Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Влијанието на отпадните води врз водените текови и езера

Стории

Многу често се случува да слушнеме или видиме дека некој сторител испуштил непрочистени води во река или езеро. Поголемиот дел случаи испустите се од индустријата и рударството, но не е за занемарување делот на отпадни води кои потекнуваат од домаќинствата. Испуштањето на отпадни води без никаков третман предизвикува еколошки катастрофи.

„Отпадните води според изворот се категоризираат според неколку категории. Може да бидат од домаќинствата, индустријата, комерцијалните извори. Составот на отпадните води од домаќинствата зависат од економските и географски фактори на населението, а во индустриските отпадни води може да се најдат супстанци од суровините со кои ги произведуваат. Не само Велес, туку и во другите градови во Македонија, сите тие извори на отпадни води се канализираат во една канализација.

Македонија има законска регулатива за отпадните води која бара на определен временски период да се направат хемиски анализи“ – вели Сашка Коцевска, потпретседателка на еколошкото друштво „Вила Зора“.

Според некои истражувања, дојдено е до сознание дека постои пракса на неказнување на оние кои испуштаат води со или без дозвола, без да ги прочистат. Испуштањето на непрочистените води од индустријата, по директен или индиректен пат, придонесува за намалување на кислородот, што е пак причина за уништувањето на рибниот и животинскиот свет.

Во голем број случаи загадувањето е речиси невидливо, бидејќи суспстанците се растворени во големи количини на вода. Мирис не е присутен, но со анализа се открило дека има високи концентрации на олово, кадмиум, жива, фосфати и нафтени деривати, кои негативно влијаат врз флората и фауната, но и врз здравјето на луѓето.

Според Коцевска, надлежните институции мораат да ги спроведуваат своите законски обврски, а со анализа на составот на испуштените води, лесно може да се открие кој е причинителот на испуштањето на непрочистените води и може да се открие каква штета предизвикува испустот врз животниот свет.

Јавните комунални претпријатија во своите канализациски системи испуштаат индустриски води, покрај урбаната и комуналната канализација. Детергенти и разни хемикалии често завршуваат непрочистени во водите. Многу често се фрла отпад на бреговите, кој при поголеми врнежи или висок водостој, се влева во самата река. Неретко се наоѓаат и испусти од свињарски фарми, кои неретко го исфрлаат изметот, кој во поголема концентрација е кобен за рибниот и животинскиот свет. Сите кои испуштаат непрочистени води треба да бидат евидентирани во регистар на загадувачи, со што ќе се добие евиденција кој и колку загадува. Податоците треба да бидат јавно достапни, а загадувачите да подлежат на санкции, казните да не бидат симболични, а инспекторите на терен.

Потребно е да се утврди колку се црпи и како се употребува водата од реките. Исто така, по враќањето треба да се утврди со каков квалитет водата се враќа назад во езерата и водотеците.

 

Сторијата е оригинално објавена на ТВ Здравкин.

Оригинално објавено на:

ТВ Здравкин

Датум

15 јули 2021