Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Вашиот недостаток на базен за мене е недостаток на пиење вода во мојата чешма – Скопјани не се грижат за благодетот на питката вода

Стории

Девојка пие чаша вода.Во Европа и светот привилегија е да се користи вода за пиење која потекнува од природен извор, како што е таа на скопјани, кои пијат планинска вода од изворот Рашче. Водата од овој природен извор со својот квалитет е на вторто место во Европа и со години е непроменет. Повеќе од 100 години скопјани ја користат водата од Рашче како питка вода, но и како вода која се користи во индустриски потреби. Водата за пиење се користи дури и за индустрии како вадење камења и рударство. Расипничкиот однос е манифестиран и од граѓаните на главниот град, кои се на врвот по користење вода во Европа. Ако еден просечен европјанин троши по 200 литри вода, нашите граѓани трошат 323 литри. Експертите предупредуваат дека климатските промени неминовно ќе се одразат на квалитетот на водите од Рашче и налагаат промена на навиките.  Меѓутоа, наместо тоа, потрошувачката секоја година е се’ поголема. Податоците на Државниот завод за статистика изминатата 2020 година на територијата на цела држава биле потрошени 10 милиони кубни метри повеќе вода во однос на 2019 година.

Расте и искористувањето на води во индустријата и рударството.  На пример, секторите преработувачка индустрија, рударство и вадење на камен и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација во 2020 година од 483 деловни субјекти кои одговориле, 285 деловни субјекти за производство ја користеле водата за пиење од јавен водовод.

Засега изворот Раше ги задоволува потребите за питка вода на скопјани, но постојат и два дополнителни бунари „Нерези“ и Лепенец“ кои може да бидат пуштени доколку се појави потреба за нивна употреба.

ОД ОВАА ГОДИНА ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“  ИМААТ ЦЕНА ЗА ПОЛЕВАЊЕ НА ЗЕЛЕНИЛОТО

Од секторот за наплата при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје  велат дека од вкупно фактурираната вода 27% отпаѓа на индустриски потреби, односно 10,6 милиони кубни метри на годишно ниво троши индустријата, додека пак питката вода која се користи за одржување на зеленилото, наводнување на земјоделски површини, полнење на базени не може поединечно да биде измерена.

„Согласно зголемената потрошувачка во летните периоди, во текот на месец  јули и август истата е процентуално зголемена за 6 до 10% односно во метри кубни изразена е од 400 илијади до 500 илијади метри кубни на месечно ниво како зголемена потрошувачка во овие месеци“, вели Зоран Недевски, раководител на Сектор наплата при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Питка вода во главниот град користат и јавните препријатија чија цел е одржувања на парковите и зеленилото во Скопје како и одржувањето на чисти улици и тротоари.

„За полевање на годишно ниво  се троши околу 300 милилитри  кубни вода, што од вкупно фактурираната вода е учество од 0,31% не е минорна потрошувачката, но и не е некоја максимална потрошувачка. Ние од оваа година имаме во ценовникот цена за полевање на зеленилото и истата вода се фактурира и нема да биде загуба на потрошената вода. Додека пак ЈП Комунална хигиена Скопје  за чистење и перење на улиците и тротоарите на годишно ниво троши од 5 до 7 милиметри кубни вода“, вели Недевски.

СКОПЈАНИ ЌЕ ИМААТ ДОВОЛНО ПИТКА ВОДА ЗА КОРИСТЕЊЕ И ПОКРАЈ НЕРАЦИОНАЛНОТО КОРИСТЕЊЕ

Потрошувачката по глава жител на територијата на Град Скопје се движи од 8 до 12 милиметри кубни вода, што значи дека едно четиричлено семејство троши помеѓу 30 до 40 метри кубни вода во летниот период, а од 20 до 30 метри кубни во зимскиот период. Како најголеми потрошувачи на вода во моментов и години наназад се скопските општините Шуто Оризари и Сарај.

И порај постојаните пријавување и откривања на диви приклучоци на територија на Град Скопје сепак вработените од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје често се среќаваат со овој проблем на терен. Но како што велат од таму, како општествено одговорно претпријатие кое што е формирано за да ги задоволи поребите на граѓаните на Град Скопје не дозволува на граѓаните кои редовно ги плаќаат фактурите за потрошена вода, да трпат штети од дивите приклучоци.

