Битола треба да добие пречистителна станица. Во овој дел на градот треба да се гради. Процесот започна уште во 2016 година. Беше изработена и студија за влијанието врз животната средина, беше организирана јавна расправа, а имаше и посета на локацијата од тогаш потенцијални инвеститори.
И толку до денеска. За тоа што се е направено, односно до каде е процедурата, подолу во овој прилог. На почеток за моменталната состојба и потребата од Пречистителна станица.
Основната дејност на „Нискогардба„ е одведување и управување со отпадните и атмосферските води во Битола и околината. Канализационата мрежа во општина Битола е 30 проценти сепаративен систем, односно паралелно канализација за прифаќање на фекалните води и посебно на атмосферскиоте води. Останатиот дел, 70 проценти е мешовит систем, односно атмосферските и фекалните води се опфатени со една канализациона цевка. Должината на канализационата мрежа во Битола е некаде околу 200 километри.
„Имаме колектори кои што ги опфаќаат сите тие отпадни и атмосферски води. Во Битола ги имаше шест колектори кои што директно се испуштаат во реката Драгор и во петтиот канал. Со тоа ние имаме загадување на животната средина. Значи тие колектори ги опфаќаат сите води од Битола и селата кои гравитираат кон Битола. Тоа се Буково, Брусник, Лавци, тоа се трите потпелистерски села, кои веќе се приклучени на канализационата мрежа во градот и преку секундарната канализациона мрежа, заедно со тие шест колектори, се одведуваат во Драгорот и петтиот канал“ вели Методи Силјановски-директор на ЈКП„Нискоградба “ Битола.
Ова се неколку од испустите преку кои се одведуват отпадните води.
Со пречистителната станица работите ќе бидат поинакви.
„Да се опфатат сите тие шест колектори, со еден главен колектор кој ќе оди до локацијата на пречистителната станица. За таа цел се отпочна постапка за изработка на мастер план, изработка на физибилити студија и изработка на основни проекти. Целата таа постапка беше завршена во 2017 година со изработка на мастер план, физибилити студија и основни проекти за доизграба на колекторскиот систем во град Битола и со конечен главен колектор кој ќе ги опфати водите и ќе ги одведе во пречистителната станица. Во опфатот на пречистителната соатница, односно агломерацијата ги опфаќа селата околу Битола кои се во близина на градот, тоа се Лавци, Брусник, Буково, Кравари, Долно Оризари, Карамани и Трн. За Буково сега направивме канализација, во Лавци е веќе изведена, за брзо време ќе се изведи и канализацијата за Брусник, за Кравари и Долно Оризари ќе се работат потисни колектори, значи под притисок, да се одведат до главниот колектор кој оди до пречистителната станица, а за Карамани и Трн кога ќе има можност да се изработи канализационата мрежа ќе биде приклучена во оваа пречистителна станица која што е предвидена за Битола“ вели тој.
Петровска вели дека пречистителната станица е многу значаен проект за општината и дека градежните дозволи се целосно издадени и изработени од општина Битола, тоа значи дека целокупната проектна документација е изработена.
„ Експропријацијата на земјиштето што е на локално ниво општината ја има извршено, што значи дека општината своите обврски ги има исполнето. Меѓутоа таа не е одлучувачкиот фактор, во тоа дали таа ќе се спроведе, кога ќе се спроведе и кога ќе биде нејзината имплементација, затоа што тоа оди преку министерството за животна средина, но и сите оние претставници на фондовите од надвор, кои што ги обезбедуваат средствата и сите тие елементи треба да бидат склопени, за едноставно нештото да биде реализирано“ вели Наташа Петровска -градоначалник на Битола.
И ги отфрла обвинувањата дека општината не ја реализира, велејќи дека тие што обвинуваат многу добро знаат кои се ингеренциите на општината и што таа сработи во тој дел. А, она што била директна надлежност на локалната самоуправа е потпелистерието, однсно обезбедената пречистителна страница од страна на општина Битола, за зафакање на водите кои што доаѓаат од Трново и Магарево.
Студијата за оцена на влијанието врз животна средина Проект за изградба на колекторски систем, рехабилитација на канализациона мрежа и изградба на пречистителна станица за отпадни води во Битола изработена е во октомври 2016 година.
Во текот на изработката на оваа студија не беа утврдени значајни негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето. Идентификуваните влијанија спаѓаат во стандардни влијанија кои можат да бидат избегнати или намалени преку спроведување на идентификуваните мерки за заштита. При тоа, посебен фокус неопходно е да се стави на управувањето со тињата од процесот на третман на отпадните води.
Успешната имплементација на проектот ќе доведе до значителни долгорочни влијанија врз животната средина, но и врз социо – економската состојба во регионот, астои во студијата на министерството за животна средина.
Од таму ни одговорија дека средствата се обезбедени од ИПА2, секторска оперативна програма за животна средина и климатска акција и дел национално кофинансирање. Од причина што проектот е во тендерска постапка, висината на средствата не се објавува.
Тендерот еднаш беше објавен, како за канализација така и за ПСОВ во 2020 година. Истиот беше откажан заради тоа што ниедна од понудите не ги исполнуваше условите од тендерот за ПСОВ, а за канализација беше откажан заради истек на валидноста на понудите.
Во меѓувреме, се ревидираше целокупната техничка и тендерска документација со помош на експерт ангажиран од Делегација на европска унија и повторно доставен за реобјавување. Се очекува во најбрз рок истиот да биде реобјавен, велат од ресорното министествот.
Се планира договорот за градба да се склучи до крајот на 2021, а истиот трае 24 месеци + 12 месец период за пријавување дефекти.
Од министерството за животна средина велат дека општината е вклучена од првиот ден од почетокот на проектот за подготовка на техничката и тендерска документација. Ке учествува во процесот на евалуација на понудите, ке се формира проектна канцеларија во кој ке има претставници од општината во процесот на реализација и следење на имплементацијата на проектот, по градбата ќе ја преземе станицата и предаде на управување на ЈКП.
„Со овој прилог, ТВ Тера се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”
Сторијата е оригинално објавена на ТВ Тера.