Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Охридско Езеро: Можеме ли да го заштитиме заштитеното?

Стории

Најстаро во Европа, најголемо во Македонија. Охридско Езеро ги има сите карактеристики да биде најзначаен воден екосистем на континентот. Поделен меѓу Македонија и Албанија, овој културно-историски бисер е неисцрпен басен на реткости. Во него живеат повеќе од 200 ендемски видови од кои несомнено надалеку е прочуена охридската пастрмка. Но, на оваа слатковдна риба и на многу други ситни, уникатни организми им се заканува истребување, ако локалната и централната власт не најдат начин да го заштитат заштитеното.

Токму чувањето на уникатноста на ова прастаро езеро беше повод за дебатата за млади што ја организираше Младинскиот образовен форум во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“.

Фото: Охридско Езеро, автор: Томислав Георгиев

Биологот Кирил Арсовски смета дека она што во иднина мора неминовно да се спаси се водените живеалишта, кои на светско ниво претставуваат убедливо најзагрозени еко системи.

„Тоа се подрачја кои се делумно потопени со плитка вода и претставуваат жаришта на многу ретки видови кои може да опстојат исклучиво во такви еко системи. Тоа се безбедни места на кои се гнездат и одмораат голем број птици, претставуваат рај за сите водоземци, рептили, овде може да се најдат меѓу најзагрозените видови на ретки растенија. Овие влажни живеалишта се нарекуваат и речни бубрези затоа што го прочистуваат езерото од органски загадувања, го контролираат нивото на водата и претставуваат резервоари на вода со кои се снабдува езерото во сушните периоди“, објаснува Арсовски.

Биологот вели дека масовниот туризам, агресивната урбанизација и негрижата на мештаните и туристите се трите фактори кои постепено доведуваат до уништување на екосистемите и биодиверзитетот на Охридско Езеро. Според него, најголемото загадување на езерото кое е своевиден раритет доаѓа токму од локалното население кое во водата фрла градежен шут, стара санитарија и неупотребливи апарати за домаќинство.

„Оваа пракса мора итно да престане затоа што не само што ќе го изгубиме статусот во УНЕСКО, туку ризикуваме и трајно да го изгубиме Охридско Езеро, по примерот со Преспанското“, предупреди Арсовски.

Тој констатира дека масовната урбанизација на брегот е започната пред десетина години, кога во најава беа мега проекти за изградба на марина со огромни хотелски ресорти, кој проект ако се реализираше ќе значеше и смртна пресуда за живиот свет во езерото. Проектот пропадна, рече Арсовски, но не пропаднаа желбите на поединци за градење викендици, хотели и кафеани.

„Мора да се откажеме од масовниот туризам. На сите фотографии се гледа убавата сина боја на водата, а тоа се должи на олиготрофниот статус на езерото, кое се бори да остане чисто. Попусто ќе бидат сите платформи, ресторани, клубови и барови, ако езерото ја загуби својата препознатливост. Ќе добиеме зелена, аморфна маса, многу слична на Дојран и Преспа“, вели Арсовски.

Фото: Охридско Езеро, автор: Томислав Георгиев

Јаков Тушевски, еден од учесниците на предавањето, го адресираше токму прашањето – што можат граѓаните да направат, преку личен пример, за да се подобри состојбата? Арсовски појасни – мора да се смени начинот на кој се третира Охрид.

„Цената што ќе ја платиме ние за да се рехабилитира езерото е многу висока. Најдобар пример е Преспа. Речиси да не постои нешто што човекот може да го направи за да го спаси Преспанско Езеро. Луѓето што живеат на охридското крајбрежје гледаат дека се уништува езерото. Но, трката за брза заработка штом дојдат во лоша економска ситуација е двигател. На вагата – дали ќе го штитам езерото или ќе отвориме уште еден бар, вториот тас превагнува“, одговори Арсовски.

Инаку, проценетата старост на Охридско Езеро е меѓу 4,5 и 5 милиони години. Поради богатата флора и фауна го носи името „музеј во кој живеат фосили“.

 

Новинарка: Анита Димитријевска Велковска

Фотографии: Томислав Георгиев, архива на doma.edu.mk

Датум

26 февруари 2021