Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси
Site-skopski-fekalii-zavrsuvaat-vo-vardar-featured

Сите скопски фекалии завршуваат во Вардар, пречистителната станица си чека тендери

Стории

Кејот на реката Вардар е едно од најубавите места во Скопје. Велосипедисти, пензионери, родители со мали деца, тинејџери… и среде зима секојдневно се рекреираат покрај најдолгата македонска река, во обид да го искористат срамежливото сонце, да се тргнат од градскиот метеж и да уживаат покрај водата.

„Смрди!“, коментира една баба која со своето внуче излегла да се прошета на кејот, по патеката која минува под мостот „Близнак“, меѓу населбите Аеродром и Ново Лисиче.

Испустот кај мостот „Близнак“

И навистина смрди. Токму под овој мост, од десната страна на Вардар е еден од четирите најголеми канализациски испусти во Скопје. Сите фекални води од градот кој полека станува милионски, се испуштаат директно во Вардар. Без никакво прочистување. Водата од тоалетните казанчиња, кадите и мијалниците, со сите фекалии, тоалетна хартија, средства за чистење тоалети, остатоци од храна, детергенти, сапуни за бањање… сè завршува во долното течение на Вардар, некаде после железничката станица. Ако на тоа се додаде и целата атмосферска канализација, заедно со испустите од индустриските објекти, станува јасно зошто смрди при секоја прошетка покрај Вардар.

„Тоа е децениски проблем кој ниту една досегашна Влада не се обиде да го реши на конзистентен начин и дозволи сите отпадни води, не само од домаќинствата, туку и од инсталациите, да се испуштаат во реката Вардар, без никаков третман“, вели Кирил Ристовски, од Центарот за еколошка демократија Флорoзон.

Централната пречистителна станица во Скопје, која се најавува со години, сè уште не е почната да се гради. Не е завршена ниту изградбата на колекторскиот систем кој треба да ги собере отпадните води од скопската канализација кои сега се исфрлаат директно во Вардар. Водата е толку загадена што не смее да се користи за ништо, освен ако не биде претходно прочистена. А систем за тоа, сè уште нема.

„Управувањето со водите е една од најкомплексните материи. Се предвидуваше дека 1 милијарда евра ќе требаат за соодветно управување со водите во нашата земја, па оттука секоја Влада гледа да го ескивира тој проект, и да го компензира со површни решенија и парцијални проекти. Еден од нив е и пречистителната страница во Скопје која гледаме дека се гради веќе скоро десетина години. Тоа, само по себе укажува за степенот на политичка свест кај носителите на одлуки“, револтиран е Ристовски.

Скопската пречиститителна станица ги чека тендерските процедури

Скопската пречистителна станица треба да се гради на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево. Вкупната вредност на проектот е 136 милиони евра. Од нив 68 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската инвестициона банка (ЕИБ) која одобри и грант од дополнителни 10 милиони евра. Уште 58 милиони евра се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Целата постапка оди преку ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Слика 11.Распоред на проектните компоненти со ограничени подрачја

Како што појаснува Линдита Шакири, помошник директор за технички прашања и одговорна за проектот за пречистителна станица, сѐ уште не се започнати градежни активностите за изградба на станицата.

„Во моментов веќе е помината првата фаза за претквалификација, за избор на надзор. Треба да одиме во втора фаза за избор на најповолен понудувач за надзорот. И во тек е, односно завршена е евалуацијата на првата фаза за избор на најповолен понудувач за изградба на пречистителната станица“, вели Шакири, појаснувајќи дека бидејќи се работи за голем тендер, ќе се оди и во втора фаза на избор на понудувач.

Според очекувањата на Министерството за животна средина и просторно планирање, договорот за градба треба да биде склучен во мај 2022 година. Оттука, стануваат тешко остварливи најавите на градските власти дека пречистителната станица ќе профункционира во 2025 година. Всушност, и во проектната документација се оставени подолги рокови. Реализацијата на проектот ќе се одвива во две фази. Првата фаза предвидува обезбедување пред-третман и биолошки третман на отпадните води до 2030 година, а втората фаза отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води, најдоцна до 2045 година.

