Со еден клик преку четири алатки – Фејсбук, меил, веб страната на Државниот инспекторат за животна средина или електронската мапа на загадувачи – секој може да пријави загадувач во кое било време.
Локација, краток опис на загадувањето и фотографија или видео се сосема доволни за да се изготви налог. Државните инспектори се надлежни да ги „чешлаат“ фабриките, почвите, водите, минералните суровини, но ако добијат претставка што не е под нивна надлежност – помош ќе бараат од локалните инспектори.
„Оној момент кога пристигнува пријавата ние веднаш сме на готовност, правиме налог за вонреден инспекциски надзор и инспекторот е упатен на терен. Таму каде што во моментот немаме можност да испратиме државен инспектор, ќе правиме координација со овластените инспектори за да можат на лице место да видат што се случува,“изјави Ана Петровска, директор на ДИЖС.
Инспекторатот се уште мака мачи со бројот на инспектори. Петровска се надева дека годинава конечно ќе го засилат тимот со барем уште десетина инспектори.
„Во овој момент имам 15 инспектори на терен. Неопходни ми се уште минимум 11 за да покриеме Скопје и регионите каде што немаме доволен број на инспектори.“изјави Ана Петровска, директор на ДИЖС.
Целта е овој начин на „ловење“ на загадувачите да даде појасна слика за изворот на загадување во земјава. Само во последните два месеци од 2020 година стигнале 100 претставки од граѓани, а во останатите месеци просечно се процесираат 25 пријави.
Веста е оригинално објавена на Канал 5.