Ја нарекуваат грандиозна убавица која восхитува, а истовремено и привлекува со грамадноста на својата маса и чудесното богатство на своите поединости. Но и покрај тоа што Шар Планина е предлог подрачје за прогласување за национален парк, проблемите со изградба на голем број мали хидроцентрали, дивата сеча и неконтролиран лов на диви и ретки животни сè уште се актуелни.
Токму ова беше темата на онлајн предавањето за животната средина кое го организираше Младинскиот образовен форум, во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сѐ“.
Shutterstock / Шар Планина
Шар Планина е сместена во северозападниот дел на Македонија. Оваа планина изобилува со густи шуми, широки ливади, водотеци и реки. Најсилно се доживува од југоисточната страна, каде што, над тетовската котлина, планината се издигнува до релативна височина од 2.125 метри. Врвот Љуботен ја зазема најистакнатата положба, додека пак највисокиот Титов Врв има дури 2.748 метри. Шар Планина изобилува со 27 планински езера, 100 поголеми извори, а самата планина претставува извориште на 25 поголеми планински реки. Шара има 44 видови на дивеч, преку 200 видови на птици и 147 видови на пеперуги со што е и најбогатото подрачје на Европа. Сепак, кралот на оваа зелена оаза е кучето Шарпланинец.
Екоактивистот Нгадњим Мехмети од граѓанската иницијатива „Еко герила“ истакнувајќи ги проблемите со кои се соочува Шар Планина при битката да биде прогласена за национален парк, потенцира дека планината станува небезбедна поради градењето на малите хидроцентрали.
„Градењето на малите хидроцентрали предизвикува ерозија и лизгање на земјиштето, што пак неповратно ги уништува уникатните релјефни структури во клисурите и претставува голем ризик во време на обилни дождови и поплави. Последните години се сечеа многу дрвја, ловот на диви и ретки животни беше надвор од контрола, имаше и многу изградби без контрола, за на крај сето ова да кулминира со изградба на мали хидроцентрали”, смета Мехмети.
Според него, ветувањето за прогласување на Шар Планина за национален парк трае со години.
„Истите власти кои сакаат да ја прогласат Шар Планина за национален парк истовремено даваат концесии и за изградба на хидроцентрали, знаејќи дека оваа област наскоро треба да се прогласи за заштитено подрачје. Затоа политиката во соработка со групите со бизнис интересите купуваа време, за да ги прават овие градби додека Шар Планина не се прогласи за национален парк”, додава Мехмети.
Архива на doma.edu.mk
Вредностите на Шар Планина, според екоактивистот, се под силен антрополошки притисок, а со сето ова има и многубројни закани кои што може да доведат до деградација и уништување на сите природни вредности.
„Фактот што досега се изградени или се планираат да се изградат околу 70 мали хидроцентрали, е едно од најважните прашања и закана за зачувување на природата на планината. Досега хидроцентрали има на 26 локации, од кои 16 се во предлог подрачјето за заштита. Во предлог подрачјето за заштита има договори за концесии за осум мали хидроцентрали, за кои сè уште не е издадена дозвола за градење, а се планираат уште 32 локации за изградба на мали хидроцентрали”, објаснува Мехмети.
Тој смета дека за зачувување на планината е потребна поголема активност и притисок врз власта и институциите и порача младите да бидат што поголеми контролори на останатите граѓани за подигање на свеста за заштита на природа.
Делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување на национален парк привремено ќе биде заштитен до донесување на законот. Вакво решение пред неколку дена потпиша министерот Насер Нуредини и ќе се применува до денот на влегувањето во сила на законот. Предлог-законот е одобрен од Владата и се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување. Со усвојување на овој закон, вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 отсто од вкупната територија на државата.
Новинарка: Ивана Рамаданова
Фотографии: Архива на doma.edu.mk и Shutterstock