Текстот на песната „Ој, Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“ одамна не соодветствува на ситуацијата во која се наоѓа најголемата и најдолга македонска река, зашто нејзините води веќе неколку децении се алармантно загадени. Вардар последните 50-тина години е пример на човечката негрижа.
Општиот заклучок на експертите е дека Вардар, како и другите реки во Македонија, е чист само во првите километри од своите почетоци, а потоа загадена ја напушта Македонија. Иако не е единствената загадена река во нашата држава, Вардар претставува огромен проблем бидејќи поминува низ цела држава, контаминирајќи голем број водни тела и почви.
Градската депонија во Гевгелија, кое е обично ѓубриште, веќе 50 години се наоѓа на неколку метри од реката Вардар, а од пред 3 години во непосредна близина на пречистителна станица. Оваа депонија која содржи од стари троседи, до остатоци од конзервирана храна, речиси секоја година се запалува, што е особено голем проблем во летните периоди, кога граѓаните не можат ни да ги отворат своите прозорци заради чадот.
Освен тоа, поголем проблем претставува Сува Река, која при секој пообилен дожд се излива во депонијата и повлекува дел од неа во Вардар, а потоа и во соседна Грција. Проблемот наскоро треба да биде решен со отворање на новата депонија кај Ново Конско. Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, вели дека таму ќе се направи потпорен ѕид, а депонијата ќе се дислоцира и тој простор ќе биде парк.
Сторијата е оригинално објавена на ТВ Нова 12.