Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Земјоделците да не трошат вода повеќе од потребното – Сузана Димитриевска, производителка на органска храна

Стории

Сузана Димитриевска од овчеполското село Мустафино произведува органска храна повеќе од 15 години. Со руралниот бизнис почнала така што самата се информирала и едуцирала од разни списанија за органско производство. Но најмногу ѝ помогнало списанието „Мила“, од кое ги добила првите информации и кое ја мотивирало да почне со комерцијално производство на органска храна. Така, од 2005-та година се вклучила во поголемо производство на повеќе и различни култури – од житарици и сточна храна, грозје и кајсии, до маџун и грав. И покрај многуте предизвици, Сузана е упорна и постојано го зголемува и усовршува производството. А основен ресурс за нејзината дејност е токму водата, па со неа разговаравме како соодветно да се користат и штитат водните ресурси.

Здружение на бизнис жени: Како  се заштитуваат и користат водите кога фокусот на работата е производство на органска храна, и тоа на повеќе култури, од кои секоја има свои специфики?

Сузана Димитриевска: Од аспект на земјоделството, со сите промени во последно време, а особено во пандемиската криза, не можат да дојдат до израз и да се истакнат темите поврзани со водата, пред сѐ, но и ветерот и сонцето како природни ресурси, кои директно влијаат на земјоделството и развојот на земјоделските култури. Тука водата го има приматот, затоа што треба да ја третираме од два аспекти, од една страна да внимаваме на нејзината чистота, а од друга страна, треба да размислиме како да ја сочуваме водата.

Здружение на бизнис жени: Велите дека е неопходна едукација на земјоделците за наводнувањето на различни култури, што е особено важно за производството.

Сузана Димитриевска: Токму така. Јас постојано внимавам на таа потреба. Многу е важно за производството на секоја култура затоа што секоја е специфична на свој начин по однос на потребите од вода. Треба да се вршат обуки со земјоделските производители за тоа колкава количина вода е потребна и со која динамика и на кој начин да го вршат наводнувањето. Затоа што, на пример, ако не знаете со колкава количина да наводните, лесно може со водата да ги измиете хранливите состојки, што воопшто не е добро за одредената култура.

Здружение на бизнис жени: Дали земјоделците ја штедат водата и како производителите на органска храна ја штитат водата од долготрајни загадувања?

Сузана Димитриевска: Не можам да кажам за сите, но во принцип земјоделците водат сметка за количините за водата. Има периоди кога има големи суши и кога мора да се наводнува, а ние во Овче Поле ги користиме ресурсите на Калиманци, кои тогаш се потребни во големи количини.

Би зборувала и за предлогот во новиот Закон за води, земјоделците да ја плаќаат потрошената вода. И тука има две страни. Сметам дека земјоделците ќе ја плаќаат водата бидејќи им е неопходна, но со тоа ќе дојде до зголемување на цената на производите, што повторно доведува до нова замка. Колку и дали е тоа воопшто можно? Треба да се направи подготовка на тој систем на плаќање на водата.

Треба едукација и за користење на пестициди за да не се загадуваат целосно и почвата и водата. Со тоа што јас како производител на органска храна користам средства за заштита и прихрана кои не ја загадуваат почвата, создавам услови да се намали и загадувањето на водите, чија загаденост, пак, оди директно во почвата. Имено, пестицидите преку наводнувањето одат во почвата и понираат длабоко, а оттаму се слеваат во подземните води и се враќаат како воден ресурс. Всушност, за тој круг во производството на здрава храна немаме ниту некоја студија, ниту патоказ за да знаеме колку и како се загадува водата.

Здружение на бизнис жени: Колку од средствата дадени за развој на земјоделството се наменети за водните ресурси и користењето на водата?

Сузана Димитриевска: Средствата се расцепкани на повеќе делови и не се користат максимално. За водата немаме насоки, некоја студија како на генерално ниво водата да се користи рационално. Сметам дека земјоделците не користат вода прекумерно односно повеќе од она што им е потребно. Ако во една година се стават водомери, кога ќе се види колку се троши, потоа треба да се направи акциски план во која насока да се оди. Во моментот, без некој показател, ние земјоделците немаме правец по кој треба да се движиме – ем да наводнуваме колку што е потребно, ем да не ја трошиме водата повеќе од потребното.

Здружение на бизнис жени: Која е клучната точка кон која треба да се насочат активностите за пофункционално користење на водните ресурси, но и за подобри производи и можности за нивен подобар пласман?

Сузана Димитриевска: Мора да се одвојат средства и време и да се направи систем според кој земјоделците ќе имаат можност за обуки, за да научат повеќе за системите за наводнување. Не е доволно само да се стави систем „капка по капка“ и со тоа се решил проблемот. Наводнувањето е еден од клучните сегменти во растот на земјоделските култури и во него се вклучени повеќе луѓе. Наводнувањето бара и организација, и пристапност на водата, и соодветно искористување. Бара исклучиво тимска работа и инвестиции во олеснет пристап за наводнување.

 

Интервјуто го изработи Здружението на бизнис жени во рамки на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Датум

1 септември 2021