Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Опасен течен отпад за навек, инспектори и санкции во дефицит

Стории

Последиците од загадувањата од рудниците не завршуваат со животниот век на рудникот, туку продолжуваат понатаму стотици години по затворањето на рудниците. Околу санкциите за загадувачите често пати постои спогодување, што „мириса” на можна корупција во екологијата.

Колку еколозите и екоактивистите се погласни во напорите да го минимизираат, толку дел од рударското лоби го релативизира загадувањето од рудниците врз водените површини.

Штетите врз животната срединасе обемни и долгорочни, а дополнителна доза „неправда“ предизвикува фактот што и покрај високиот профит што го остваруваат, рудниците плаќаат симболични суми за евентуалното загадување.

Опасен течен отпад за навек

Професор Ѓорѓи Димов од Факултетот за природни и технички науки во Штип смета дека кога станува збор за штетите од рудниците, кои екоактивистите ги карактеризираат како непроценливи, како што вели, постои тенденциозност, односно однапред ги одредуваат рудниците како најзначајни извори на загадување на водите, нешто што не се потврдува со фактичката состојба, особено во последните две децении.

„Факт е дека поради специфичноста, индустријата на минерални суровини може да има значителен ефект врз квалитетот на животната средина во нивната околина, а посебно врз квалитетот и квантитетот на водните текови. Историски гледано, оваа индустрија имала значаен удел во вкупниот притисок врз водените површини. Но во последните дваесетина години, а пред сѐ благодарение на модернизацијата и промените во применетите технолошки решенија, како и хармонизација на законската регулатива за заштита на животната средина со онаа на ЕУ, има значително подобрување на состојбите, пред сѐизразено во намалување на емисијата на тешки и токсични метали во водните текови“, вели проф. Димов.

Во прилог на ова говорат и нивните научни истражувања во источна Македонија.

„Од она што ние го работиме како научни истражувања во зоната на дренирање на рудните полиња во источна Македонија, евидентно е подобрување на состојбата со присуство на тешки метали. Анализите на водите на реката Брегалница во околината на Штип, вршени во рамките на информативни кампањи во 2019 и 2021, покажаа дека нема зголемени концентрации на тешки метали. Ова, за жал, неможеме да го кажеме за другите физичко – хемиски и органолептички параметри (боја, нитрити, нитрати, сулфати, вкупен фосфор…) кои скоро секаде се над максимално дозволените концентрации. Овие загадувачки материи вообичаено потекнуваат од нетретираните емисии на комунални води, како и од емисиите од фармите и земјоделските површини, а не се поврзани специфични индустриски активности и воопшто не се карактеристични за индустријата на минерални суровини“, појаснува Димов.

Последиците од загадувањата од рудниците не завршуваат со животниот век на рудникот, туку продолжуваат понатаму стотици години по затворањето на рудниците.

„Најголема опасност од загадување на водите има од хидројаловиштата од рудниците. Тоа се огромни езера со цијаниди, сулфурна киселина и други супстанции, во кои се суспендирани честички од преработката на рудата во процесите на лужење и флотација. Тие спаѓаат во опасен течен отпад и остануваат како составен дел од рудниците и за време на експлоатацијата и по неа, за навек. Хидројаловиштата се опасни поради можноста да попушти браната и содржината да се излее во околината, во водите и почвата, уништувајќи го живиот свет“, вели Лилјана Поповска од Зелен Институт.

Друг проблем е што реките во земјава буквално се нападнати од концесии за ископ на песок и чакал.

„Тие се доделуваат формално заради „уредување на речно корито“, значи од еколошки причини, но во суштина се крајно нееколошки. Не се почитува Законот за води, каде што е уредено дека вакви ископи се можни само според програма за уредување и план донесен од локален совет. Проблем е што Законот за минерални суровини е во колизија со претходниов закон и оваа дејност ја третира како бизнис. Поради тоа бараме измени и усогласување, а паралелно и дозајакнување на одредбите и во самиот Закон за води“, вели Поповска и додавадека крајбрежјето на езерата, пак, се узурпира со диви насипувања заради изградба на нелегални плажи и други објекти.

„Влијанието на малите операции за добивање песок и чакал, иако не се класични рударски операции, се дел од индустријата на минерални суровини. Овие операции, во кои вообичаено се сепарираат и промиваат материјалите од алувионот на речните корита, неретко талогот без никаков третман го испуштаат во речните текови. Ваквите постапки,посебно со намалување на нивото на водата во текот на летните месеци, може да имаат значителни негативни влијанија врз речните екосистеми, а тука е и можноста за користење на водите за други цели“, се надоврзува проф. Димов.

