Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Стручно пошумување и грижата за подмладокот се спас за шумите

Стории

Постојаното намалување на светскиот фонд на шуми и шумовити предели станува еден од најголемите светски еколошки проблеми со сериозно негативно влијание на климата, здравјето на луѓето, животинскиот свет како и на светската економија. Овој проблем на Балканот како регион и во Македонија има уште поголемо и посериозно влијание. Бесправните сечи, големите пожари кои пустошеја изминативе години ги зголемуваат потребите од постојан и издржан систем на шумски менаџмент. Тоа, со поедноставни зборови кажано, значи: потребна е грижа за шумите, нивна обнова и разумно користење. За обнова на шумата како најчеста мерка во праксата е пошумување. Тоа е научно оправдано, а вложеното во пошумувањето се враќа повеќекратно.

Нарушена рамнотежа и намален шумски фонд

За што ни користат шумите и како ние ги чуваме? Одговорите на овие две прашања се во неколку факти и законски акти кои ја опфаќаат дејноста на најголемото шумско претпријатие ЈП „Национални шуми“.

„Шумите се природно добро од општ интерес, а стопанисувањето со шумите е дејност од јавен интерес, со чл. 17 од Законот за шуми утврдени се основните дејности, а тоа се: одгледување, заштита и користење на шумите со чие извршување претпријатието треба да обезбеди трајно зачувување и зголемување на вредноста на шумите, како и постојано зголемување на нивниот прираст и на нивните општокорисни функции.

Во 2007 година од пожари беа зафатени 35.248 ха под шума. Тоа ја наруши рамнотежата и драстично го намали шумскиот фонд. Последиците од овие пожари ќе се чувствуваат долго. Потребата од пошумување станува уште поважна и таа да се актуализира.

Програма за пошумување

Од ЈП „Национални шуми“ на почетокот на реализацијата годинешната програма за пошумување ја нагласуваат грижата за основниот ресурс. Кон крајот на април, вработените во ЈП „Национални шуми“ во гостиварско ја започнаа акцијата во атарот на селото Дебреше. Првиот ден на површина од еден хектар засадија една илјада багремови, дабови и садници од црн бор. Во акцијата се приклучи и заменик директорот на НП „Национални шуми“, Берат Дехари кој ја истакна важноста од заштитата на шумите од која најмногу корист има локалното население.

– Правилното и ефикасно одржување и управување со шумите, главно преку нивна ревитализација е од суштинско значење за намалување на потенцијалните негативни влијанија врз животната средина, рече Дехари.

Тој најави дека пошумувањето кое ќе се спроведува на територијата на општините Гостивар и Врапчиште и до есен ќе бидат засадени околу 12 илјади нови садници. Дехари упати апел до граѓаните од овој регион да помогнат во заштитата на шумите и побара да се пријават каква било злоупотреба или незаконско сечење на шуми.

Првиот човек на гостиварската подружница, Милорад Андријески кој речиси целиот работен век го поминал во одгледување на шумите и нивна заштита, посочува дека на гостиварското подрачје има добра пракса за пошумување и традиција која се наследила од претходните системи. Во овој регион, годишно во просек се пошумуваат по 100 хектари.

Милорад Андријески директор на ШСЕ „Шар-Гостивар“

– Обично кога престанува работата во шума со сеча, вработените во „Шар-Гостивар“ се преориентирани на пошумување. Тоа се прави со програма и за тоа ги одбираме терените каде што имало пребирна сеча или пожари. Обично тоа го правиме со садници или со семе. И двете методи имаа свои предности. Од потсејувањето со семе од ела, добиваме мешани шуми кои се поздрави и попродуктивни

Покрај со семе од ела, во овој регион се засадува и даб, особено на места каде шумскиот склоп е нарушен од пожари или од делувањето на дрвокрадците. На пониските надморски висини, се засадува и багрем, вели директорот на ШСЕ Шар-Гостивар.

Пошумување на голина над селото Дебреше гостиварско

Пошумувањето во Македонија се спроведува еден век

Науката за пошумувањето ќе даде ваква дефиниција: Пошумување, т.е. вештачка регенерација, како метод за подигање на нови шумски состоини во Македонија се подразбира и практикува засадување по сеча на дрвја, засадување на голи, неплодни и ерозивни земјишта и создавање на нови насади. Ова е наведено во еден позначаен научен труд на професори од Шумарскиот факултет.

Во него е даден и мал историјат, од каде може да се црпат одговори зошто ни е потребно пошумување и обнова на шумите во Македонија:

„Темелите на вештачко пошумување се поставени во првата декада на ХХ век. Првото пошумување, според достапните документи е спроведено во 1913/14 година. Во периодот помеѓу двете светски војни, се бележи развој на шумарството како наука во насока на пошумувањето на оголени и ерозивни подрачја. Најинтензивното пошумување е спроведувано од 1971-1990 година, подоцна значително се намалува“.

Од осамостојувањето па наваму, се пошумува помалку

Според податоците на Државниот завод за статистика, односно публикацијата Статистички годишник, од 1990 година наваму, пошумено е помалку отколку во 1980-тите. Така, во периодот помеѓу 1980 и 1989 година, во Македонија биле пошумени вкупно 76.587 хектари, повеќе отколку вкупно во трите наредни децении. Во периодот од 1990 до 1999 биле пошумени 32.041 хектари, во следната деценија 2000 – 2009 година – 19.924 и во последната деценија од 2010 до 2019 година биле пошумени 11.801 хектари површина.

