вредност. За сите проблеми кои се соочуваат лекарите советуваат најпрво да се консултираат со стучните лица па потоа да се наоѓаат алтернативни лекувања.
Сторијата е оригинално објавена на ТВ21.