Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Последиците од осветлувањето на Црн Дрим

Стории

Туристичка атракција или загрозување на квалитетот на водата и подводниот живот – што претставува осветлувањето на струшки Црн Дрим, која, со помош на скапо платени рефлектори од општинската каса, ја замени природната темнозелена со спектар од сина, виолетова и црвена боја?

Откако Црн Дрим неодамна засвети во вештачки бои со помош на светилки поставени од двете страни на коритото во должина од 1.800 метри, локалната власт во Струга се пофали дека градот станува туристичка атракција. Според струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, осветлувањето на реката во текот на ноќта и дава изглед на аквариум, што, истакнува тој, привлекува туристи.

Во октомври го исчистивме целиот муљ, кој беше со дебелина од половина до метар и пол на одредени места, така што се создадоа услови да имплементираме еден проект, кој му дава нов лик на градот. Дрим заслужува и ноќе да биде осветлен, бидејќи тука доаѓаат многу гости, тука сме и ние стружани, кои навистина се гордееме и со езерото и со Дрим. Ова е уште една атракција за привлекување туристи – рече Мерко.

СВЕТЛИНАТА ГО НАРУШУВА ЖИВОТОТ НА РИБИТЕ

Додека струшката локална власт на чело со него уверуваат дека подводното осветлување нема да го уништи живиот свет во реката, иако за тоа самите признаваат дека не побарале мислење од ниту една надлежна институција, сепак, екологистите и биолозите веднаш излегоа со остри реакции дека вештачката светлина на реката ќе има штетни последици врз животниот и растителниот свет.

Најмалку кон такво нешто треба да тежнееме ние, кои живееме покрај најстарото езеро во Европа кое истекува во Црн Дрим. Тоа се природни феномени и секој еден од нас има обврска да ги заштити. А, за функционерите што таа обврска ја игнорираат или не ја разбираат, треба да следат санкции. Ваквите нестручни и своеглави зафати на поединци, можат да резултираат со значителни еколошки последици“, велат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

Екологот и професор по биологија, Кирил Пржо, пак, експресно се огласи преку социјалната мрежа Фејсбук, потенцирајќи дека осветлувањето на речните води го менува циркадијалниот ритам на живиот свет, односно, како што објаснува, се губи чувството за ден и ноќ. Дополнително, додава тој, на тој начин се изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката.

Светлината го нарушува животот на рибите, особено чувството за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење…“, напиша Пржо, елаборирајќи ги сите штети што може да ги предизвика вештачкото осветлување на реката.

АЛГИТЕ ЌЕ ГО ПРОМЕНАТ СИНЏИРОТ НА ИСХРАНА

Понатаму, професорот од Институтот по биологија Златко Левков за Фокус изјави дека реката Црн Дрим е природен воден екосистем, кој е од исклучително биолошко значење, бидејќи извира и истекува од најзначајниот воден екосистем во светот – Охридско Езеро. Затоа, според него, таа треба да се третира како дел од Охридско Езеро, а не посебно.

Во реката живеат голем број видови што го населуваат и самото езеро, а некои видови се сретнуваат единствено во Црн Дрим. Сите овие видови си имаат свој биоритам кој е прилагоден на природните услови во кои живеат. Поставувањето на светла во реката може да има негативно влијание токму врз биоритамот, но и врз однесувањето, достапноста на храна, размножувањето… – појаснува Левков.

Тој смета дека со ова во водата ќе се развијат алги коишто ќе го прикријат живеалиштето на другите видови, што би довело до намалување на биолошката разновидност и, пред се, промени во синџирите на исхрана на организмите. Притоа, тој стручно и детално објаснува:.

Светлината е неопходна за развој на алгите, бидејќи се фотоафтотрофни организми. Одредени организми можат да издржат постојано осветлување, некои изумираат. Оние што ќе се адаптираат на постојана светлина ќе го заземат местото на останатите кои нема да се адаптираат и ќе изумрат. Штом имаме промена во составот на видовите, автоматски се менува и синџирот на исхрана…“

НЕДОСТИГ НА РЕГУЛАТИВА И ИСТРАЖУВАЊЕ

Како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање предводено од Насер Нуредини, за овој случај го консултирале Државниот инспекторат за животна средина, по што заклучиле дека во однос на светлосното загадување не постои ниту регулатива ниту истражување на кое може да се повикаат за да констатираат како светлосното загадување влијае врз флората и фауната.

Инаку, од Општина Струга велат дека проектот вклучува инсталација на арматура изработена од нерѓосувачки челик, отпорна на корозија и тој се реализира во согласност со регулативата на нормативните технички стандарди. Меѓутоа, спорни не се нормативите за подводно осветлување, туку еколошките последици што тоа може да ги предизвика, кои, наспроти сите укажувања и предупредувања на експертите, властите ги игнорираат, вадејќи се на недостиг од законска регулатива.

Покрај тоа што има еколошките последици, станува збор за исклучително скап проект. Според Бирото за јавни набавки, договорот за осветлување на речното корито на Црн Дрим е склучен во април годинава на износ од 6,7 милиони денари, или за 800 илјади денари помалку од неговата проценета вредност. Имено, во тендерската постапка учествувале две компании, а подобра, односно пониска понуда доставила „Те-Џи Електрик“ од струшкото село Мислодежда, формирана на почетокот на 2018 година од страна на Бљедар Џила.

Годишните сметки извадени од Централниот регистар откриваат дека фирмата ланската 2020 година ја завршила со вкупни приходи од 4,2 милиони денари, од што произлегува дека тендерот од локалната самоуправата на Мерко има повисока вредност од нејзините приходи за цела претходна година. Згора на тоа, оваа компанија не работела друг јавен проект од сличен тип, меѓутоа успеала да да го добие договорот, од едноставна причина што не се барале никакви специфични услови, освен заинтересираните компании да бидат регистрирани за соодветна дејност.

Влатко Стојановски

„Со оваа сторија, ПИНА се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

 

Сторијата е оригинално објавена на ПИНА.

Оригинално објавено на:

ПИНА

Датум

26 јули 2021