Предуслов, пак, за пречистителната станица е изградбата на колекторскиот систем во Скопје. Со него, скопските отпадни води треба да се однесат кон Трубарево, како најниска точка на која ќе треба да се прочистат и пуштат во Вардар. На десниот брег се гради колектор со должина од 3,4 километри, од булевар „Србија“ до Железничкиот мост, додека на левиот брег е долг 4,5 километри. Во него треба да се слеат и водите од четирите најголеми испусти од кои се шири миризбата на фекалии покрај Вардар, лоцирани кај Керамидница и Макошпед (Кванташки пазар) на левата страна, како и под мостот „Близнак“ и во Горно Лисиче од другата страна. Покрај нив има и десетина други, кои лесно можат да се воочат покрај кејот на реката.

Градските власти најавија дека колекторскиот систем ќе биде готов до лани, ама и тука работите се оддолжија. Инвеститор и изведувач е Министерството за животна средина, од каде само кусо информираат дека досега биле завршени 90% од градежните работи на овој колектор.

Изградбата на станицата чека да минат тендерите

Централната пречиститителната станица во Скопје е најавена како капитален проект кој треба да ги задоволи потребите на градот. На годишно ниво, ќе третира 51,3 милиони м3 непреработена отпадна вода и треба да покрие девет од десетте скопски општини. Максималниот капацитет е предвиден за 650.000 жители. Но, почетниот капацитет ќе биде помал.

„Треба да го задоволува капацитетот на градот, околку 650.000 жители, но капацитетот на пречистителната станица ќе биде околу 400.000 жители , затоа што така оди сразмерот на изградба на прочистителни станици. Кога би ја граделе да биде со максимален капацитете, ќе биде неискористена, меѓутоа ќе има можност за надградба во иднина. Зборуваме за еден капитален проект кој ќе се трудиме да биде одржлив, што значи во иднина, како ке се зголемуваат потребите, пречистителната станица има можност за надградба“, појаснува Шакири.

Сепак, никој не знае колку жители има Скопје во моментов. Последниот попис на населението беше направен пред 20 години, кога се попишани нешто над 450.000 жители.  Според одредени проценки базирани врз податоците на Државниот завод за статистика, сега во Скопје живеат двојно повеќе луѓе. Во моментов, во скопскиот реон се прочистува само мал дел од отпадните води на Општина Ѓорче Петров, во пречистителната станица Волково која беше пуштена во функција пред неколку години. Таа ја испушта пречистената отпадна вода во Лепенец, непосредно пред вливот во Вардар. Нејзиниот максимален капацитет е да опслужи 30.000 жители, за да го задоволи капацитетот на општината.

Ама и таа не работи со тој капацитет, бидејќи сè уште не е доизградена канализацијата во Ѓорче Петров, преку која водите треба да се носат во пречистителната станица.

Отсустуваат системски решенија за загадената река

Ристовски од Флорoзон забележува дека не се размислува за системски решенија на долг рок во делот на интегрирано управување со водите, што значи нивно користење, собирање во колектори, пречистување и враќање назад, во природата. Во ниту една развиена земја, додава, не се испуштаат фекалиите директно во река.

„Во развиените земји ова не се прави. Проблемот е системски, во делот на урбаните решенија. Кај нас се обратни процесите. Прво се градат објекти, па после инфраструктира, и најчесто тие објекти што се градат и нелегално, низ различни законски решенија се легализираат, и тоа дополнително создава проблем во комуналното управување, планирање инфраструктура“, вели Ристовски.

Тој додава и дека мора да има притисок за изградба на пречистителната станица, но се сомнева дека ќе биде решение за загадувањето на Вардар. И активистите за заштита на животната средина се сериозно загрижени дека капацитетот на пречистителната станица што се најавува како спас за реката, сепак нема да ги задоволи потребите на градот кој забрзано се гради.

„Делумно ќе го ублажи загадувањето, но сепак загадување на реката има по цел нејзин тек почнувајќи од Гостивар, Тетово… Дополнително прочистителната станица е со капацитет за 500.000 жители, а со непланско градење во градот и немање релевантни податоци колку жители има во моментов, станицата не е доволна. Од тие причини сметаме дека мора да има одреден мораториум со постојано планирање и градење на станови на подрачјето на главниот град кога основните услови за нормално урбано живеење ги немаме –  како целосен систем за управување на отпад и прочистителни станици за отпадни води“, укажува Невена Георгиевска, О2 Иницијатива.

