Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Шар Планина стана национален парк, но можно е да се зголеми бројот на мали хидроцентрали

Стории

Слика од градба на МХЦ во Лешница

Главниот предизвик со кој ќе треба да се соочи државата во периодот кој следи по прогласувањето на Шар Планина за национален парк според повеќе засегнати страни се малите хидро електрани и нивното функционирање. Граѓанските здруженија кои дејствуваат во областа на заштита на животната средина како и планинарите се најгласните кои аргументираат дека во такво заштитено шумско подрачје нема место за објекти како што се малите хидро електрани. Според информациите на Министерството за животна средина и просторно планирање на Шар Планина има изградено 11 мали хидро електрани, додека за девет има склучено договори од кои дел веќе ги завршуват градбите, а постојат и пет одлуки за доделување концесии.

 

Камиони за цемент паркирани на градилиште за МХЦ ЛешницаОд невладината организација „Еко Герила“ од Тетово потсетуваат дека веќе долго време се зборува за негативните последици кои веќе ги чувствуваат жителите на Тетово и околните села, пред се поради проблемите во водоснабдувањето. Потоа и повеќето други промени на почвата, воздухот и животната средина со последици како ерозија на земјиште, појава на поплави и слични проблеми.

-Директорот на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска, во месец ноември 2020 предупреди дека со изградбата на хидроцентралата во шарпланинската месност Лешница постои можност за загадување на водите и водоснабдувањето на градот Тетово. Селата Теарце, Доброште се лишени од правото на вода за пиење од почетокот на изградба на малите хидроцентрали. Тие се принудени да купуваат флаширана вода за пиење. Ова не е насоката во која треба да одиме. Денес се соочуваме со сериозни проблеми со водата за пиење. Пријателите од другите градови не го разбираат овој факт и ме прашуваат како може да останете без вода во подножјето на Шар Планина што е апсурдно нели, вели Нгадњим Мемети од Еко Герила.

Големи цевки оставени на градилиште кај МХЦ Лешница

Александар Стојановски од планинарскиот клуб Јелак од Тетово предупредува дека не треба да се заборават последиците од самото вршење на градежните активности за изградба на хидроценталите.

-За да се изгради мала хидроцентрала до недопрените предели на Шар Планина треба да се отвори пристапен пат, па по тој пат да се носат материјали, да поминуваат камиони. Освен тоа тој пат ќе остане како таков за да логистички да се снабдува хидроцентралата, како со луѓе, храна и материјали за дефекти. Се тоа е неприродна комуникација на планината со цивилизацијата. Тие пристапни патишта потоа ќе служат за градење на викендички. Со самото постоење на такви патишта ќе бидат користени од луѓе и излетници кои иако покрај добра намера да поминат време во планина ќе ги користат тие патишта на погрешен начин како што е случајот со Лешница. Се отворија два-три пристапни патишта сега на Лешница може да се видат и патнички возила како носат поголеми групи на туристи, позади нив се остава ѓубрето, има загадување на почвата од бензини и масла од возила, загадување на воздух од сето тоа и слично, објаснува Стојановски.

 

Куќи во предел на Шар Планина

И жителите на шарпланинските села потенцираат дека е потребно ставање на поголем акцент на заштита на водата и водните ресурси во подрачјето на Шар Планина.

– Осум години се бориме за заштита на природата и се спротиставуваме на градбите на хидроцентралите. Самите институциите од нас можат да слушнат многу искуства од осумгодишната наша борба за зачувување на природната околина кога се спротиставивме на градењето на хидроцентралите. Според нас треба да се стави ад акта за градење на такви објекти, да нема таква можност за хидроцентрали на Шар Планина, потенцираат од месната заедница Вратница.

– Пред 20 години и порано сите луѓе во селото живееа од водата во реката. Ги вадеа нивите и се напојуваше добитокот и од тоа се егзистираше. Сега 80 отсто од селото не може да го прави ова затоа што нема вода во реката. А сакаат да прават хидроцентрали. Не треба да се прават хидроцентрали затоа што ќе останеме и без таа малу вода, рече Башким Фејзулаи од месната заедница на село Бродец.

 

Пејсаж на Шар ПланинаВо Министерството за животна средина се согласни дека изградбата на мали хидро електрани неизбежно влијае врз природата во заштитеното подрачје и локалното население. Според одговорот на прашањата што ќе се случува со изградените објекти извесно е дека веќе постоечките ќе останат да функционираат среде недопрената природа на Шар Планина.

