Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Ставање ред во користењето на реките и езерата најавува Министерството за животна средина

Стории

Министерството за животна средина најавува дека ќе става ред во неконтролираното и прекумерно ископување на песок, чакал и камен од речните корита и езерските крајбрежја. Најзначајните и најобемните измени во новиот закон за водите се однесуваат на уредувањето и регулирањето на речните корита и езерските крајбрежја. Измените произлегуваат од барањата на граѓаните во местата каде се ископувало, како и од инспекциските надзори и ревизорскиот извештај кои констатирале злоупотреби.

„Споредбата помеѓу извадената песок и пријавената на годишно ниво од водостопанските претпријатија е десетина пати различна, така што ние како приватен сектор го поддржуваме овој закон и сметаме дека конечно треба да се направи еднаков третман на песокот како минерална суровина од Министерството за економија и песокот од речно корито бидејќи станува збор за иста минерална суровина“, вели Гоце Стојановски, „Стентон градба“.

Условите за добивање дозвола за уредување на реките се заоструваат, а ископаниот песок, чакал и камен ќе се користи по приоритети. Најпрво, ќе се распределува во коритото и бреговите на реките, ќе го користат водостопански објекти за заштита од поплави и ќе се користи за изградба на објекти од значење на државата, а ако има вишок, ќе може да се продава со јавно надавање според утврдените цени за минерални суровини.

„Фали механизам со кој ќе се стимулираат економските оператори навистина да се занимаваат со уредување на речните корита и крајбрежните или крајезерските корита, а не да им биде првостепена дејност продажба на песокот на слободен пазар“, изјави Лилјана Поповска, Зелен институт.

Според Министерството, со новиот закон се зголемува и транспарентноста во доделувањето на концесиите, со тоа што се наметнуваат обврски физибилити студијата да биде јавно објавена и да се организираат јавни расправи за локалното население и граѓанските организации.

„Јавната расправа задолжително да се одржи на локација на местото кадешто ќе се доделува коцнесијата со намера целото локално население директно да биде вклучено во она што значи за која намена ќе се доделува коцесија, кој период, што ќе значи тоа за локалното население во смисла на бенефиции и евентуално некои недоследности“, кажа Мелита Гочевска, Министерство за животна средина и просторно планирање.

„Од исклучителна важност е воведување на јавна расправа за оваа постапка и преку објавување на физибилити студијата на веб страната на министерството и на соодветната општина каде што ќе можат сите засегнати страни, поготово експертската јавност да имаат увид и да дадат свој став и поготово одржување јавна расправа со локалната заедница затоа што тоа е од исклучително значење. Ние во моментов имаме 97 активни мали хидроцентрали во земјава и 97 проблеми за локлната заедница“, смета Ѓорѓи Митревски, Еко свест.

Предвидени се измени во инспекцискиот надзор и поголем мониторинг на водните тела, но граѓанските организации алармираат дека Државниот инспекторат за животна средина и УХМР немаат човечки потенцијал да ги спроведат.

„Гледаме подобрување во однос на жалбената постапка при издавањето на дозволата за користење на вода и значително подобрување во областа на инспекцискиот надзор, меѓутоа според нас сè уште сметаме дека има одредени недостатоци кои што доколку се отстранат, односно се корегираат ќе се обезбеди вистинска, ефективна заштита на водите“, вели Ања Јованова, Фронт 21/42.

„Ние веќе се соочуваме со серизна криза, односно ги чувствуваме последиците од климатската криза и според тоа мораме и да ги и кроиме законите и мораме да ги спроведуваме на таков начин. Значи не можеме да се однесуваме со водата како нешто кое ќе го имаме во неограничена количина бидејќи реалноста ни покажува дека е спротивно“, изјави Драгана Велковска, Охрид СОС.

Министерот Насер Нуредини вели дека законот е правен во соработка со повеќе засегнати страни, вклучително и граѓанскиот сектор.

„За транспарентност и ефикасност на процесот беше многу полезнa соработката со невладините организации во рамките на проектот „Разбистри сè“, со што практично имавме можност да соработуваме при изработката на самите одредби уште во раната фаза на предлогот“, рече Нуредини.

Измените на Законот за водите треба да обезбедат заштита, зачувување и подобрување на водните ресурси преку рационално и одржливо користење на водите, но и поефикасно спроведување на законот.

Датум

4 март 2022