Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање

Природен тек или човеково влијание: Kако да се спаси Преспанско Езеро?

Стории

Преспанско Езеро е второ по големина тектонско природно езеро во Македонија. Во долгата историја се смета дека за него се карактеристични големи осцилации на нивото, а намалувањето на водата секако влијае и на животните заедници во и околу него. Се верува дека опаѓањето на нивото во последниве две декади, загадувањето на водата, црпењето на вода за наводнување и глобалното затоплување, Преспанското Езеро го доведоа во сегашната, по многу нешта драматична состојба.

На дебатата што ја организираа Младинскиот образовен форум и Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“, еколози, професори и ученици дебатираа дали природниот тек или човековото влијание директно влијаат на сегашната алармантна состојба за најниско ниво на Преспанско Езеро во последните 100 години.

Екологот Драган Арсовски, кој 14 години истражува во Преспанскиот регион, езерото и неговата околина, вели дека четири клучни фактори кои директно влијаат на водостојот на езерото се дотокот и истекот на вода, количеството на врнежи, системите за наводнување на земјоделските површини и испарувањето.

„Дотокот на вода влијае преку сите околни реки и подземни води за полнење на езерото. Над Преспанско Езеро е Галичица, која како варовничка планина има голема порозност на води. Водите понираат под планината и го полнат езерото. Но постојат податоци дека дури една четвртина од водата од Охридско Езеро е со преспанско потекло. Таков пример е водата која извира во Св. Наум и Тушемишта на албанска страна. Наводнувањето со пумпи и преку бунари дополнително влијае на негативниот тренд”, вели екологот Арсовски.

Според него, влијание за одржување на нивото на водата во Преспанско Езеро имаат и врнежите и снегот, особено од октомври до април кој е таканаречен влажен период. Важен аспект се и подземните води во мочуриштата, особено кај селото Езерани. Тие, како што вели, честопати се резерви кои во сушниот период акумулираат вода за природно одржување на езерското ниво. Но, од друга страна, постои опасност од обратен процес кога водата од езерото може да се врати во овие мочурливи предели и директно да влијае на неговиот водостој и промени во нивото на водата.

Невена Тодоровска од Битола е постдипломец на заштита на животната средина и вели дека често е во Преспа уште од дете, но сега и поради интересот од студиите. Според неа, Преспанско Езеро е уникатен и чувствителен еколошки и хидролошки систем што е многу ранлив на климатските промени, но и од човечките активности.

„Дваесет и четири години по три месеци во годината одам во Преспа и регионот. Го набљудувам целиот процес на губењето на водата. Мислам дека овие состојби се поради новонастанатите бунари. Целиот брег кај селата Шурленци и Долно Берово беше порано со вода, а сега се ниви. Земјиштето буквално каде и да се допре излегува вода. Сите ниви црпат вода од езерото. Ова го покажува директното влијание на човекот. Кај Стење се слушаат пумпите кои ја црпат водата“, објаснува студентката Невена.

Таа вели дека дополнително изградбата на браната Стрежево и малата хидроцентрала на Брајчинска Река се смета дека директно влијае на нивото на водата, но и на живиот свет, особено пастрмката која се мрести во овој регион.

Марија Ефтимовска од Здружението за заштита на животната средина „Еко герила – Преспа“ е битолчанка која веќе дваесет години живее во Преспа. Вели дека проблемот е комплексен и системски и дека не може да се препише на еден фактор, но човекот единствено може да направи промени.

„Често имаме еколошки акции за чистење на крајбрежјето во Преспа. Комуналниот отпад кој се фрла на плажите е голем, а кога ќе надојде водата овој отпад завршува во водите на езерото. Се соочуваме со неодговорност на нашите постапки кон природата и треба првенствено да почнеме од нас, а потоа тој однос да се надополнува со другите решенија. Потребна е  и база на истражени податоци за Преспа за да не се губат добиените податоци до сега“, вели Марија Ефтимовска.

И екологот Арсовски се согласува дека податоците треба да бидат јавно достапни. Податоците за мониторинг на водата на Преспанското езеро, квалитетот на водата, за климата и водостојот треба да бидат во посебни национални дата бази кои преку  национално тело  секогаш ќе  бидат достапни за јавноста и за истражувачите. Оттука итно е потребна и стандардизацијата која ги третира овие прашања.

Образованието е клучен чекор во заштитата на природата. Професорот Насер Мифтари вели дека е потребна поголема едукација на младите околу значењето на езерата како природни резервати на вода, но и подигнување на свеста за заштита на животната средина.

„Потребни се повеќе предавања во образовниот процес за оваа проблематика. Очекувам повеќе научно-истражувачки активности, дури и директна посета на терен за младите да можат вистински да го доживеат просторот и неговата важност“, вели Мифтари.

На дебатата се заклучи дека нема едноставен одговор ниту за проблемите, ниту за решенијата потребни за спас на Преспанско Езеро и целиот преспански екосистем и дека на овој проблем треба да се пристапи системски – преку постојан мониторинг на водата, следење на промените, долготрајни научни истражување, подобрување на еколошката свест на локалното население и постојана едукација.

 

Новинарка: Светлана Божиновска
Фотографии: Архива на doma.edu.mk

Датум

19 февруари 2021