Високо на Јакупица, низ густата букова шума, со брзаци се провива Кадина Река, сината вена на Јакупица.
Кадина Река се наоѓа меѓу планините Китка и Голешница, јужно од Скопје. Извира под врвот Убава во месноста Јуручка Карпа, на источната страна на масивот на Мокра Планина на 1900 м н.в, а во Вардар се влива во Таорската Клисура на 212 м.н.в. Таа е десна притока на Вардар долга 34 км со вкупна сливна површина од 184 км2. Високо во изворишинот дел каде што се спојуваат четирите бујни, брзи и бистри речни потоци Јуручица, Алиагица, Салаковска Река и самиот истек од изворот на Кадина Река, таа го добива својот главен тек кој во целост е со изразит планински карактер. Кадина Река припаѓа на реките од Скопската Котлина заедно со Вардар,Треска, Пчиња, Маркова Река и Лепенец.
На Мокра Планина за време на најсилното заглечерување биле формирани повеќе циркно-долински глечери и тоа во изворишниот дел на Кадина Река. Глечерот во долината на Кадина Река почнувал од циркот под врвот Убава (2295 m) и се спуштал до селото Палиград, односно бил долг 16,5 km. Него го сочинувале повеќе помали глечери меѓу кои и Салаковскиот глечер.
Кадина Река со своето течение и потекло има и големо хидрогеолошко значење и се наоѓа на Листата на издвоени локалитети на значајно геонаследство од сферата на хидрологија кои треба да се земат во предвид при изработка на новиот Просторен План на Република Македонија.