Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Загубите во водоводниот систем се должат на дивите приклучоци и злоупотребите

Стории

Рак рана за јавните водоводни претпријатија е нефактурираната вода. Тоа е вода која се произведува во филтер станиците, но голем дел од потрошувачката не се евидентира во системот и се третира како загуба. Општина Штип како најголем потрошувач на вода за пиење во источниот плански регион, евидентира енормни загуби на водата за пиење во водоснабдителниот систем.

„Околу 65% е загубата на вода. Сега замислете дека таа вода не ни доаѓа на нас по природен пат. Со пумпи ја носме од под населбата „Баби“, па на препумпна станица, филтер станица над „Бабите“ и потоа оди во овој резервоар, во дру и во трет. Сето тоа е со струја. Месечаната сметка за струја ни е 3 милиони денари“, изјави Здравко Коцев, директор на ЈП „Исар“ – Штип.

Причина за загубите на вода се застарените водоводни мрежи, дефектите, но во последно време се почесто се регистрираат и диви приклучоци. Таков е примерот во штипската приградска населба Караорман, каде 180 домаќинства трошат и до 550 кубни метри вода дневно. И додека едни трошат вода во изобилство, нивните комшии немаат вода за пиење и одржување на лична хигиена.

Анкета на жители на Караорман:

– Немаше вода по цел ден. Знаете дека сега сме современо време, имаме казанчиња, нема повеќе „полски тоалети“ и знате колку тоа е лошо

– Ние сме на долниот дел и кај нас не е криза, ама горниот дел, слаба работа.

“Анализите покажаа дека во тоа населено место, покрај тоа што луѓето ја користат водата за свои лични потреби, ја користат водата и за наводнување на своите оранжерии, пластеници, кои со кражба ги наводнуваат и од таму се јавува проблемот со водоснабдувањето во горниот дел на населбата“, изјави Коцев.

Дел од мештаните ги негираат овие тврдења, некои не знаат во што е проблемот, а трети пак се жалат на квалитетот на водата за пиење, избегнувајќи да го дадат вистинскиот одговор на прашањето, каде се троши по скоро 3 метри кубни вода дневно по домаќинство.

Анкета на жители на Караорман:

– Тоа што велат дека ги вадиме бавчите, тоа нема врска. И јас имам и сите имаме бавчи, ама сите имаме дома бунари.

– Не знам. Некои викаат крадат, дека има диви чешми, немам поим.

– Тоа не е вода, тоа е кафе. Валкана вода од канализација тече во нашето село. Моите говеда не ја пијат таа вода, а не пај нашите деца да ја пијат. Да се преземат најстроги мерки, зашто чиста вода сакаме.

„Одредени луѓе не можат да сфатат дека таа вода е навистина скапа, таа вода е озонирана, хлорирана и исклучиво треба да се користи за пиење и лична хигиена“, додаде Коцев.

За да се утврди фактичаката состојба, ЈП Исар презема акција за проверка на водомерите и евентуалните диви приклучоци.

„Доколку се установи дека има кражба, тоа е предвидено со член 235, каде се предвидува затворска казна од една до три години“, додаде Коцев.

Жителите на населбата имаат долг кон јавното претпријатие за неплатена услуга за водоснабдување од 1 милион денари.

„Овде имаме појава на правење на бизнис, односно поставување на поголем број пластеници, што значи овде едноставно се злоупотребува водата“, изјави Коцев

Поедини домаќинства кои користеле вода преку водомерите, генерирале долг за неплатена вода и до 77 000 денари за период од една година.

Оригинално објавено на:

ТВ Ирис - Штип

Датум

11 јуни 2021