– Пред сè, тука се мисли на влијанијата во намален проток низводно од зафатите и машинските згради кои ќе влијаат на биолошката разновидност во тие површински води, како и крајбрежните заедници, а исто така и месното население заради можен недостаток од доволни количини вода за нивните секојдневни потреби (водоснабдување, напојување на добиток или наводнување на земјоделските површини). Во моментот, според расположливите податоци, на територијата на предлог заштитеното подрачје, евидентирани се 11 изградени/оперативни мали хидроелектрани, за кои е предвидено да продолжат да функционираат, но со примена на ефективни мерки за ублажување на влијанијата врз природата (кои ќе бидат препорачани во планот за управување со идното заштитено подрачје), редовен мониторинг и контрола на биолошкиот минимум. Со истите треба да се управува во согласност со одобрената проектна документација (елаборат за заштита на животната средина), одредбите од договорот за концесија, одобренијата за градење и останатото релевантно законодавство, се вели во одговорот од канцеларијата за комуникација со јавноста при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Речиси е извесно дека уште повеќе, дури 14 на број мали хидроелектрани можно е да се градат бидејќи постојат договори за градење и одлуки за давање на концесии. Дали ќе се градат зависи од преговорите помеѓу Владата и концесионерите.

-Има 9 мали хидро електрани со склучени договори за концесија и прибавено одобрение за градење (со започната или во последна подготвителна фаза за градба). Владата има донесено уште 5 одлуки за доделување концесии за мали хидро електрани на локации на идното заштитено подрачје. Во врска со веќе донесените Одлуки за доделување на концесија за оние мали хидроелектрани кои се наоѓаат во зоните за активно управување или строга заштита, предлогот по последниот заклучок од Владата (март 2021 година) е поставување на времени заштитни појаси во период од 1 година. Во овој период (рок од една година), инвеститорите треба да ја завршат изградбата на мали хидроелектрани додека Владата да донесе одлука дали постои можност за преиспитување на Одлуките и обесштетување на некои од инвеститорите. По истекот на овој период (доколку изградбата не е завршена), престануваат обврските кои произлегуваат од одлуките за доделување на концесиите, појаснуваат од канцеларијата за комуникација со јавноста.

 

Планинари поминуваат мала река на Шар Планина

По усвојување на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк министерот за животна средина Насер Нуредини изјави дека ќе се преговара но и дека ќе се внимава да нема мниогу трошоци за државниот буџет за обештетување на концесионерите. Некои од сопствениците изразиле желба за повлекување од градбата, но има и такви кои продолжуваат со работа.

Во студијата за валоризација за Шар Планина се наведува дека досега не е изработена студија за кумулативните влијанија на малите хидро електрани врз хидролошкиот потенцијал во сливното подрачје на Шар Планина и не може се точност да се определи нивниот интензитет, особено во подрачјето кое е предмет за идна заштита.

 

Пејсаж на Шар Планина

Соговорниците од Еко Герила и ПК Јелак имаат големи надежи и желби дека ќе се најде начин хидроелектраните во иднината да не бидат основа за девастација на природната околина на Шара.

-Очекувањата ни се големи, ова прогласување е обид да се стави до знаење дека е национален парк. И до сега имаше закони за дива сеча, заштита на животна околина, екологија што не се почитуваа. Сега се надеваме дека со ова и со построги процедури дека ќе се спроведе конечно. Со душа чекаме да формира Јавното претријатие Национален парк Шар Планина, да се формираат администрацијата и службите и да бидат професионални, објективни и спроведување на тоа. За мали хидро електрани тенденција е да се градат по Шар Планина ама тоа е погрешен потег и што мора да допре и сум револтиран од фактот дека со некои ќе има договори да се прават. Тоа не завршува на добро, истакнува Александар Стојановски.

Природните вредности на Шар Планина се под силен антропоген притисок, потенцира Мемети од Еко Герила и додава дека човековото влијание таму може да направи голема промена и на традициионалниот живот на живеење.

-Основни закани се деградација и уништување на сите природни вредности, потоа напуштање на традиционалните практики во намената на земјиштето и искористувањето на природните ресурси со што се менува и осиромашува пределската разновидност, нерегулирана урбанизација и инфраструктура (отворање патишта, викенд куќи, угостителски објекти итн.), илегалната сеча, непромислено искористување на водните ресурси (особено за добивање електрична енергија), прекумерно искористување на одделни медицински и ароматични растенија, неконтролираниот лов и риболов итн, климатски промени. Истите власти кои ја прогласија Шар Планина за Национален парк, даваа концесии за изградба на хидроцентрали, знаејќи дека оваа област наскоро треба да се прогласи за заштитено подрачје. Политиката во соработка со групите од бизнис-интересот си купуваше време за овие градби. Ова е контрадикторно за да веруваме во искреноста на овој проект како целина, вели Нгадњим Мемети.

Во процесот на јавна расправа дел од еко активистите побараа Шар Планина да се прогласи за национален парк во целина како начин на спречување на градбите на малите хидро електрани. Согласно зонирањето постојат пет вида на заштитено подрачје во најновиот национален парк Зона за строга заштита, Зона за активно управување, Зона за одржливо искористување и Заштитен појас.

Со оваа сторија, Тетово инфо се приклучува кон кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Сторијата е оригинално објавена на Тетово инфо.

Оригинално објавено на:

Тетово инфо

Датум

18 јули 2021