Зоран Недевски, ЈП Водовод и канализација

Уверуваат дека скопјани немаат простор за грижа дека еден ден ќе останат без питка вода, и покрај што нерационално се користи, но потребно е да се работи на подигнување на свеста кај грѓаните.

„Но треба да потеницираме дека совеста кај нашите корисници треба да биде подигната на највиско можно ниво да не заборавиме дека ова е питка вода и овој ресурс е најважен за човекот и планетата, за преживување. Сепак сосвеста кај граѓаните треба да биде највисоко можно ниво да го зачуваме овој ресурс да го имаме и години понатаму како и сега“, вели Зоран Недевски, раководител на Сектор наплата при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

ВРЗ ВОДАТА ОД РАШЧЕ СЕ ПРВАВАТ ОКОЛУ 50 АНАЛИЗИ НА ДНЕВНО НИВО

Питката вода која доѓа од изворот Рашче постојано е под лупа на лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје со секојдневните испитувања, но не поради неисправноста или пак лошиот квалитет туку поради должината на дистрибутината мрежа.Град Скопје нема фабрика за вода. Должината на дистрибутивна мрежа е над 150 километри. Изворот се наоѓа на 20 километри од Скопје, а треба да стигне до спортивниот крај – до Зелениково, таа километарска мрежа треба да помине низ целата должина на градот.  И покрај таа огромна должина, единственото што се додава во водата е средството за дезинфекција и тоа во рамките на максимално дозволените концентрации.

„Секојдневно се прават анализи. Нашата вода за пиење која што патува секојденвно до корисниците на Скопје подлежи на секојдневна континуирана анализа. Законските норми налагаат во зависност од бројот и еквивалент – жителите кои ги водоснабдувате да биде и честа контролата. Одговорноста кон милионско население, да го водоснабдуваш и да му обезбедиш квалитетна вода за пиење сигурно е многу голема. Затоа и бројот на анализите е навистина многу голем, некаде околу 50 анализи се на дневно ниво, плус анализи кои редовно доаѓаат од изворот и дополнителни извори за водоснабдување. Контролата и мерните места се секојдневни и нема отстапување“, вели Билјана Петровска, раководител на Сектор за санитарна контрола  работна едниница на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Квалитетот на скопската раштанска вода не е променет повеќе од 50 години, од постоењето на лабораторијата, анализите кои што се правени во сите години наназад придонесуваат само за стабилност на изворот од аспект на хемија и микробиологија, непромена во квалитетот што во минатото па и во ова време е исклучителна реткост, додава таа.

ВАШИОТ НЕДОСТАТОК НА БАЗЕН ЗА МЕНЕ Е НЕДОСТАТОК НА ПИЕЊЕ ВОДА ВО МОЈАТА ЧЕШМА

Природните богатства се ресурси кои ги дава природата, таа е дарежлива, но луѓето со својата злоупотреба не знаат рационално да го користат тоа што природата ќе го даде.

 

„Нерационалноста на луѓето од аспект на користење на водата за своите лежерни живеења и модерниот начин на живот, тука прави да имаме проблем со водоснабдувањето. Испораката на вода од ЈП Водовод и канализација е на максимално високо нивно, но доколку корисниците ја користат само за водоснабдување, не го прават тоа намерно за миење на плочници, автомобили во летниот период, разладување, неконтролирано пуштање на хидранти и полевање на големи тревници, модерно полнење на базени, сето тоа  е нерационално користење. Ресурсот си има свој одреден капацитет. Кога вие во тој капацитет кој е предвиден за водоснабдување правите злоупотреба и користење на водата за некои други намени, а не се работи за водоснабдување тогаш се знае дека тоа може да биде резултат на негативен повратен ефект. Вашиот недостаток на базен за мене е недостаток на пење вода во мојата чешма“, вели Петровска.

КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ НЕМА ДА ВЛИЈААТ НА ИЗВОРОТ РАШЧЕ

Професторот од Земјоделскиот факултет, Ордан Чукалиев е на став дека во догледна иднина, според проекциите за климатски промени кои се прават до 2100 –та година, Рашче нема да остане непроменет. Чукалиев укажува дека водата од овој природен извор од страна на граѓаните на градот Скопје се користи бесмислено со голема загуба во дистрибутивниот систем.

