Профит и брза заработувачка за сметка на природните ресурси и здравјето на граѓаните – дали ова го предвидуваат предложените измени на Законот за минерални суровини кои веќе следната недела по скратена постапка и без јавна расправа ќе се најдат пред пратениците? Нетранспарентната постапка и немањето на слух за јавното мислење го разбуди гневот кај граѓанските организации и високообразовните институции.
Триесет и три невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции од граѓанската Алијанса за застапување и лобирање „Разбистри сé” испратија дописи до надлежните инситуции со барање да го повлечат предлог-законот и да го вратат во редовна процедура.
„Последните законски измени содржат големи пропусти во поглед на заштитата и одржливото користење на минералните суровини како најзначајни природни ресурси на државата. 33 невладини организации поднесоа дописи до министерот за економија Крешник Бектеши, кој е предлагач на измените, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за животна средина Насер Нуредини, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи да го повлечат предлог-законот и да го вратат во редовна собраниска процедура. Така сметаме дека ќе ѝ се овозможи на експертската јавност и на сите заинтересирани граѓани да дадат предлози во подобрување на законскиот текст“, изјави Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии и координатор на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сé“.
Алијансата „Разбистри сé“ смета дека законските измени претходно треба да бидат ставени на владиниот ЕНЕР систем, да има две читања во Собранието и одржување собраниска јавна расправа и расправа за консултација со јавноста. Инсистирањето за брзо носење на законските измени фрла сомнеж за нетранспарентна и сомнителна процедура за добивање и одземање концесии преку бришење на постоечки обврски за барателите на дозволи, вели Лилјана Поповска од Зелен институт. Според неа, и покрај злоупотребите на терен, наместо да се ограничи, свесно се проширува обемот на минерални суровини кои ќе бидат под концесија.
„Се отфрлаат две клучни работи кои успеавме да ги внесеме во последните измени на Законот за минерални суровини пред година ипол. Имено, се отфрла обврската за доставување на техничко-технолошки елаборат со јасно декларирање на постапката и видот на хемикалиите што ќе бидат употребени во концесијата. Се отфрла финансиската гаранција која беше предвидена претходно. Со овие законски измени се предлага проширување на базата на минерални суровини коишто ќе можат да се користат со уште четири нови, што ќе биде на штета на животната средина. Дополнително, се олеснува користењето на песок и чакал од речните корита наместо тие одредби да се направат построги бидејќи сега сведочиме на жестока злоупотреба на тие концесии и уништување на речните корита и плодното земјиште“, вели Поповска.