(Не)соодветни казни

Факт е дека досега не е изречена затворска казна, туку само прекршочни казни за рудниците што загадуваат. И околу сумите што ги плаќаат како казна постојат спогодбени решенија, па така на крај загадувачите завршуваат со минимални казни во споредба со профитот што го остваруваат.

Професорот Димов вели дека иако не е доволно упатен во моменталната казнена политика на државата во овој сектор, смета дека таа треба да биде доволно висока и ригорозна за да спречува евентуални загадувања на површинските води.

„Според мене, многу поважно е што загадувачот, при евентуална хаварија, покрај обврската да плати казна, има законска обврска да го исчисти (отстрани) загадувањето и да ја врати животната средина во првобитната состојба. Доколку се почитува секогаш и во целост, оваа обврска има далеку поголема тежина и важност, а може да биде и значително подолготраен и поскап процес од еднократната казна. Од тука, сметам дека ефектот од целосна реализација и надзор на процесите на реставрација на девастираните подрачја до нивната природна состојба, покрај бенефициите за луѓето и природата, може да има и значителна превентивна улога, па неопходен е поголем фокус во спроведувањето на овие процеси“, вели Димов.

Поповска, пак, смета дека казните воопшто не се соодветни, алудирајќи на фактот што понекогаш штетите подразбираат и затворски казни, што досега не е случај во нашата земја.

„Воопшто не се соодветни казните, посебно по последните преполовувања според последниот Закон за прекршоци. Затоа баравме заедно со измените на Законот за минерални суровини да се измени и овој закон во делот на казни во животната средина. Тие мора да бидат многу строги и ригорозни, зашто штетите во животната средина се огромни, понекогаш и ненадоместливи. Мора да се промени и Кривичниот законик, за да биде загадувањето на животната средина кривично дело за кое може да се оди и во затвор. За спогодувањата мислам дека се несоодветни, многу често непристојни и мирисаат на можна корупција во екологијата!“, вели Поповска, која нагласува дека покрај сумите на казните, голем проблем е што во државата постои само еден државен инспектор за води и само еден инспектор за природа, кои не може ни теоретски да постигнат контрола на водите и природата.

(Не)исправни постројки за прочитување на отпадните води

Секој рудник, за да може да врши дејност, мора да поседува А-интегрирана дозвола издадена од МЗЖС, во која детално е пропишан процесот на мониторинг и следење на емисиите во водна средина. Сепак, дел од упатените во областа алармираат дека ова правило е само декларативно.

Проф. Димов вели дека вообичаено, поголемите индустриски објекти, кои се повидливи за јавноста и се предмет на поригорозни контроли, се стремат кон целосна имплементација ипочитување на законските обврски.

„Овие капацитети најчесто имплементираат комплексни системи за управување со водите, што вклучува системи за пренасочување на чистите води надвор од зоната на активностите, системи за рециркулација во кои водите од процесите се третираат и повторно се враќаат назад во нив, па сѐ до системи за финален третман на отпадните води. Од она што е јавно достапно или публикувано како научни истражувања, акои за жал ги има многу малку, состојбата со квалитетот на водите околу поголемите капацитети генерално е добра, инцидентите се релативно поретки, а сликите на обоени и целосно уништени водотеци се надевам се дел од неславното минато“, вели нашиот соговорник.

Тој констатира дека мора да се признае дека постојат и многу негативни примери, посебно кај одредени помали капацитети или објекти за експлоатација на неметални минерални суровини, кои иако можеби немаат потенцијал за загадување на поголеми зони, влијаат на намалување на количините на достапна вода,зголемување на суспендираните материи и матноста на водите, а со тоа и намалување на присуството на кислород и значајно загрозување на еко системите во нивната околина.

„За жал, овие состојби најчесто се резултат на невнимание од страна на операторите и несоодветна контрола на процесите, а може релативно лесно да бидат избегнати“, заклучува Димов, кој нагласува дека кај индустријата на минерални суровини најважно е проблемите да бидат правилно и целосно детектирани, а потоа, како што вели, низ процес на имплементација на соодветни мерки, построги и поцелосни контроли, ефикасноста на системите може значително и бргу да се подобри.

Х.Н.

Со оваа сторија, МКД.мк се приклучува кон кампањата „Разбистри сè“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Оригинално објавено на МКД.мк.

Оригинално објавено на:

МКД.мк

Датум

11 јули 2021