„Ние како потрошувачи сме сосема неодговорни. Дури да се напијам вода, ќе ја пуштам пред тоа десет минути чешмата да тече, за да се олади убаво. Но и индустријата исто така се снабдува со вода од Рашче, а количина што оди кон индустрија, ако се изнајдат алтернативни решенија, и ако се намали загубата во дистрибутивната мрежа, Скопје со оваа популација ќе нема проблеми да биде обезбедена со најквалитетната вода за пиење што ја има изворот Рашче, која има извонреден квалитет“, вели професор Чукалиев.

Поголем проблем според него како резултат на климатските промени би се појавил во регионите каде што граѓаните имаат недостиг на вода и оние кои во моментов се наоѓаат во критични состојби со обезбедување на доволни количини на вода за пиење, кои би се наше во незавидна состојба.

„Мислам дека Скопје нема да има проблем, но други места кои немале среќа покрај нив да се најде еден таков квалитетен и издашен извор ќе се соочат со големи проблеми со климатските промени бидејќи за климатските промени основно е дека се покачува температурата, врнежите се намалуваат сосема малку но нивната дистрибуција се пореметува. Така што уште помалку ќе ги имаме во летниот период и ќе имаме почести и подолготрајни суши, а во зимскиот период ќе бидат зголемени во оние периоди кога се и традиционално влажни. Се нарушува таа дистрибуција што доведува до дисбаланс со снабдувањето на населението со вода, земјоделските култури заради зголемената температура трошат повеќе вода, така што целиот воден биланс во нашата земја  ќе се измести“, вели професор Чукалиев.

Тој вели дека проблемот за питка вода се актуелизира обично во летните периоди кога и потрошувачката на истата е зголемена.

„Зголемената потрошувачка на вода во летниот период е нормална не само што се користи ненаменски туку и се зголемува нашата потреба кон вода. А она што е ненаменското користење е прашање дали треба да го третираме како ненаменско бидејќи доколку нема проблем со достапност на питка вода, и дали ние ќе ја искористиме за пиење или за наводнување на дворот или некоја друга намена, не постои некоја разлика бидејќи кога веќе е зафатена водата, постои таа ќе заврши во некој од своите консументи. Дали ќе заврши  реупотребена и наплатена или ќе излезе диркетно кон својот реципиент како ненаплатена. Јас сметам дека онаму каде што има вода, водата да се искористи и да се наплати. Тоа е можеби подобро отколку да се вели не ја користете водата за други намени, а ја имаме во доволни количини, а онаму каде што немаме доволно количини на вода секако мора да се штеди“, смета професор Чукалиев.

За да се влијае на штедењето на питката вода и нејзино нерационално користење, Чукалиев смета дека основен двигател за тоа е цената, но исто така штета може да претрпат семејните буџети на оние чии приходи не можат тоа да си го дозволат. Тој го посочи примерот со Калифорнија која има хроничен недостаток на вода, па токму затоа таму се воведуваат строги рестрикции со цел да се штеди на питката вода.

„Дури се преземаат на мерки кои ќе ви личат на смешни и чудни, но се преземаат. На чешмите се вградуваат уреди кои го спречуваат искапувањето, казанчињата за тоалет се задолжителни да имаат и помала количина на вода од онаа стандардно што ја користиме ние, туширањето мора да се изведува со специјални дисперзери – рачки за туширање, кои што имаат многу мали дупчиња и кои даваат помала количина на вода. До таму се оди за штедење на водата, а да не зборуваме за наводнување. Ако се има потреба од наводнување, ќе треба вода да обезбедат од некој систем за наводнување доколку постои или во својот двор да стави пластична трева, тука не постојат дискусии дека некој може да си дозволи ресурост кој е во критична состојба и го нема за сите, некој да го злоупотреби’, вели професор Чукалиев.

Според Еуростат, жителите на земјите од Европска унија трошат околу 200 литри вода на дневно ниво, а во Република Северна Македонија просечната потрошувачка достигнува и до 323 литри по жител дневно. Додека пак во Скопје во летните топли периоди во просек секој скопјанец троши околу 500 литри вода.

Габи Додевска

Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри сè”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Сторијата е оригинално објавена на ММС.

Оригинално објавено на:

ММС

Датум

13 јули 2021