Институтот за комуникациски студии денеска ја промовираше кампањата „Разбистри се“ која ќе се фокусира на два специфични проблеми, управување со водни ресурси и инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси, а има за цел да ја подигне свесноста на граѓаните за овие проблеми и да се зголеми влијанието или да се променат јавните политики.
Кон кампањата се придружи и Алијансата за застапување и лобирање, која ја сочинуваат 42 граѓански организации, факултети и медиуми, а со чија поддршка и заеднички активности ќе се реализира „Разбистри се“.
На денешната прес-конференција што се одржа на онлајн платформата Зум, присуствуваше и британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, која истакна дека за повторно да ја воспостави својата доверба, Владата мора да се посвети на прашања кои најмногу ги засегаат граѓаните
– Еколошките проблеми со кои се соочува Северна Македонија се комплексни, што вклучува правосудна, социјална, политичка димензија. Справувањето со овие димензии мора да вклучува ангажираност, одговорност и придонес од сите релевантни засегнати страни и потоа заеднички ние ќе можеме да направиме промена, додаде Галовеј.
Директорката на ИКС, Жанета Трајковска истакна дека од една страна проектот бара и изнаоѓа начин како граѓаните да учествуваат во креирање на политиките, но и како организациите и институциите што ние ги плаќаме преку државниот буџет да бидат по транспарентни и отчетни.
– Искрено веруваме дека само тој начин на симбиоза помеѓу граѓаните, институциите, граѓанскиот сектор и медиумите може да се постигне еден сериозен и еден добар и квалитетен однос и начин на кој што можеме сите ние да живееме квалитетно, истакна Трајковска .
На конференцијата беа промовирани и две студии за јавни политики – „Како да ја користиме и заштитиме водата“ и „Со ефективен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси“. Документите содржат податоци и увид во тековните проблеми со управувањето со водите и инспекцискиот надзор врз природните ресурси и нудат конкретни решенија, а исто така се достапни и онлајн на веб страната на ИКС.
За првата студија „Како да ја користиме и заштитиме водата“ говореше една од авторите на студијата, Билјана Пулеска Јанушевска. Таа нагласи дека анализата е за статусот на управување со водите, дава преглед на генералните проблеми и ги дефинира алтернативните решенија на постојната јавна политика во областа.
– Основен заклучок што може да се извлече е дека одредбите на законодавството за вода се усогласени со најдобрите европски практики и поставуваат јасни и концезни механизми и обврски што стојат на располагање за заштита и управување со водите како медиум на животната средина. Сепак главен проблем во областа на води е неспроведување на законски обврски од страна на физички и правни лица, но и од повеќе органи на државната управа. Претпоставувам дека основна причина поради која се случува тоа се буџетските ограничувања. што влијаат на оперативноста на физичките и правни лица, но и на државните органи, истакна Јанушевска.
Во вториот документ „Со ефективен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси“ пишува дека рудниците на јаглен и металични суровини сериозно влијаат врз животната средина и здравјето на населението, обработливото земјиште се узурпира и губи, а долгорочен проблем претставува и нелегалната сеча на шумите. За поефикасен инспекциски надзор, потребни се повеќе и обучени инспектори за животна средина, подобро планирање и координирање на инспекцискиот надзор, подобра опрема за работа, бази на податоци за потенцијалните загадувачи, како и достапност на информациите за работата на инспекторатите за граѓаните.
– Но, како расте свеста за штетните последици од загадувањето на животната средина, така се зголемува и притисокот врз инспекторатите бидејќи граѓаните бараат резултати од нивното работење, истакна Кристина Најдовска Илиевски, една од авторите на документот за јавни политики за инспекцискито надзор врз управувањето со природните ресурси.
Кампањата „Разбистри се“ се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје и ќе трае во текот на целата година и ќе се заснова на податоците и конкретните решенија понудени во двата документа за јавни политики од Институтот за комуникациски студии.