Кревет, клупа, компјутер, различна пластика и смет. Со години е ваква сликата на речното корито на Кумановка, иако се наоѓа на само неколку метри од центарот на градот. На единственото место за рекреација на кумановци, градскиот кеј, се шири смрдеа од река која повеќе личи на депонија.
–Чистено е многупати, но горе од мостот фрлаат се и сешто. Многу е штетно – вели еден кумановец.
– Чисти градот, општината но повторно нема една седмица и фрлаат смет, пластика, телевизор, сешто. И нонстоп се чисти нема месец пак е полно со се, шишиња, пластика, грозна слика и штетно за околинатa-дополнува друг.
-Многу е штетно, некорисно, нехумано не се чисти, Чистота можеби чисти, но народот треба да води ред-нагласува трет.
Општината, јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, Водостопанство Кумановско-липковско поле, еколошките здруженија, ја чистат, но за краток период реката повторно е полна со смет.
– Се вршеа акции за чистење, но како што може да забележите во реката може да се најдат разни предмети, кои ја загрозуваат животната средина и самиот водостој на реката, со што може да настанат и посериозни последици при доаѓање и при обилни врнежи на вода – истакна Даниел Стојчевски, од Општина Куманово.
– Тоа е децениски проблем со нашите речни корита и мислам дека во идниот период треба да се изготви проект со кој дефинитивно ќе се стави крај на сметот кој се фрла во речното корито во Куманово. Граѓаните треба да бидат повеќе свесни дека тоа е наша животна средина во која живееме и нашите деца – смета Оливер Илиевски, раководител на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.
Локалната самоуправа и Секторот за внатрешни работи Куманово, ја префрлаат топка чија надлежност е санкционирањето на несовесните граѓани. Комуналните редари и инспектори, објаснуваат дека врз база на снимки е тешко да се идентификуваат сторителите.
За раководителот на секторот за инспекцискиот надзор при општина Куманово, Бојковски пак овој проблем е системски. Според него од 2012-та година не е направено ништо за регионалниот правен план за управување со отпад. Тој објаснува дека отпадот од пакување пет амбалажа е во надлежност на колективни постапувачи со отпад. Општината е должна само да обезбеди простор за собирање, транспорт и депонирање.
– Ние воопшто немаме проблем со комунален отпад, ние имаме проблем со отпад од пакување, на него му треба огромен временски период за да се распадне во природата. Ако го оставиме несобран, имаме проблем со пет амбалажа и картонска амбалажа. Тоа е главниот проблем што создава хаос во општините, инаку комуналниот отпад е оној што бргу се раствора и што се депонира на градската депонија – вели Бобан Бојковски, овластен инспектор при Општина Куманово.
Смрдеата којашто се шири од речното корито на Кумановка, освен случајните минувачи, секојдневно ја чувствуваат и жителите коишто живеат во околината. И покрај еколошката катастрофа на оваа река, често може да се забележат рибари, кои меѓу сметот ловат и риби. Се обидовме да дознаеме каков е квалитетот и безбедноста на оваа вода, но не добивме одговор. Досега ниту една институција во Куманово не направила мониторинг за здравствено еколошкиот ризик. Центарот за јавно здравје Куманово го следи само квалитетот на реката Пчиња, којашто е далеку почиста од Кумановка. Согласно анализите направени лани, таму се забележани отстапувања од бараниот квалитет, кои се јавуваат како последица на антропогеното влијание. Здравствените лице препорачале да се преземат мерки за подобрување, за да се не се доведе во опасност здравјето на граѓаните.
Со овој прилог, ТВ Плус се приклучува кон кампањата „Разбистри сè“ , што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“
Сторијата е оригинално објавено на ТВ Плус.