Споредбата со нивото на пошумување во последната деценија, од 2010 до 2019 година, го покажува падот во пошумувањето до кое дојде во последните три години. Статистичките годишници на Заводот за статистика содржат податоци за пошумувањето во последните 60 години, од 1960 година до денес.

На овој графикон, сликовито е претставено дека нивото на пошумување бележи драстичен пад, при што во секоја следна деценија постои дополнителен пад во однос на претходната. Па така, 2017, 2018 и 2019 се трите години со најниско ниво на пошумување уште од далечната 1965 година!

Пошумувањето е добра метода за спречување на ерозијата

Експертите тврдат дека значителен дел од шумите се наоѓаат на стрмно наклонето земјиште, каде што шумската покривка е неопходна за зачувување на почвата и на тие места се ограничува сечата. Професорот Иван Блинков од Шумарскиот факултет во Скопје вели дека шумите се пресудни за урамнотежување на водните режими, заштита од ерозии и порои, особено кај малите водотеци. Тој го посочува пошумувањето на Водно како еден од најуспешните примери. Според проф. Блинков, на критичните подрачја мора да се работи и на пошумување.

– Меѓутоа само пошумување, без градежни објекти, како што се канали во пороите, каскади коишто ќе го задржат тој нанос, не може да даде ефект. Често пати се правеле грешки во последните 20-30 години, па така, систем за уредување на реки, како што е Вардар, се применува и на некои порои. Значи, само се прави канал низ населено место, а горе не е решен проблем. Тука е големата грешка. Затоа мора да има координирана соработка, мора да има целосно решение ако сакаме да го решиме проблемот“, вели Блинков.

(Не)успешноста на акцијата „Ден на дрвото“

Една од акциите со кои беше планирано да се подобрат состојбите со пошумувањето „Ден на дрвото, засадија својата иднина“ не го доби посакуваниот ефект. Според заклучоците од дебатите и споредбата на бројките, оние од статистичките податоци, може да се контатира оваа акција и не е нешто „голема“.

Колку за потсетување во 2008 година во Македонија започна да се организира „Ден на дрвото“ по два пати годишно. Тогашната власт ја најавуваше оваа манифестација на сите ѕвона и се создаде впечаток дека во изминатите години има рекордно големо пошумување. Сепак, Државната статистика, покажа дека пошумувањето е со сличен интензитет во изминатите две децении. По критиките во јавноста за слабата транспарентност беше соопштено дека се засадени 50 милиони дрвја, а 60 отсто од нив се зафатиле. Некои стручњаци рекоа дека процентот е уште помал и дека оваа акција ја изгубила смислата, со оглед на преживеаните садници и обновените шуми.

За успешно пошумување потребен е стручен надзор

Важноста од стручното пошумување и корисните ефекти ја разгледуваше и извршната власт. Пред пет години Владата на седница ја укина акцијата „Ден на дрвото“ поради слаб ефект од пошумувањето. Според првичните анализи, во изминативе години на 13.000 хектари биле засадени 35 милиони садници. Ефектот од нив се движи 0 до само 15 отсто преживеани, односно тоа е многу мал процент на успешно засадени дрва. По оваа одлука, идните активности за пошумување се реализираат со одобрена предлог програма за проширена репродукција на шумите на ЈП „Национални шуми“.

Евиденцијата во „Книги за пошумување“, на ЈП „Национални шуми“ покажува дека во последните 60 години, во Македонија се пошумени околу 200.000 ха, што претставува околу 7% од вкупната површина на земјата. Во нив е наведено и дека некои области се пошумувани по неколку пати (на исто место и одново) поради слаб процент на преживување на садниците. Како причини се наведуваат екстремно еродирани и лоши терени, слаб квалитет на садење, пожари, штетници, болести, пасење, итн.) Во трудот на шумарските експерти како заклучок се наведува: „Неопходно е да се претпостави критички пристап кон извршените работи и да се дејствува во насока на развој и подобрување на силните страни на процесот на пошумување и да се променат и поправат недостатоците. Успехот во пошумувањето зависи и од еколошките услови, особено од климатските, така што пошумувањата што се вршат на пониски надморски височини, почесто се помалку успешни отколку на поголемите.

Сепак, во Македонија имаме примери кои покажуваат дека најважниот за успех во пошумувањето е вистинскиот, експертскиот, временски заснован и посветен пристап кон оваа активност. Во таквиот пристап лежи „тајната“ на успехот што треба да се следи за подобро идно пошумување.

„Операцијата на садење, како клучен момент за успешно преживување, барем за масовно обновување на шумите, мора да се изврши само од квалификувани работници. Успехот на пошумувањето зависи и од конзистентни мерки за одгледување, ваквиот пристап, заедно со обезбедени финансиски средства, ќе придонесе за подобро пошумување во Македонија.

На крај ви предлагаме да го погледнете и ова видео. Во него се претставени некои шумски практики кои придонесуваат за зачувување на водата и почвата.

Зоран Г. Маџоски

 

„Со овој текст, Радио Г се приклучува кон кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

Сторијата е оригинално објавена на Радио Г.

Оригинално објавено на:

Радио Г

Датум

14 мај 2021