Извори, потоци, реки, езера … сите овие водни површини речиси, исто како и човекот, како живо битие, се „под стрес”. Стресот кај водните ресурси се јавува кога се врши притисок врз нивниот квантитет и квалитет. Постојат две главни закани за подземните и површинските водни ресурси, а тоа се загадувањето и нивното прекумерно искористување. Човекот како фактор е пресуден!
Иако одржливото користење вода е меѓу клучните стратешки цели на надлежните институции, има огромен број примери каде што водата што ја наследуваме од природата е во незавидна состојба.
Од невладиниот сектор постојано ги потенцираат проблемите што ја нарушуваат хармонијата на водните површини. Обоени реки од испуштање разни отрови неретко завршуваат како нерешени случаи од страна на надлежните. Отпадни води од индустриски капацитети завршуваат во водните текови како резултат на наводна несреќа бидејќи на тој начин казната е пониска за разлика од давачката за дозвола за загадување. Водите во заштитените зони не ја добиваат соодветната заштита. И тоа количество вода што го имаме често се користи нерационално, а климатските промени и низа други фактори се немилосрдни кога станува збор за надокнадување на загубеното.
Во најновиот годишен Извештај за состојбата на животната средина за изминатата 2020 година на Министерството за животна средина и просторно планирање, водниот стрес се јавува кога побарувачката за вода го надминува достапното количествово одреден временски период или кога слабиот квалитет ја ограничува употребата.
Директорката на Инспекторатот за животна средина Ана Петровска смета дека од аспект на водите, најважно е итно да се воспостават одлуки за заштита на системите за водоснабдување (бунари, каптажи, хидроакумулации и слично), да се обезбедат дозволи за испуштање со кои ќе се обезбеди дека отпадните води ќе се пречистуваат и од страна на загадувачите и од страна на општините, да се престане со издавање дозволи за регулација на речни корита додека да се стави ред во оваа област и да се престане со издавање дозволи за изградба на мали хидроцентрали, а да се стопира и изградбата на оние што се лоцирани во заштитени или подрачја предложени за заштита.
„Во 2020 година од аспект на водостопанска инспекција од вкупно двајца инспектори спроведени се 192 надзори. Со надзорите се опфатени јавни и приватни правни лица што користат или испуштаат вода, мали хидроцентрали, водостопанства во однос на одржување на браните и системите за водоснабдување и наводнување, како и уредување на речни корита, ЈП Хидросистем во Богданци, правни лица што користат геотермална вода, рудници и хидројаловишни брани, рибници… Утврдени се голем број прекршувања и издадени опомени, прекршочни пријави, платни налози, а издадени се и три забрани за работа“, појаснува Петровска во однос на она што надлежните го преземаат за да ги заштитат водните ресурси во земјава.
Експертите од областа потсетуваат дека потребни се поголеми заложби. Нагласуваат дека треба поригорозно да се штитат подземните и површинските водни површини и од загадување и од прекумерна експлоатација што е клучно да се спречи сушењето на водните живеалишта, влошување на состојбата на екосистемите, низок проток на реките и се разбира да се стопираат негативните последици по здравјето на луѓето и социоекономскиот развој.
Има ли тешки метали во реките во земјава?
Според Извештајот на МЗЖСПП од добиените податоци од мерењата, за периодот од 2014 до 2019 година, може да се забележи опаѓачки тренд на средногодишните концентрации на олово и кадмиум во реките, односно се движи од малку загадена до умерено еутрофична вода, која во природна состојба може да се користи за наводнување, а по соодветна обработка и во индустријата како технолошка вода.
Оптимистично е што ова укажува на подобрување на хемиската состојба на реките и усогласување со стандардите за квалитет на животна средина во однос на овие параметри.
Во прилог на ова говори и професорот д-р Трајче Стафилов, долгогодишен експерт во оваа област.
