Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Отпадни води завршуваат во нивите околу Тетово, за пречистителна станица ќе се чека најмалку три години

Стории

Фекалната канализација од Тетово преку цевки стигнува до реката Вардар во атарот на селото Требош, но дел од ваквиот вид отпадни води завршуваат и на обработливите површини во ова подрачје. Оштетените цевки од канализацијата се причина дел од отпадните води да истекуваат и да се најдат во нивите околу Требош но и другите блиски села.

Непостоењето на процесот на третман на отпадните води преку пречистителна станица во овој дел од Тетово вака претставува директна причина за загадување на животната околина и опасности по здравјето на граѓаните. Во 2021 година е извесно дека ќе бидат потребни уште барем три години жителите на тетовскиот регион да престанат да се трујат на ваков начин и да нема загадување на животната средина со отпадните води, со оглед на тоа дека проектот за изградба на пречистителна станица се уште е во рана фаза на подготовка.

-Цевките од фекалната канализација се оштетени и пукнати, а дел од земјоделците и самите ги имаат скршено и за жал ги користат вакви отпадните води за наводнување. Освен тоа има и шахти од канализацијата кои не се исправни и претставува причини исто така отпадните води да се излевеваат. Направен е импровизиран канал за наводнување од веќе постоечки ендек и на тој начин се насочува дел од фекалната канализација кон овдешните ниви. Поради тоа непријатната миризба е постојан проблем во нашето село, како и долж патот од Тетово до Требош. Жално е и страшно што со такви црните води се користат за наводнување, вели Берзат Исаки од месната заедница на Требош.

Во градот и селата во овој регион фекалната и атмосферска канализација како и отпадни води од индустријата претежно завршуваат во реките и почвата, а дел од жителите се уште користат и септички јами. Во тетовскиот регион исклучок од ова е само Универзитетот на Југоисточна Европа за чиј кампус постои пречистителна станица за третман на фекалните и атмосферски води.

Ратко Давидовски, доктор по здравствена екологија и хигиена ја потенцира потребата од поскоро правeње и употребување на пречистителна станица за третман на отпадни води како начин на унапредување на животната средина и јавното здравје. Нагласува дека се додека загадените води се враќаат природата, постои опасност по здравјето на луѓето.

-Од здравствен аспект постои една основа максима- Каква вода земаш, таква треба да ја вратиш, со потполно ист квалитет, каква ја земаш водата со тој квалитет треба да ја вратиш, во природата, најчесто во реките и во земјата. На кој начин се прави тоа, со преработување со разни третмани, затоа се потребни пречистителни станици. Отпадните води може да доведат до заразни и незаразни заболувања, а претставува и показател за полно работи, штетни и опасни материи, токсични материи, радиоактивности, се тоа ни покажува. Отпадот е огледало на тоа што се случува во секојдневниот живот, објаснува Д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје во Тетово.

И во законот за води постојат повеќе одредби и начела за одржливо управување со водите при што се потенцира потребата од враќање на водното тело во поранешната состојба која постоела пред да настапат последиците од појавата, состојбата или настанот.

Во јули 2019 година започна да се расчистува старата тетовска депонија кај селото Фалише како локација каде е предвидено да гради пречистителна станица за третман на отпадни води. Средства има обезбедено за целиот процес преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија (ЕУ), но постапката е на самиот почеток, што укажува на тоа дека ќе бидат потребни повеќе години за да почне процесот на третирање на отпадните води кои потоа пречистени би се испуштале во реките.

Од Општина Тетово тврдат дека како локална самоуправа ја завршиле првата фаза која предвидуваше расчистување на старата депонија и поднесување документација.

-Првата фаза од проектот за изградба на пречистителната станица е завршена поточно направено е целосно расчистување на теренот и целокупната документација од страна

на Општина Тетово која е побарана е завршена. За следните фази ги очекуваме инструкциите од координаторот на проектот. Инаку од таму беа транспортирани над 90.000 метри кубни отпад, информираат од Општина Тетово.

Министерството за животна средина и просторно планирање се води како корисник на Проектот за изградба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Тетово, информираат од Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии, надлежен за стабилно финансиско управување проекти кои се финансираат од страна на ИПА компоненти.

-Во однос на пречистителната станица за отпадни води за Тетово, информираме дека е во тек прегледување на тендерската документација по што, во најскоро време истата ќе се достави до Делегацијата на ЕУ на одобрување. По одобрувањето ќе се пристапи кон објавување на тендер. Планирано е склучување на Договор за градба до крајот на 2021 година. Градбата трае 24 месеци и дополнителни 12 месеци период на пријавување на дефекти. Изградбата ќе се финансира од ИПА средства, информираат од Канцеларијата за комуникација со јавноста при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Местото кое е предвидено за градење на пречистителната станица е со површина од 67 илјади метри квадратни. За градењето на пречистителната станица обезбедени се средства од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра. Со тие средства треба да се градат цела станица, двата колектори и нови канализациони мрежи.

Александар Самарџиев

Со оваа сторија, Тетово инфо се приклучува кон кампањата „Разбистри се’“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

 

Сторијата е оригинално објавена на Тетово инфо.

Оригинално објавено на:

Тетово инфо

Датум

29 јуни 2021