Првиот совет што го добиваат пациентите кај кои се дијагностицира некаква бубрежна болест е да не пијат повеќе вода од чешма, а истовремено скопското ЈП „Водовод и канализација“ уверува дека водата е исправана за пиење. Истражување на „А1он“ покажа дека, сепак, овој прв совет што го добиваат пациентите е на ниво на мит кога се работи за вода од чешма во урбана средина. Од Клиниката за нефрологија за „А1он“ изјавија дека нема податок од релевантни клинички испитувања што би покажале дека бигорот во скопската вода, на што најчесто се жалат скопјани, е причина за бубрежни болести.
Директорката на Клиниката, Ирена Рамбабова-Бушљетиќ, вели дека водата, за која гарантираат надлежни институции, не е опасност за бубрежно болните.
„Постојат разни причини што водат до бубрежна болест, а во согласност со утврдената причина се даваат упатства до кои треба да се придржуваат пациентите. Првите две водечки причини за појава на хронична бубрежна болест се артериска хипертензија и дијабетес. Во урбаните средини надлежните институции гарантираат за квалитетот на водата за пиење преку градските водоводи. Доколку нема официјални известувања за некористење, водата се смета дека е со оптимален квалитет“, вели директорката Рамбабова-Бушљетиќ.
Детаљни анализи на скопската вода секојдневно прави лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“, од каде што велат дека дел од тие анализи е и испитувањето на количеството калциум во водата, кој е причинител за бигорот што се појавува. Анализите на лабораторијата покажале дека песокот и камењата во бубрезите според својот хемиски состав немаат особини што ги содржи скопската вода.
„Покрај другите елементи, секојдневно се испитуваат и количеството калциум и вкупната тврдина на водата за пиење. Калциумот во водата е присутен во вид на хидрикарбонатна форма, која под влијание на хлороводородната киселина во желудникот се разложува на компоненти што му се дневна потреба на организмот на човекот, но не претставува формација што е штетна за функцијата на бубрезите. Исто така, нема влијание врз создавање песочни и камени формации во легенчето на бубрегот. Песочните и камените формации што се создаваат во бубрезите според својот хемиски состав немаат особини што ги содржи скопската вода. Тие песочни и камени формации настануваат како резултат на храна што се внесува во организмот и содржи оксалати (марула, спанаќ, брокула, млад кромид, лук…) и поради недоволно внесување вода во организмот. Сето тоа докажува дека водата од изворот Рашче, кој е единствениот извор за водоснабдување во Скопје, не предизвикува здравствени проблеми и дисфункција на бубрезите“, објасни Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Таа нагласи дека во досегашните анализи на квалитетот на скопската вода не се регистрирани надминувања на дозволените концентрации калциум и таа е безбедна за пиење. Раководителката Петровска има совет како скопјани полесно да го искористат од водата она што му е потребно на организмот.
„Водата во скопскиот водовод е безбедна за пиење и непроменета, со минерологија што е соодветна за функционалност на човечкиот организам и граѓаните на Скопје, со висок квалитет, кој секојдневно се потврдува. Еден совет за полесна апсорпција на потребните елементи за организмот од водата за пиење е во неа да се става со две-три капки сок од лимон“, советува раководителката Петровска.
За квалитетот на скопската вода гарантира и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски. Тој укажува дека скопјани пијат вода која според квалитетот е на второ место во Европа.
„Лабораториите што работат во рамките на Секторот за санитарна контрола при ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје се први и единствени во нашата држава чија работа е акредитирана според стандардот ИСО17025:2018, опремени со висококвалитетна опрема и стручен кадар. Секторот за санитарна контрола, преку одделението за санитарна контрола, секојдневно зема примероци од водата за пиење од 50-ина мерни места. Примероците како такви се контролираат со микробиолошка и хемиска анализа, со која се потврдува високиот квалитет на водата што се испорачува до корисниците во водоснабдителниот систем на град Скопје. Врз основа на досега спроведените истражувања, водата од изворот Рашче според својот квалитет е на второ место во Европа, веднаш по Виена“, вели Душко Весковски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Водата како причинител на бубрежни заболувања не ја гледа ниту Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението на граѓани „Нефрон“, кое се залага за заштита на правата на бубрежно болните. Тој како хидробиолог вели дека со распадот на Југославија прекинале испитувањата за тоа како квалитетот на водите од разни сливни подрачја влијаат врз појавата на болести на бубрезите.
„Во поранешна Југославија имавме такви испитувања. Дури беа утврдени и три подрачја во кои локалните извори на вода за пиење беа поврзани конкретно со појава на бубрежни болести и водата беше забранета за пиење. Ниту едно од нив не беше во Македонија. За жал, денес кај нас не се прават вакви истражувања“, вели Ѓоргиев.
Тој вели дека големо внимание треба да се посвети на заштита на изворите и на сливните подрачја оти, според него, моментот кога ќе се открие некаков проблем во водата, е веќе доцна за заштита оти таа веќе стигнала до потрошувачите.
И претседателот Ѓоргиев, исто како и директорката на Клиниката за нефрологија, вели дека бубрежно болните, кои не се на дијализа, може слободно да пијат вода од чешма сѐ додека се гарантира нејзиниот квалитет. За оние што се на дијализа е веќе доцна и за нив препораката е да пијат помалку вода.
Според официјалните податоци, десет отсто од возрасното население во светот има некакво бубрежно заболување, а Македонија не е исклучок од оваа статистика.
Директорката Рамбабова-Бушљетиќ вели дека, за жал, многумина и не знаат дека ја имаат болеста, па затоа нефролозите се залагаат да се зголемат кампањите за заштита на здравјето на бубрезите, да се зголемат скрининг-прегледите со цел да се откријат пациентите во најраните фази на бубрежно оштетување за да се забави прогресијата на болеста до крајно откажување на бубрезите и потреба од третман со дијализа или трансплантација на бубрег.
„Со овој прилог „А1он.мк“ се приклучува кон кампањата ‘Разбистри сè’, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје“
Сторијата е оригинално објавена на А1он.мк.