Водата од Вардар алармантно загадена

Центарот за јавно здравје од Скопје врши редовен месечен мониторинг на водата во реката Вардар. Се зема вода од 12 мерни места. Резултатите се очекувано поразителни. Водата има загадување од четврта категорија бактериолошки, и четврта до петта категорија хемиски, што значи дека нема употребна вредност, без пречистување. Најлошо е во Трубарево, онаму каде што треба да се гради скопската пречистителна станица, вели примариус, д-р Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена ЦЈЗ Скопје.

„И да имаме 5 пречистителни станици, пак ќе биде малку. Зошто? Затоа што свеста на луѓето е ниска. Водата во Вардар бактериолошки, со години е 4 категорија. Значи таа е забранета за капење, за полевање посеви, за секако користење. Се се истура во Вардар и само чекаме топење на снег или поголеми врнежи, за да го однесе отпадот. Ама така, само си го префрлуваме од една во друга општина. Пречистителната (станица) е по Лисиче, ама што правиме од Карпош, па надолу? И тука имаме доста загадување “, алармира д-р Костадиновски.

Центарот за јавно здравје прави контрола и на индистриските води на големите фабрики во скопско кои имаат испусти што завршуваат во Вардар. Овие фабрики се задолжени да ги прочистат своите отпадни води, пред да ги излеат во реката.

„И така водата во Вардар е загадена, уште ова ако не го контролираме, би било хаос. Поголемите фирми ги контролираме. Меѓутоа, не дека не може да го откриеме причинителот за загадување, се знае колку отвори има кои се близу до реката Вардар. Има и мали фирми кои својата отпадна вода ја испуштаат директно во реката Вардар, и така настанува тој помор на риби, загадување“, вели докторот.

И Шакири, директорката од Водовод изразува дополнителна загриженост поради отпадните води од индустријата. Фабриките треба да имаат пречистителни станици, но тоа не се случува секогаш, забележува таа. Загрижена е дека овие води во иднина можат да направат проблем во пречистителната станица.

„Индустриските води треба да се пречистуваат во нивната пречистителна станица и потоа да се собираат во колекторот. Затоа се стремиме нивните пречистителните станици во сите фабрики кои мораат да ги имаат, да профункционираат“, укажува таа.

Дополнителен проблем пак кој им се јавува е несовесното користење на канализацијата. Влажните марамчиња не се фрлаат во тоалет, вели Шакири. Додава и дека не е реткост во канализацијата да најдат пешкири, јоргани, па дури и глави од животни.

И доктор Костадиновски е лут поради ниската јавна свест. Бара едукација на сите. Смета дека е недозволиво целото ѓубре да се фрла во Вардар, во реката да се празнат септички јами, но и да се наводнуваат земјоделски прозводи со вода која е презагадена. Забележува дека не е реткост во лабораторијата на ЦЈЗ да им стигнат за анализа плодови кои мирисаат на тиња.

„Полни се со ешерихија коли и колиформни бактерии. За извоз мора да се испита кај нас, во акредитираната лабораторија. И така, уште во самиот старт се стопира извозот. Не може производот да излезе надвор од границите. И на тој начин, и да сакаме нешто да извезуваме, тоа останува кај нас“, вели тој.

Професорот Трајче Стафилов, од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет кој работи на испитувања на загадување со тешки метали во водите вели дека состојбата е многу подобрена откако се затвори Топилницата во Велес. Тешките метали, смета дека не се се сериозен проблем за скопскиот дел од реката, но загадувањето од останатите материи, мора да запре.

„Ако се елиминира внесување комунални води и индустриски води во Вардар, да , ќе нѐ биде. Тоа беше направено со Темза. Тоа значи огромни финансиски средства, но ако секоја година одвојуваме пристојни средства за одредено време ќе ја доведеме ситуацијата каква што треба да е“, дециден е Стафилов.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, од вкупното количество испуштени отпадни води во 2019 година, 67.5% биле непречистени, а 32.5% пречистени . Од 70.233 илјади метри кубни непречистени води, најголемиот дел 35.459 илјади м3 биле испуштени во водотеци, 33.814 илјади м3 во подземни води, а 950 илјади м3 во акумулации.

Се додека не се изгради колекторот, а потоа и пречистителната станица Вардар ќе смрди на фекалии. Но, ако градот продолжи да расте, сосема е извесно дека ќе треба да се барааат дополнителни решенија за една од најзагадените реки во земјава.

Јасмина Јакимова

*Со овој прилог, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Сторијата е оригинално објавена на РадиоМОФ.

Оригинално објавена на:

РадиоМОФ

Датум

6 февруари 2021