„Генерално, застапеноста на тешките метали во површинските води (реки и езера) во земјава е минимална. Таму каде што е присутна најмногу е резултат на депонирање отпаден материјал во минатото од работата на рудниците, преработката на рудите како и на производството на метали (металуршки фабрики). Овие депонии на рудничка и металуршка јаловина и денес придонесуваат на внесување тешки метали во околните реки. Таков е случајот со реката Вардар во која се внесуваат исцедни води од депонијата на троска од поранешната топилница за ферохром „Југохром” во Јегуновце со висока концентрација на хромати, односно внесување на хром (VI). Исто така, врз загадувањето на водите на реката Вардар со олово, кадмиум и цинк во градот Велес е присутно поради исцедок од депонијата на троска од поранешната работа на топилницата за олово ицинк „Злетово”. Секако, во одредени региони присуството на одредени тешки метали во површинските води е и резултат на литолошко потекло поради нивна природно зголемена содржина во околните карпи и почви. Такви најкарактеристични примери се Каменичка и Злетовска Река (источна Македонија) и Мајданска Река и реката Блашница (Кожуфски масив)“, појаснува Стафилов.
Процена на хемиската состојба на водите е потребно да се врши таму каде што се врши испуштање приоритетни супстанци и други загадувачки супстанци во водите, едногласни се експертите.
Што со отпадните води?
Во нашата држава се забележува слаб процент на прочистување урбани отпадни води, кој не ги задоволува европските барања.
Анализата на состојбите со управувањето со водите на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ од 2018 година покажала дека во функција тогаш биле 19 поголеми пречистителни станици за отпадни води со вкупен капацитет од 292.250 е.ж. Во меѓувреме изградени и пуштени се уште пет вакви станици во поголемите градови во земјава што значи вкупниот капацитет за прочистување е приближно 525.000 е.ж., односно 24,5% од потребниот капацитет.
Пандемијата носи ризик од микропластика
Еколозите се сѐ погласни дека дел од ковид-отпадот, иако не се знае колкав, може да заврши во водните површини.
„Во неодамнешно истражување објавено во Енвироментал саенс енд технолоџи џурнал се пресметува дека во светот месечно се користат 130 билиони заштитни маски и 65 билиони заштитни ракавици. Еколозите го детерминираа овој проблем уште во самите почетоци на пандемијата апелирајќи на новиот вид загадување во природата, особено во водните површини, каде што годишно завршуваат и до 8 милиони тони пластика. Проблемот станува уште поголем бидејќи еднократните заштитни маски и ракавици се изработени од пластични материјали кои се со долг век на траење и доколку се фрлат во природата, ќе им бидат потребни од десетици до стотици години да се распаднат (во зависност од материјалот). Главно и при нивното разложување, тие нема да исчезнат, туку ќе се разградат на мали делови, односно на секундарна микропластика, која е токсична за сите живи битија на планетата. Никој не знае со која стапка ќе се зголеми биомагнификацијата во водите, имајќи го на ум количеството на еднократните маски и ракавици што секојдневно ги користиме“, вели Кирил Ристовски од „Флорозон“.
Дали има соодветна казнена политика за загадувачите на водите?
Најновата Анализа на празнини и недостатоци на правната рамка за заштита на животната средина на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) покажува дека и во областа на водите главни проблеми се немање на доволно ресурси и буџет, недоволен број законски акти…
„Се поставува и прашањето дали предвидените санкции се доволно високи и дали може на некој начин да ја поправат штетата што е направена. Дилемата е дали е доволна само парична казна или е потребна и забрана за работа во некој определен период. Буџетот на државата во последните години е висок, но со ребалансите во голем дел можеби една третина се намалува во делот на животната средина“, вели Никола Јовановски од ЦПИА.
Во рамките на целосната анализа, д-р Елена Мујоска Трпеска при анализата на Законот за води вели дека и покрај Националната стратегија за води од 2012 до 2042 година сѐ уште не се усогласени предвидените цели и плановите за управување со речните сливови како основни стратешки документи. Од оваа причина, таа истакнува дека не се достапни податоци дали е формиран Катастарот на загадувачи на води бидејќи треба да биде составен дел од плановите за управување со речни сливови.
Повеќе или помалку оптимистички, фактичките состојби со водните ресурси во земјава се опсежна тема. За баланс на овие најнаселени екосистеми од кои зависи здравјето и иднината потребно е похуман пристап од сите нас како единки чиј опстанок е похармоничен и поздрав толку колку што е позаштитена животната средина од која ги црпиме ресурсите.
Х.Н